„Со љубопитната десница, Тома ги испита Твоите животодателни ребра, Христе Боже, кога си влегол низ заклучените врати, и со другите ученици викаше: Ти си мојот Господ и Бог“ (кондак на Утрена на Томина недела).
На 26.04.2020 година, во Неделата на Антипасха - Томина недела, во храмот „Св. Николај Мирликиски Чудотворец“ во Долна Маала, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошкко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Сашо Ристески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
buy footwear | Women's Designer Sneakers - Luxury Shopping
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Христос воскресе!
Драги браќа и сестри,
Целата Светла седмица торжествувавме и се радувавме за воскреснатиот Господ. Деновите на Пасха продолжуваат со прославувањето на Спасителот, Кој се покажува во Своето физичко тело пред учениците, изложувајќи се на испитување на Неговото воскресение од мртвите. Апостолите кои имале можност да Го видат Христа распнат и умрен, гледајќи Го Божествениот Учител воскреснат од гробот, ликувале во срцата, уверувајќи се во верноста на светото воскресение. Светото Евангелие ни раскажува за неколку јавувања на воскреснатиот Господ. Денешното Евангелие зборува за две такви јавувања. Едното се случило на самиот воскресен ден пред учениците, кога бил отсутен апостолот Тома. Поминувајќи преку затворената врата, Исус им рекол: „Мир вам!" (Јн. 20, 14).
Воскреснатиот Христос се појавил пред учениците преку затворена врата, затоа што учениците биле исплашени од јудејското гонење. Стражарите кои биле поставени за да го чуваат запечатениот гроб, брзо ја пренеле веста до јудејскиот синедрион дека Христос воскреснал. Првосвештениците и старешините јудејски, веднаш скроиле лаги за да ги обвинат Христовите ученици дека ноќно време, кога стражарите заспале, тие отишле и го украле мртвото тело, а сега, пак, лажат дека Христос воскреснал. Токму заради овие лаги, учениците биле преплашени и се криеле во затворени простории, не осмелувајќи се да се појават во јавност. И покрај тоа што од жените мироносици слушнале за воскресението Христово, апостолите сѐ уште биле загрижени и жалосни и просто не можеле да поверуваат во воскресението. Во нивните души сѐ уште постоел сомнеж и страв. Во таква состојба, Христос влегол преку затворена врата и им рекол: Мир вам! Господ Исус Христос како срцевидец го видел сомнежот, од кој биле обземени Неговите возљубени ученици. Но, воскреснатиот Христос сакал да ги ободри со Својата љубов. Од денеска не треба од ништо да се плашат. Победителот на адот и смртта стои пред нив, а за подобро уверување им ги покажува раните на рацете и прободените ребра.
Апостолите и учениците Христови сега ги опфатила неопишана радост. Дури сега во нив се разбудила верата во Синот Божји, а се исполниле и со готовност да пострадаат за вистинитоста на проповедта на нивниот Учител, Кој пострада за родот човечки. Ако Спасителот воскреснал, тогаш и кај апостолите се појавила увереност во нивното лично воскресение. После сето тоа, зар има потреба да се плашат од смртта? Зарем нешто ги спречувало да пострадаат за радоста во Христа?
Но, се поставува и прашањето: што поучно добиваме ние од денешното Евангелие? Пред сѐ, опишаниот настан е еден сериозен разговор за верата. Токму, пак, верата се јавува како основа и непобитен услов за наше спасение. Господ вели: „верувајте во Бога и во Мене верувајте" (Јн. 14, 1). Се поставува прашањето: зошто гневот Божји паднал на Јудејскиот народ? Одговорот е: заради нивното неверие. Бог толку го засакал светот што Го испратил Својот Единороден Син, а во меѓувреме го подготвувал избраниот народ за пречек на Месијата. Но, кога Господ Исус Христос дошол, многумина не сакале да поверуваат во Него. Колку, пак, ние како христијани сме почестени со верата во Господа Исуса Христа! Во верата е нашето спасение, но само во вистинската вера. Можно е ние со устата да го исповедаме верувањето во Господа, но со делата да се оддалечуваме од Бога. Токму таа вера нас нѐ оправдува пред Бога и нѐ спасува. Од Бога, пак, се оддалечуваме и стануваме осудени и лишени од Него, доколку неа ја немаме. Силата на Христовата вера е неопислива. Таа нѐ оправдува, нѐ очистува и оживотворува. Затоа, потребно е сите ние да се стремиме кон оваа увереност за да ја запечатиме вистинската православна вера. Таа е верата која ја пројавил и свети апостол Тома, кој го прогонува нашето неверие. Треба да запомниме дека сите кои веруваат во Синот Божји имаат живот вечен, а тие што не веруваат нема да видат живот. (Јн. 3, 36) Затоа, неверувањето е погибел за душата и духовна смрт.
Да веруваме во воскреснатиот Спасител, да Го сакаме со сето срце и да ја извршуваме Неговата света волја. Да бидеме добри, милосрдни, сострадални, смирени, да се потрудиме да живееме според Божјите заповеди и како вистински христијани да се здобиеме со вечен и блажен живот. Амин.
Томина недела
Храм „Свети Никола", Долна Маала, Охрид
26.04.2020 год.





