„Знаејќи те како свет ковчег, кој ги носи зборовите на заветот Божји, кој спасува мноштво Македонци во вечната земја на ветувањето, водени кон вечниот живот, го почитуваме гробот на твоите свети мошти“ (песна од канонот на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).

 

И оваа година, празникот на преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец, собратот Климентов, кој го учеше во верата македонскиот народ, беше торжествено одбележан во Светинаумовиот манастир во Охрид, во неговото вечно почивалиште. Празнувањето започна на 04.01.2020 година, во вечерните часови, со Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Димче Азески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Утредента, на 05.01.2020 година, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Атанас Казанџиски, Димче Азески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал Водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

best Running shoes brand | Women's Designer Sneakers - Luxury Shopping

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска нашата света Црква прославува еден од големите учители и проповедници на светото Евангелие и науката на нашиот Спасител Господ Исус Христос на овие наши простори. Тоа е светиот Наум Охридски чудотворец, следбеник и ученик на сесловенските просветители и учители свети Кирил и Методиј.


Во тропарот на денешниот светител се вели: „Откако се соедини со Христа, светот си го оставил, откако си поживеал духовно, телото си го распнал, Науме преблажени..." Во овие кратки зборови се содржи севкупниот животен од на денешниот светител. Oткако се соединил со Христа, односно откако поверувал и тргнал по стапките на Евангелието, свети Наум го презрел светот и повеќе ништо на овој свет не можело да го оддалечи од патот што го избрал и од одлуката да оди по Христа. Тој решил не само да оди, туку и да се соедини со Христа. Тоа значи дека Христос постојано пребивал во неговите мисли, во неговите постапки и во целиот негов живот. Токму затоа се вели дека го оставил светот. И покрај тоа што физички живеел во овој свет, неговите делувања не биле од овој свет. Тој се трудел на секој начин да го постигне вечниот небесен живот во Христова близина и во хорот на останатите Божји угодници.


Во втората мисла се вели дека откако поживеал духовно го распнал телото. Тука зборот распнување не треба да го разбереме буквално како измачување во мазохистичка смисла. Распнувањето треба да го разбереме во духовна смисла. Тоа значи дека свети Наум посветувал многу повеќе време и внимание за стекнување на духовните добродетели и за духовно растење, отколку за задоволување на потребите на телото. Само преку нормален подвижнички живот, а тоа подразбира истоштување на телото со мерка, односно според силите – само тогаш може да се создаде правилна хармонија и издигнување од овој грешен свет кон повозвишен, поблагороден и свет живот. Токму преподобниот Наум ја имал таа мерка и знаел колку му е потребно на неговото тело за опстанок и за нормално извршување на сите обврски што ги имал и како учител во Охрид, како наследник на свети Климент, но и како духовник и раководител на оваа света обител.


Дека свети Наум бил извонреден и талентиран ум и дека имал особена дарба за поезија, се гледа преку составените богослужби за повеќемина Божји угодници. И во ова свое творештво тој ја покажал својата монашка скромност потпишувајќи се како „ништи", односно „безначаен".


Верата за свети Наум била основен двигател за сѐ што тој работел во неговиот живот и токму преку верата тој се издигнал кон небесните височини. Верата во Христа секого го издигнува кон небесниот Отец, а преку Него ги наследува и ветените блага. Кој верува во Христа, тој верува и во Бог Кој Го испратил. Оној кој верува во Синот, верува и во Неговиот Отец. Така, секој човек оди кај Отецот со посредство на Синот, како што се вели и во Светото Писмо: „Никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене" (Јн. 14, 6).


Наоѓајќи се денес во овој свет манастир, да се обратиме со искрена молитва кон свети Наум Охридскиот чудотворец, за тој да биде наш молитвеник. Тој да измоли милост Божја, па словото Божјо, кое тој го словеше на овие простори да најде плодна почва во нашите срца и души и да донесе богат плод од кој ќе имаме полза за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин.


преп. Наум Охридски
Манастир „Свети Наум Охридски"
05.01.2020 год.

 

prepnaumzim2020 1prepnaumzim2020 2prepnaumzim2020 3prepnaumzim2020 4prepnaumzim2020 5prepnaumzim2020 6prepnaumzim2020 7prepnaumzim2020 8prepnaumzim2020 9prepnaumzim2020 10prepnaumzim2020 11prepnaumzim2020 12prepnaumzim2020 13prepnaumzim2020 14prepnaumzim2020 15prepnaumzim2020 16prepnaumzim2020 17prepnaumzim2020 18prepnaumzim2020 19prepnaumzim2020 20prepnaumzim2020 21prepnaumzim2020 22prepnaumzim2020 23prepnaumzim2020 24prepnaumzim2020 25prepnaumzim2020 26prepnaumzim2020 27prepnaumzim2020 28prepnaumzim2020 29prepnaumzim2020 30prepnaumzim2020 31 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5