„Свештен и божествен органу на Премудроста, светла трубо на богословието, согласно те воспеваме, Григорие Богопроповедниче: но, како ум којшто стоиш пред првиот Ум, кон Него упати го и нашиот ум, за да викаме: Радувај се, проповедниче на благодатта“ (кондак на Утрена во Недела од втора седмица од Великиот пост).
На 15.03.2020 година, во НЕделата од втора седмица од Великиот пост - Неделата на св. Григориј Палама, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола ХРистоски, свештениците Димче Азески и Ѓорѓи Блажевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Sports Shoes | New Balance 530 "White" MR530SG - MR530SG
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска светата православна Црква прославува еден голем и значаен поборник на православната вера. Поточно, го прославува свети Григориј Палама. Втората недела од Велигденскиот пост е посветена на овој голем борец за чистотата на православната доктрина. Овој сосуд на благодатта Божја, прекрасен угодник Божји, се јавува како пример на пастирската грижа, украсен со срце и вистински дух на потпора неопходна за секој христијанин. Овој Божји молитвеник се јавува како голем учител и се прославува во период на пост, подвизи и молитви кога се движиме кон духовно совршенство на вистинска христијанска вера и преданост. Светата Црква го прославува свети Григориј како ангел на тишината, скротувајќи ја бурата на негодувањата и на лажните обвиненија.
Свети Григориј Палама потекнува од Мала Азија. Бегајќи од наездите на Турците кон крајот на XIII век, неговото семејство се преселило во Цариград. Како млад останува без родител, но за него ќе се заземе Византискиот двор, односно императорот Андроник II и ќе се стекне со најсолидно образование. Иако му претстоела блескава иднина на дворот, тој на дваесетгодишна возраст ќе се повлече на Света Гора. Од сета своја душа тој ги примил Христовите зборови како личен повик од Бога: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене" (Мт. 16, 24).
На Света Гора најпрво се населил во манастирот Ватопед, кај искусниот старец Никодим, а по некое време преминал во тихувание во манастирот Глоси, каде ја изучувал умната молитва и се сосредоточувал на духовно и умствено тихување. Овој подвиг барал да се соедини молчењето со молитвата, па затоа и се нарекува исихазам, што буквално значи тихување. Таму тој потполно проникнал во духот на исихазмот. Но, кога се појавила опасноста од Турците, свети Григориј отишол во Солун и бил поставен за свештеник. Но, и таму продолжил да живее отшелнички. Пет дена поминувал во молитва и молчење, а само во сабота и недела одел кај народот за да служи божествена литургија и да беседи. Свети Григориј бил сјаен беседник, но исто така бил исполнет и со Божја благодат, и со нејзина помош ги победувал сите демонски лукавства. Заради овие особености бил избран и за архиереј на Солун.
Во тоа време се појавил еден учен монах Варлаам, кој бил професор на универзитетот во Цариград. Престојувајќи на Света Гора тој напишал повеќе списи за заблудите на светогорците за т.н. таворска светлина. Токму овие написи и неговата упорност ќе го принудат свети Григориј Палама да го изобличи ова погрешно учење на Варлаам и да ја објасни вистинската пројава на несоздадената светлина. Повикувајќи се на светите отци пред него, како што се свети Григориј Богослов, св. Григориј Ниски, св. Јован Златоуст и св. Василиј Велики, свети Григориј Палама ја разјаснил доктрината на исихазмот и покажал дека тоа не е монашка заблуда, туку вистинска пројава на Божјите енергии, како што било случај и со Преображението Господово. Така во 1341 г. во Цариград бил свикан собор, кој го осудил учењето на Варлаам и ја утврдил доктрината за несоздадената природа на таворската светлина. Подоцна, како наследник на Варлаам ќе се појави еден монах Акиндин, кој заедно со патријархот Јован XIV и императорот Андроник III ќе го обвини свети Григориј за поттикнување на буни и црковни нереди и тој ќе биде симнат од тронот и фрлен во затвор. По смртта на патријархот, тој ќе биде повторно ослободен и вратен на солунската катедра.
Ние денеска го прославуваме свети Григориј Палама бидејќи во текот на целиот свој живот, со многу подвизи и богословски трудови, тој им го покажал на христијаните вистинското однесување кон внатрешната молитва и значењето на постот и духовната делотворност. Пред нас не е само значаен црковен деец, туку и силен пример на подвижништво, ограден од гревови и скверности со чисто срце и мисла. Пред нас е сосуд на благодатта Божја, неракотворен храм во кој престојува Бог. Пред нас е оној кој се удостои да Го види Бога и кој присуствува пред престолот на Седржителот и се моли за нас грешните луѓе. Амин.
Недела на свети Григориј Палама
Храм „Успение на Пресв. Богородица" Каменско, Охрид
15.03.2020 год.





