„Учители свети, вашиот спомен светло празнувајќи го, од сѐ срце ве молиме: народите што ги збогативте со ризницата на Евангелието, утврдете ги врз каменот на Христовото исповедање, и нашиот живот во мир запазете го“ (светилен на Утрена на празникот на св. рамноапостолни Кирил и Методиј).
На 24.05.2020 година, во Шестата недела по Пасха - Неделата на слепиот и на празникот на светите рамноапостолни сесловенските и македонски просветители Кирил и Методиј, во параклисот „Св. Кирил и Методиј“ во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Asics shoes | FILA FX-100 White Blue , Where To Buy , undefined , nike lebron 9 ps white house black screen
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Во светото Евангелие според Марко се вели дека Господ Исус Христос ги избира дванаесеттемина да бидат со Него и ги испрати да проповедаат (Мк. 3, 14). Христос ги испратил да го наговестуваат Царството небесно. Кога нашиот Спасител ја започнал Својата проповед, привлекол големо внимание и многумина Го следеле и покажувале интерес, бидејќи Tој правел многу чуда. Христос лекувал најразлични болести, а исто така предизвикувал интерес и со Своето учење. Но, на Неговиот животен пат, Него постојано Го следеле Неговите апостоли кои Го засакале божествениот Учител од длабочината на срцето и внимавале на секој Негов збор. Христос ги избрал најревносните и најпредани ученици кои биле најподготвени за служење на Бога, како и за патот на апостолската проповед, за да бидат благовесници на царството Божјо на земјата. Неспорно и на апостолите им било потребно време за духовна подготовка. Апостолите, одејќи подолго време со Христа, гледале повеќе чуда направени од Него, а и самите благодарение на дејствителното служење на славата Христова се подготвувале да примат и пример и знаења на праведен живот од божествениот Учител. Следствено на тоа, го примиле и учењето за спасението преку божествените тајни и наследувањето на Царството небесно.
Но, се поставува прашањето: што значи одење по Христа? Одењето по Христа има двојно значење. Прво, во буквална смисла на зборот значи да се чекори по Христа. Во преносна, пак, смисла значи Негово подражавање од страна на Неговите следбеници и следење на Неговото учење. Ние можеме да видиме кој може да Го следи на двата начина, а кој може да Го следи само на еден начин. Апостолите Го следеле Христа на двата начина. Тие оставиле сѐ и Го следеле, проповедајќи го Евангелието не со нивната мудрост, туку со Светиот Дух, Кој ги поучувал каде и што треба да зборуваат. Заради својата вера и верност, апостолите од Бога примиле невообичаени дарови. Тие постанале први последователи на Господа Исуса Христа. По нив пошле сите останати. Тие се последователи на Христа бидејќи можеле физички да одат по Него. Но, сите останати кои ги следат апостолите и нивните наследници, стануваат следбеници Христови на духовен начин. Затоа апостолите оставиле свои наследници, преку апостолското преемство. Така, Црквата Христова, преку апостолите и нивните наследници, го продолжила проповедањето на Евангелието и спасителната наука на Господа Исуса Христа.
Во IX век, Цариградскиот патријарх Фотиј одговорил на молбата на кнезот Ростислав Моравски, кој побарал мисионери за да го христијанизираат неговото кнежевство. Размислувајќи за погодни луѓе кои ќе можат да ја остварат оваа мисионерска и просветителска дејност и имајќи предвид дека светите браќа Кирил и Методиј имале претходно искуство со мисијата кај Хазарите, ги избрал токму нив и ги испратил за оваа дејност кај словенските народи во денешна Чешка и Словачка. Пред да појдат на ова мисионерско патување, светите браќа ги превеле најнеопходните богослужбени книги и дел од Библијата за да можат на разбирлив словенски јазик да ѝ проповедаат на словенската паства. Како секоја почетна работа што има свои тешкотии и маки, така и оваа мисионерска дејност наишла на силен отпор кај тогашното латинско духовништво, кое било зафатено од ерес која учела дека словото Божјо може да се проповеда само на три јазици: еврејски, грчки и латински. Но, двајцата рамноапостолни словенски просветители преку Римскиот Папа се избориле да добијат дозвола за да го словат словото Божјо и на словенски јазик, повикувајќи се на фактот дека Господ подеднакво го дал сонцето и за праведниците и за грешниците и дека за Него нема разлика ниту машкиот и женскиот пол, ниту народната припадност, ниту било која друга разлика помеѓу луѓето. Делото на светите браќа е епохално, не само за Моравија, туку и за сите словенски народи, бидејќи по прогонот од моравските простори, нивните свети ученици ќе ја продолжат оваа благородна просветителска и учителска дејност на нашите простори. Особено во тоа ќе се истакнат светите Климент и Наум Охридски кои токму во Охрид ќе развијат силен книжевен и духовен центар, со што нема да згасне делото на светите Кирил и Методиј, туку од овде ќе се прошири кај сите словенски народи. Затоа во тропарот, светите браќа ги нарекуваме: „рамни по нарав на апостолите и учители на словенските земји".
Прославувајќи го денеска нивниот празник, да се обратиме со искрена молитва за тие да бидат наши молитвеници, па нивното дело посеано пред единаесет века да продолжи да живее и да просветлува и осветлува со евангелските лачи. Да одиме по вистинскиот пат и да Го прославуваме Севишниот, препородувајќи се себеси и наследувајќи го Царството небесно, сега и во сета вечност. По молитвите на светите Кирил и Методиј, така нека биде. Амин.
Свети Кирил и Методиј
Параклис „Свети Кирил и Методиј"
Манастир „Свети Наум Охридски" Охрид
24.05.2020 год.





