„Христе, разумно Сонце на правдата, Ти си засветлил од Дева, и ѕвезда Те покажа сместен во пештера, Тебе - Несместливиот. Мудреците си ги упатил да Ти се поклонат; со нив и ние Те величаме, Животодавче, слава Ти“ (тропар од Вечерната на Рождество Христово).
На 06.01.2020 година, во вечерните часови, во храмот „Св. Петар и пПавле“ во Кичево, беше отслужена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Ѓорѓи Лапоски, протоерејот Стевчо Тошевски, свештениците Ристо Камбуроски, Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беа осветени бадниковите гранчиња, а потоа Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.
latest jordans | NIKE AIR HUARACHE
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Вечерва се собравме по повод раѓањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос од Дева Марија во Витлеемската пештера. Од вечерва започнуваме да го прославуваме големиот Господов празник – светото Христово раѓање. Уште на самиот почеток на создавањето на светот, нашите прародители, откако ја прекршиле заповедта Божја и биле истерани од Рајската градина, како плата за гревот добиле смрт. Преку нашите прародители тоа продолжува низ целото човештво. Злото и гревот долго време се множеле и народот тонел во пропаст. Уште во Стариот Завет, Бог испраќал различни учители и проповедници кои го опоменувале пред сѐ еврејскиот народ. Но, овие опомени не донесле преумување на народот. Кога, пак, се исполнило времето, Бог се смилувал над човечкиот род и Бог Отец Го испратил Својот Единороден Син – Господа Христа, Кој се родил од Дева Марија. Тој станал сличен на нас во сѐ освен во гревот. Он како второ лице од Света Троица го словеше словото Божјо, ја основа Својата света Црква и како откуп за спасение на родот човечки поднесе страшни маки и распнување. Така, со Неговата пречиста крв Он даде откуп за паднатиот човечки род. Преку воскресението и вознесението повторно ги отвори рајските порти за секоја христијанска душа која ќе поверува и ќе живее според евангелските начела и учењето на нашата света православна Црква.
Тоа е Божјиот домострој за спасението на човечкиот род. Затоа и ние вечерва го пееме тропарот на Божик во кој се вели: „Раѓањето Твое, Христе Боже наш, светот го озари со светлината на богопознанието; преку неа служителите на ѕвездите се учеа од ѕвездата да Ти се поклонат Тебе, Сонце на правдата, и да Те познаат, Истоку од висините: Господи, слава Ти." Во овој тропар се содржи целата суштина на утрешниот празник. Тој ни кажува дека Христос го осветлува светот со богопознанието, зашто до доаѓањето на Христа малкумина можеле да Го запознаат и да Го препознаат Бога. Со раѓањето на Господа Христа и оние што им служеле на ѕвездите, се поучиле од ѕвездата да Го познаат Христа како Сонце на правдата и да Му се поклонат како на Бога.
Мудреците на Богомладенецот му принесоа дарови како на Бог и Цар и Помазаник. Но, се поставува прашањето: Што можеме ние да Му принесеме на Божествениот Учител и Спасител? Тоа што Он Самиот од нас бара: „Синко, дај ми го Мене срцето и очите твои да ги гледаат патиштата Мои" (Изрек. 23, 26) Што значи да се даде срцето? Срце – тоа е симбол на живот. Ако нашето срце престане да бие настапува смртта. Да се даде срцето на Бога значи да Му го посветиме на Бога нашиот живот. Но, тоа посветување не бара од нас да се откажеме од сѐ што е во нас. Ние сме повикани да го отстраниме од нашето срце тоа што му пречи на Божјото присуство во нас. Кога сите наши помисли и усилби се насочени само кон нашето его, кога во нашето срце нема место за ближниот, тогаш во него нема место ни за Господа. Присуството на ближниот во нашето срце зависи пред сѐ од нашата способност да ги доживуваме и преживуваме болките и страдањата на другиот човек и да одговориме со творење милосрдие. Затоа Господ од нас бара да го набљудуваме Неговиот пат. Набљудувањето на Божјиот пат значи да се види Божјото присуство во нашиот живот и во човековата историја. Тоа, пак, значи да се види пројавувањето на Божјата љубов во човечкиот живот.
И ние кои вечерва се собравме во овој свет храм, да ги очистиме нашите души и срца од секаква нечистотија, од секакви лоши мисли и од приврзаноста кон овој свет. Така, во нашите срца да се всели правдата и љубовта, па секој од нас да подготви јасли за раѓање на Христа. Така, не само Христос да се роди, туку постојано да биде со нас, а ние со Него, па така да се обидеме да се издигнеме кон небесните височини со силна и непоколеблива вера и со правење на добри дела. Така ќе измолиме милост Божја и името христијанско ќе го носиме достоинствено. Тоа ќе ни послужи за спасение на нашите души и тела, сега и во сета вечност. Амин.
Честит Бадник!
Навечерие на Рождество Христово – Бадник
Храм „Свети Петар и Павле", Кичево
06.01.2020 год.





