„Радувајте се, луѓе, и веселете се! Ангелот што седеше на гробниот камен, тој ни благовести, велејќи: Христос - Спасителот на светот - воскресна од мртвите, и со благопријатна миризба ја исполни вселената. Радувајте се, луѓе, и веселете се!“ (хвалитна стихира на Утрена во Понеделник од Светлата седмица).
На 20.04.2020 година, во Понеделникот од Светлата седмица, кога го празнуваме Вториот ден од Воскресението Христово, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Игор Никовски, свештеникот Горан Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
best shoes | NIKE
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Христос воскресе!
Драги браќа и сестри,
Воскресението Христово е радост над сите радости. Господ Христос сите ги прегрнува. Со Неговата љубов е создадено сѐ што живее во овој свет, а поредокот на Божественото достоинство тоа му го подарил на човечкиот род. Ова устројство добива целосна смисла само со Христовото воскресение. Ова чудо над сите чудеса ја проникнува секоја мисла и секое чувство и го просветува целото суштество и целиот живот на христијаните. Само злобниот човек се спротивставува на таа неискажлива радост. Само нашата духовна заспаност ја поматува духовната радост за да не ја слушнеме Пасхалната блага вест која ни ја кажува светиот апостол Павле со зборовите: „како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние да одиме во обновен живот" (Рим. 6, 4).
И пред јавувањето на Спасителот во светот имало луѓе способни да покажат љубов и да се стремат кон справедливост и вистина. Навистина, таквите поединци се губеле во морето на мракот во кој лежел светот. Често и праведните луѓе лежеле во црната земја. Од задгробниот живот не допирале никакви вести и правењето добри дела, судејќи според смртта се покажувало како бесмислено. Кај најголемиот дел од народот преовладувале зборовите на старозаветниот мудрец кој вели: „За секој и за сите е едно: една судбина за праведен и за неправеден, за добар и лош, за чист и нечист, како и за оној кој принесува жртви, така и за оној кој не принесува; како за добар, така и за грешник; како за оној што се колне, така и за оној кој се бои од клетва. Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, бидејќи за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот" (Проп. 9, 2 и 5). Но, овој земен мудрец направил голема грешка. Сега, откако Господ Исус Христос воскресна од гробот, сета оваа мудрост на безнадежност отпаѓа. Во тој миг на луѓето им е подарен светлозарен зрак и знаење. Христос пред нас ги отвори вратите на вечното Царство. Не исчезна без трага човековата љубов и милосрдието и овие добродетели не се закопани во гробница во црната земја. Тие се семиња кои растат и прекрасно се искачуваат во нашата небесна татковина. Не се пролеваат напразно на земјата крвта и солзите на праведниците. Земниот посев на воздишките, чувствата и благодетните дела донесуваат златен плод на бесмртноста. Луѓето повеќе не се обичен прав кој е пропадлив, туку тие се возљубени созданија на Севишниот и се повикани во слава како деца Божји. „ Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените... Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небото... и како што го носиме обликот на земниот, така ќе го носиме и образот на Небесниот" (1 Кор. 15, 20, 47 и 49).
Жртвената љубов е вистинскиот пат кон Царството Божјо. Токму тоа свето чувство е способно да се претвори во небесна обединувачка љубов преку која се создава семејството Господово, составено од небесното воинство и безбројното мноштво на луѓе од сите времиња и народи спасени со жртвената Божја љубов. Со обраќање на секој еден од нас, целиот горен свет торжествува заедно со Господа Исуса Христа. Ние како христијани сме должни со нелицемерна љубов кон ближните да ги напоиме нашите срца и преку тоа во целосна полнота да ја познаеме и прославиме светоста на Пасхата. Ако во нас се зароди меѓусебна љубов, тоа ќе биде празник и за Самиот Господ Исус Христос.
Христос воскресна – навистина воскресна! Повторно и повторно одекнува оваа прекрасна вест, откривајќи ни ја вистината за убавината на вечноста и животворната тајна на љубовта Божја. Да нѐ удостои Господ, секого од нас, во нашите души да ја сочуваме големата пасхална радост и да не го повредиме тој чудесен бисер на духот за било какви грст земни соблазни и задоволства, за да не го потрошиме нашиот живот во суети и бесцелно. Според заветот на апостолот, во себе да ја сочуваме љубовта Божја, очекувајќи од Господа Исуса Христа вечен живот. Амин. Христос воскресе!
Втор ден Велигден
Храм „Свети Георгиј Победоносец", Охрид
20.04.2020 год.





