„Нека се радува небото, нека ликуваат земните, оти Христос се јави како човек од Дева, и со Својата смрт го избави целото човештво од распадливоста; а на жената Самарјанка, која бараше вода, ѝ даде извор на исцеленија, како единствен бесмртен, Кој засветли со чудеса“ (седален на Утрена во Петта недела по Пасха).
На 17.05.2020 година, во Петтата недела по Пасха - Неделата на Самарјанката, и на празникот на св. мч-чка Пелагија Тарсиска и св. свешт-мч. Силуан, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тиммотеј изврши осветување на параклисот „Св. Николај Мирликиски Чудотворец“ во ман. „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир. Параклисот е во склоп на Источен палат, чии темели се поставени на 07.07.2009 година, а овој параклис е изграден со заложбите на високопреподобниот игумен на манастирот, архимандритот Партениј. Параклисот е живописан во 2014 година од страна на зографот Горан Боев, монахот Аверкиј и браќата од овој свет манастир, кои и го позлатија иконостасот. По осветувањето, беше отслужена и првата света Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонасите Ефросиниј и Кирил и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, којашто подолу ви ја пренесуваме во целост. На самиот крај, беше отслужена и Трисагија за покој на душата на скоро починатиот почитуван професор на Православниот богословски факултет во Скопје, проф. Петко Златески.
Best jordan Sneakers | Nike SB
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
„Нема разлика меѓу Јудеец и Елин, зашто еден и ист е Господ на сите, богат за сите кои Го призиваат" (Рим 10, 12).
Еден е Творецот на светот. Еден е Господ на сите народи и племиња, за сите луѓе – и за светите и за грешниците и за оние кои веруваат во Бога и за оние кои не веруваат и ја одрекуваат божествената вистина. За Милостивиот Бог не постојат државни граници и национални разлики. Он подеднакво дава благосостојби на земјата како за добрите, така и за оние кои прават зло.
Како круна на созданието Бог ги создал луѓето. Тие го носат образот Божји. Заради луѓето е создаден и украсен овој чудесен свет и токму човекот е поставен да господари со него. Ако погледнеме наоколу и ги видиме сонцето и месечината, ѕвезденото небо, реките, полињата, езерата и планините, цвеќињата и тревата, сите животни и птици, ќе разбереме дека сето тоа е создадено за да му служи на човечкиот род. Покрај овој видлив свет постои и невидлив свет, кој не можеме да го видиме со нашите телесни очи. Но, тој со својата убавина неспоредливо го надминува видливиот. И тој свет е создаден за човекот.
Но, човечкиот род паднал од лицето Божјо, преку нашите прародители и го осквернил ликот Божји во себе. Затоа Бог се оддалечил од нас. Но, и покрај тоа, Тој не се откажал целосно и засекогаш од човекот. Уште во Стариот завет продирале божествените зраци кај оние луѓе кои се труделе да ја достигнат возвишеноста и Господ делумно им ги откривал Своите тајни. Затоа и во Стариот завет се јавуваат пророци, праведници и цареви. На старозаветниот патријарх Јаков ќе му биде ветено дека од неговото семе ќе произлезе Месијата, Кој ќе го спаси избраниот народ. Така, кога се исполнило времето, Бог Го испраќа во светот Својот Син. Но, водачите на еврејскиот народ кои буквално се држеле до обредите, а не до духот на прописите Божји, не успеале да Го препознаат и примат, туку напротив – на секој начин се труделе да Го осудат, понижат и на крај да Го убијат со најсрамната смрт – распнување на крст, која била наменета за најголемите престапници и грешници во тоа време.
Како што сонцето ги разлева своите животни зраци насекаде, така и Спасителот му ја дарува на светот божествената благодат и тоа не на еден избран народ, туку на сите народи. Тој го ослободува целиот човечки род од ропството на гревот, извршувајќи ја тајната на искупувањето. Господ Исус Христос ги отворил вратите на царството Божјо за сите кои сакаат да одат по Него.
Токму за ова ни зборува и денешното евангелско четиво, во кое Господ Исус Христос разговара со жената Самарјанка кај Јакововиот извор во Сихар. Христос ѝ бара вода, а потоа и вели: Кога би знаела Кој зборува со тебе, ти би побарала жива вода од која нема да ожедниш. Оваа Самарјанка, иако потекнува од народ кој бил презрен од избраниот народ, таа брзо созреала за да ја прими верата во Христа, па го исповедала велејќи: „Ти си пророк" (Јн. 4, 19). Слушајќи ги зборовите Господови, оваа жена поитала да ги повика сограѓаните, известувајќи ги со зборовите „Ми кажа сѐ што сум направила. Дали не е Он Христос?" (Јн. 4, 29). Да не е долгоочекуваниот Месија? Христос бил замолен од Самарјаните да остане кај нив и да им го проповеда новото учење и Тој добил повеќе следбеници кај нив, отколку во Својот роден град Назарет.
Со овој пример Господ Исус Христос ги подготвил Своите ученици и апостоли за нивната проповед, не кај избраниот еврејски народ, туку кај сите народи на земјината топка. Токму преку овој пример, апостолите ќе ги разберат зборовите Христови: жетвата е голема а жетварите се малку. Затоа сите апостоли по нивното утврдување на Педесетница, ќе се оддадат на евангелизација на разните народи, проповедајќи го словото на Господа Христа и спасението на човечкиот род. И ние да се обратиме со искрена молитва за и нам да ни се отворат духовните очи, па да ја засакаме науката Христова и да постапуваме според неа за да спечалиме вечен и блажен живот.
Денеска, осветувањето на овој параклис посветен на свети Николај Мирликиски чудотворец во оваа Бигорска обител, нека послужи за наше просветлување и утврдување на нашата вера. Да ни ги отвори духовните очи, да ни ја умножи љубовта, па да го проповедаме и сведочиме словото Божјо како вистински следбеници на Господа Христа. Во оваа прилика, сакам да искажам благодарност на братството на чело со игуменот, архимандрит Партениј за нивната неуморна грижа за градење и воздигнување на Црквата Божја преку монументалните зданија, но уште повеќе и поважно во срцата и душите на благочестивиот православен народ ширум нашата сакана татковина. Амин.
Недела на Самарјанката
Параклис „Свети Николај Мирликиски"
Бигорски манастир „Свети Јован Крстител"
17.05.2020 год.





