Пеејќи ја спасителната песна, дојдете сите верни, да се поклониме во домот на Господа, велејќи: Ти, Кој на Крстот се распна, и од мртвите воскресна, и Кој си во прегратките на Отецот, очисти ги нашите гревови“ (песна на Господи повикав... на Вечерна во Светата и велика Недела на Пасха).
На 19.04.2020 година, во Светата и велика Недела на Пасха, во поладневните часови, кога го празнуваме таканареченото Второ Воскресение Христово, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена свечена воскресна Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Сашо Богданоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. На Вечерната богослужба, беше прочитано и Евангелието според Јован (Јн. 20, 19-25), на повеќе јазици, а по завршетокот на богослужбата . Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Sport media | Nike Air Max 270
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Христос воскресе!
Драги браќа и сестри,
Воскресението Христово му сјае на човечкиот род како виножито над потокот на омразата, злобата и страдањето. На Земјата ниту било, ниту, пак, ќе биде такво свечено и радосно собитие. Пасхалната радост ја опфаќа сета вселена, сите времиња и сите поколенија на луѓе. Таа е вера на верните, надеж на надежните, правда на праведните, љубов на оние што љубат, а сето тоа се сместува во еден глас и восклик: Христос воскресе! Со овие кратки зборови е даден одговор на сите прашања на мудреците за смислата на нашиот живот. Спасителот воскресна и на луѓето им се откри патот кон среќна бесмртност, кон воскресение во љубовта Божја.
Пасха серадосна, Пасха благодатна, Пасха спасителна! Самиот воскреснат Господ Исус Христос е домаќин на прославата. Он наместо преодни гревовни патишта ни ја предлага Неговата преслатка љубов. Господ Исус Христос нѐ повикува со едно срце и со една душа да се приближиме кон радосното небесно блаженство.
Овој ден го создаде Господ за радост и веселба. Светлината Христова го напојува целото суштество на човекот. Во душата на просветените повеќе нема место за жал и разочарување, а нивните тела се допираат за да го претвкусат воскреснатиот живот, сообразувајќи се со славното тело Господово (Фил. 3, 21). Нема ништо поубаво од вистинското Пасхално ликување. Безмерната љубов торжествува во срцата на луѓето, „бидејќи нашето живеалиште е на небесата од каде што Го очекуваме Спасителот" (Фил. 3, 20). Свети апостол Павле вели: „радувајте се секогаш во Господа и пак ќе речам радувајте се. Господ е близу" (Фил. 4, 4-5). На овие зборови секое христијанско срце одговара со: Радувајте се, Христос ја победи смртта и животот живее! Со овој настан не се задоволува временото, туку вечното битисување на човекот. Со воскресението Христово силно е запален светилникот како кула. Тој ни предвестува радост и пристигнување во пристаништето после бурата на животното патешествие.
Христос тивко и величествено доаѓа и кај нас во овој час, преку отворените царски двери, раширувајќи ги Неговите раце прободени со клинци. Ние, пак, си поставуваме прашање: Што бара и што очекува Господ од нас? Тој ни вели: Љубете се еден со друг како што Јас ве возљубив. Тоа е Неговата света заповед (Јн. 15, 12). Воскресението во Божјата љубов – тоа е целта и високата смисла на нашето живеење и постоење. Ние нема да ја постигнеме таа света цел ако не научиме да простуваме и со сето срце да ги сакаме нашите ближни, поради кои Господ Христос дојде но Земјава, претрпе страдање и умирање и на крај воскресна. Ние сме обединети во Неговата жртвена љубов. Со Неговото чудесно воскресение ние влегуваме во прекрасната Пасхална радост. Така, да се утешуваме еден со друг со збор и дело, со милосрдие и поттикнување на добрите чувства. Да допуштиме од Сонцето на правдата – воскреснатиот Христос, да се разгори огнот на љубовта во нашите срца, па да правиме добри дела и со тоа да покажеме дека сме вистински Христови следбеници.
Повторно одекнува оваа прекрасна вест, откривајќи ни ја неискажаната вечна убавина, односно тајната на Божјата љубов. Да се удостоиме, како што Господ сака од нас, да ја зачуваме во нашите души големата Пасхална радост! Да не го заменуваме тоа чудесно богатство на духот за било какви земни соблазни и суетни животни желби. Според заветот на апостолот Павле, да ја сочуваме во себе љубовта Божја, очекувајќи милост од нашиот Господ Исуса Христа за вечен живот (Јуда 1, 21). Амин.
Второ Воскресение
Храм „Света Софија", Охрид
19.04.2020 год.





