„Спасителу мој, Кој си горе на престолот, Ти пеам песна проштална и погребна, Тебе, Кој со Твоето погребение ми ги отвори вратите на животот и, со смртта - смртта и адот ги уништи“ (песна од канонот на Утрена на Велика Сабота).
На 17.04.2020 година, на Велики Петок навечер, кога го славиме боготелесното погребение и слегувањето во адот на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена Утрена богослужба со Опелото на Господа Исуса Христа, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Adidas footwear | spike shoes nike running shoe size chart boys
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Пророштвата за страдањето и смртта на Спасителот се наоѓаат уште во зборовите на старозаветниот пророк Исаија кој на jудејскиот народ му зборува за Месијата: „Праведникот умира и никој не се загрижува; и никој не помислува дека праведникот од зло се оттргнува" (Ис. 57, 1). Денеска ние го извршуваме погребението на Господа Исуса Христа според чинот на Православната Црква и со плаштаницата ја обиколуваме црквата. Семилостивиот Бог Кој направи толку чуда е симнат од крстот и положен во гроб, за нам грешните и немоќни да ни даде ослободување од гревот и надеж во вечниот живот. Со Своето тело, Синот Божји престојувал во гробот, а Неговата пречиста душа слегла во адот. За тоа ни сведочат црковните песни: „Адот царува над родот човечки, но неговата власт не е вечна" (Шеста песна од канонот на Велика сабота). Господ Исус Христос не само што дојде на Земјава, туку слезе и во адот, во местото оставено без Бога. Тој го озари адот со Својата божествена светлина, за и тие што престојувале во него и се наоѓале во безутешна тага да ја слушнат Неговата божествена проповед.
Слегувањето на Господа Исуса Христа во адот има значење не само за душите што престојувале заклучени во темнина, туку и за сите христијани, бидејќи тоа било место во кое Бог не бил присутен. Бог присуствувал како на Земјата, така и во Рајот. Но, може да се постави прашањето: зошто милостивиот и сестрадален Бог допуштил да постои адот – местото на темнина и страдање? Одговорот е многу едноставен: затоа што во срцата и душите на луѓето сѐ уште постои завист и подготвеност за грев. Адот постои бидејќи човечката злоба не се изгубила и ние со нашите страсти и пороци сме причина за неговото постоење. Тој ќе постои сѐ додека не ги победиме во нас гревот и страста и сите наши беззаконија.
Сега стоиме со трепет и побожност пред гробот Господов во кој почива божествениот Страдалник. Какви чувства нѐ опфаќаат во овој момент? Дали не се запрашуваме себеси за степенот на нашата вина за тоа што се случува? Некој може да каже дека тоа било многу одамна и нас од голготската жртва не дели големо временско растојание, па затоа за овој чин се одговорни Јудејците, а ние како луѓе немаме удел во тоа дело. Но, да се замислиме над плаштаницата дали навистина сме така невини? Кај јудејскиот народ, покрај многуте закони што постоеле има и еден закон кој вели: ако се најде убиен човек, а не се знае од кого настрадал, и старешините јудејски да принесат заклана жртва и да ги измијат своите раце врз главата на жртвата и да речат: „нашите раце не ја пролеаја оваа крв и нашите очи не видоа; милостив биди спрема луѓето твои во Израилот" (5 Мојс. 21, 7-8). Еве, пред нашите очи во гроб почива нашиот Господ Исус Христос. Дали и ние со увереност можеме да посведочиме дека нашите раце не ја пролеале крвта и нашите очи не виделе? Дали и ние не клеветиме како и лажните сведоци и водачи на Јудејците кон безвиновниот Спасител? Дали и ние со нашите постапки не навредуваме одредени луѓе и не им нанесуваме болка и жалост од различни побуди, а преку тоа ожалостувајќи Го и нашиот Господ? Дали и кај нас не постои гордоста и користољубието Јудино? Со сите наши неправди кон луѓето и страдањата кои им ги нанесуваме, ние повторно Го распнуваме Синот Божји.
По Својата неискажлива љубов, Спасителот ги зел нашите гревови и со крстната смрт го искупил целиот човечки род. Неговата милост е безгранична. Но, кога ние повторно грешиме и правиме беззаконија, сета тежина соединета паѓа на нас. И како ли може да не падне, кога ние грешиме и со тоа повторно Го подложуваме на страдања нашиот Господ Исус Христос? Ние постануваме уште повиновни од оние што Го распнале Христа, бидејќи тие не ја виделе подадената рака, а ние сознателно грешиме по наша слободна волја и се оддалечуваме од Бога. Но, кога ние ќе ја разбереме нашата ништожност и гревовност пред очите Божји и кога принесуваме искрено покајание, Господ ни простува и нѐ вбројува во Неговите возљубени чеда. Затоа и ние да пристапиме со искрено покајание, молејќи прошка за сите наши престапи. Амин.
Велики петок
ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник, Охрид
17.04.2020 год.





