„Од насладите на овој свет, како штетни, си се остранил и, откако со пост телото си го ослабел, крепкоста на душата си ја обновил, преподобен, и со слава небесна си се збогатил, преславен. Затоа не престанувај да се молиш за нас (оче) Јоване“ (светилен на Утрена во Четврта недела од Великиот пост).

 

На 29.03.2020 година, во Неделата од четвртата седмица на Великиот пост - Неделата на преп. Јован Лествичник, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

Running sport media | Nike Air Max 270 - Deine Größe bis zu 70% günstiger

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Четвртата недела од Велигденскиот пост, светата православна Црква ја посветила на еден прекрасен учител на побожноста и подвижништвото – светиот Јован Лествичник. Овој Божји угодник се подвизувал во Египет во прочуениот Синајски манастир во VI век. Од најмлади години го започнал својот подвижнички живот на Синајскиот полуостров, а подоцна станал и игумен на познатиот Синајски манастир. Овој угодник Божји се прочул со својот испоснички и духовен живот уште од најмлада возраст. Како игумен на манастирот, тој го продолжил строгиот монашки типик на оваа света обител и ги поучувал бројните браќа на постепено усовршување кон Царството Божјо. На барање на неговите духовни чеда од Раитската обител, кои посебно го вреднувале неговиот испоснички живот и духовниот опит, тој ја напишал книгата Лествица. Оваа книга содржи повеќе скалила кои го водат секој еден добронамерен христијанин во усовршување на својот духовен живот. И покрај тоа што е наменета за монаси, таа му е од корист и на останатиот христијански род. Оваа книга ја опишува духовната борба на секој човек, која треба да ја помине во искачувањето кон Царството небесно.


Уште во Стариот завет, на патријархот Јаков му било објавено видението: како скала стои на земјата, а врвот достигнува до небото. Ангелите Божји слегувале и се искачувале по неа (1 Мојс. 28, 12). Со воскресението Христово небото е отворено за земните жители и по благодатта Божја по таа лествица се имаат издигнато во небесната татковина безброј свети подвижници, кои уште за нивниот овоземен живот се уподобиле на ангелите Божји. За степените на совршенството ни зборува и свети апостол Павле: „знаејќи, дека од маката се раѓа и трпението; од трпението, пак – искуство, а од искуството – надеж; надежта, пак, не нѐ посрамува, зашто љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Духот Свети, Кој ни беше даден" (Рим 5, 3-5).


При искачувањето на лествицата, која нѐ води кон духовно совршенство, на секој чекор нѐ пресретнуваат многу искушенија и опасности. Поминувајќи по овој пат потребно е да се биде внимателен, а движењето да биде постапно. Тој кој пристапува кон духовното совршенство со трчање и без духовен раководител и се дрзнува набрзина да постигне повисок духовен степен на совршенство, тој неминовно паѓа во пропаст и во очајание, и се заплеткува во ѓаволските мрежи. Од бројот на ваквите самонадежни луѓе излегуваат лажните пророци, лажните учители, мистици и еретици. По поинаков пат, пак, полека, смирено и со послушност, преподобниот Јован Лествичник ги води своите послушници. Во триесет скалила – според годините на Господа Христа пред да излезе на проповед, свети Јован Лествичник го илустрира совршенството на овој божествен напредок. Секоја скала покажува ново духовно искачување и нов степен на духовна радост.


Покажувајќи ги основите на чекорењето по духовната лествица, преподобен Јован пред сѐ пишува за тоа какви треба да бидеме стапувајќи на патот кон ова подвижништво. Христијанинот е тој кој, колку е можно за човекот, ќе го поддржува Христа со збор, дело и мисла, со вистинска и непорочна вера во Света Троица. Богољубец е оној кој се ползува со сите сили со цел да прави добри дела.


Гревот е тешка болест за душата, која го разорува нашиот внатрешен свет. Свети Јован како искусен лекар кој го истражува коренот на сите слични заболувања, појаснува од што доаѓаат оваа или онаа душевна страст. Тој поучува како да се бориме за да се избавиме од злопамтење, лошо зборување, чревоугодие, безмерна гордост и како да се сочува целомудрието. Лекарството препишано од свети Јован се покажува горко, но плодовите на следењето на неговите совети се свети и предизвикуваат бесконечна радост во Господа.


Да се потрудиме според нашите сили на овој благодатен пат. Според зборовите на светиот апостол Павле: „да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ги очистиме срцата од лукава совест" (Евр. 10, 22). Да бидеме усрдни во деновите на Великиот пост и да се вдлабочиме во молитвата, слушајќи ги зборовите на свети Јован Лествичник кој вели: „Како што дебела птица не може високо да лета, така угодувајќи си на своето тело, не е можно да се искачиме на небото". Наоѓајќи се на овој пат на искачување кон небесниот Ерусалим, да ги послушаме зборовите на старозаветниот пророк Исаија кој вели: „Дојдете да се искачиме на гората Господова во домот на Бога" (Ис. 2, 3). Амин.


Четврта недела од Великиот пост
ман. „Св. Климент и Пантелејмон" Плаошник - Охрид
29.03.2020 год.

 

cetvrtanedvp2020 1cetvrtanedvp2020 2cetvrtanedvp2020 3cetvrtanedvp2020 4cetvrtanedvp2020 5cetvrtanedvp2020 6

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5