„Со името твое што со право го носиш, вистински дару Божји, на сите што се во неволја, себе си се дарувал, Теодоре преблажени, оти секој оној што се приближува вистински кон храмот твој, примајќи ги со радост даровите на твоите чуда, Христа Го почитува“ (хвалитна стихира на Утрена во Сабота од Прва седмица на Великиот Пост).

 

На 07.03.2020 година, во Саботата од Првата седмица на Великиот пост - Тодорова сабота, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Nike Sneakers Store | Nike Off-White

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Еве, заврши првата седмица од Великиот пост. Со молитви и подвизи се овенча денешниот саботен ден. Во денешното Евангелие (Мк. 2, 23-25) го слушнавме расказот на Господа Исуса Христа за тоа како одел со Своите ученици во поле и бидејќи учениците биле гладни, почнале да кинат класје и да јадат. Тоа ги вознемирило фарисеите, па тие Му рекле на Господа: Гледаш ли што прават твоите ученици во саботен ден? Прават нешто недозволено.


Според јудејскиот закон на кој еврејските свештеници го учеле народот, во саботниот ден не требало да се работи ништо, особено не во поле. Фарисеите и книжниците барале многу строго да се почитува ова правило. Со тоа, тие ја менувале суштината на овој свет ден, затоа што престанале да се потсетуваат дека саботата е дадена за постигнување на морално совршенство, бидејќи во еден ден од седмицата, човекот може да се откаже од земните активности и да се посвети на Бога. Овој ден исто така се јавува и како ден за покајание, ден за размислување за направените престапи и за молитвено издигнување. Но, се поставува прашањето: дали Бог би можел на таков благодатен ден да забрани да се прави добро, да се врши милосрдие? Зар е можно Он да истапи против пројавување на љубов кон ближниот?


Да се потсетиме што кажа Господ Исус Христос по посетата на цариникот, појаснувајќи му на фарисејот што значат зборовите: „милост сакам, а не жртва" (Мт. 9, 13). Спасителот на водачите јудејски им вели: „дојдете и поучете се" (Мт. 11, 28). Но, тие ниту се научиле, ниту, пак, се удостоиле да Го запознаат Него. Ние гледаме дека Бог од нас не бара жртви. Нему не Му се потребни ниту постите ниту умувањата на фарисеите кои само ги оптоварувале луѓето со нивните измислици. На Господа Му е потребна љубов, добро дело и срдечно расположение и подготвеност да им се помогне на луѓето. Тоа е она што од небесниот Отец се цени над сѐ останато. Ако ова го разбереле Јудејците, тогаш ќе им биле јасни и зборовите на Господа Исуса Христа: „саботата е за човекот, а не човекот за саботата, зашто Синот човечки е господар и на саботата" (Мк. 2, 27). Исполнувањето на Законот е средство за да се постигне Царството Божјо, а самото по себе не е цел.


На што не учи денешното Евангелие? Пред сѐ на тоа што е љубов и милосрдие кон ближниот. Овие работи имаат поголема важност од сите закони и прописи, а за тоа самиот Господ ни вели: „милост сакам, а не жртва" (Мт. 9, 13).


Милосрдието не е само својство на вистинска човекољубивост, туку се јавува и како својство Божјо. Милосрдието и состраданието не се можни без љубов. Љубовта е движечка сила која го определува сиот човечки живот и ги создава заемните односи, побудувајќи извршување на добри дела. Љубовта кон Бога е неразделна од љубовта кон луѓето. Во луѓето ние треба да гледаме суштества возљубени од Творецот и образи Божји. Дури и беззаконијата и лошите зборови што ги изговараат луѓето не можат да го затемнат божествениот свет. Милостивиот и длабоко религиозен човек, не само што себе се посветува на служба на Бога, туку исто така се посветува и на служба кон ближниот, поднесувајќи го тоа со смирение и самопонижување, угледувајќи се на Господа Христа, Кој претрпел секакви понижувања и повторно им простил на своите мачители, принесувајќи молитва за нив. Тоа е вистинското христијанско однесување кон луѓето. Кон тоа сме повикани и тоа треба да се стремиме да го исполнуваме.


Во срцето кое љуби и милува нема грев, ниту осудување. Милостивото срце не суди, а место да суди, тоа плаче и сострадува. Да покажеме внимание кон секого, преку тоа угледувајќи се на Бога: „Ако ова сте го направиле на еден од Моите најмали, Мене сте ми го направиле" (Мт 25, 40). „Ако Бог така нас не возљуби, должни сме и ние да се сакам еден со друг" (1 Јн 4, 11). Колкава благодатна радост ни донесува таа љубов? Преподобен Нил Синајски вели: „Блажен е оној човек кој на мнозина им прави добро. Тој на судот ќе најде многу заштитници". Свети Ефрем Сирин, пак, вели: „Кој собира во својата ризница добри дела, тој се богати во Бога". Да се удостоиме и ние за време на Велигденскиот пост да најдеме непреодно богатство на љубов и да принесеме добри дела. Амин.


Тодорова сабота
Манастир „Свети Климент и Пантелејмон", Плаошник, Охрид
07.03.2020 год.

 

 todorovas2020 1todorovas2020 2todorovas2020 3todorovas2020 4todorovas2020 5todorovas2020 6todorovas2020 7todorovas2020 8todorovas2020 9todorovas2020 10todorovas2020 11todorovas2020 12todorovas2020 13

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5