„Се јави како нов Авраам, Николае, зашто Единородниот Син Му Го приведе на Твојот Господ, принесувајќи постојано бескрвни жртви. Затоа си благословен како странољубец, отче, зашто си бил божествено и непорочно живеалиште на Света Троица“ (песна од канонот на Утрена на св. Николај Мирликиски Чудотворец).
На 19.12.2019 година, денот кога го славиме споменот на великиот св. Николај Мирликиски Чудотворец, образот на кротоста и правилото на верата, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерјеот Љупчо Симиџиески, еромонахот Доситеј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Анатолиј. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Authentic Nike Sneakers | Nike Dunk - Collection - Sb-roscoff
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска го прославуваме свети Николај Мирликискиот чудотворец. На овој Божји угодник се посветени многу цркви и манастири, не само во нашата Македонска православна црква, туку и кај сите како православни, така и инославни народи. Свети Никола се прославува со многу песни во кои се истакнува неговата заслуга за Црквата Христова. Но, во најкратки црти неговиот животен подвиг е опеан токму во неговиот тропар, кој денеска го слушнавме за време на богослужбата. Во него за свети Никола се вели дека тој бил: „Правило на верата и образ на кротоста". Токму овие зборови го опишуваат свети Никола како пример за православната вера, онака како што ја исповеда и проповеда светата Црква Христова. Тој како архиереј во малоазискиот град Мир Ликијски бил пример со неговиот свет и исправен подвижнички живот, не само на својата паства и на верниците, туку бил почитуван како голема морална личност и од иноверните, бидејќи она што го зборувал и проповедал и самиот го практикувал во неговиот живот. Токму затоа постанал правило на животот и на верата. И покрај тоа што не бил високообразован, свети Никола се истакнувал по својата ревност во исповедањето на верата, па како учесник на Првиот вселенски собор во 325 г. во Никеја, тој ќе се истакне како голем поборник за чистотата на учењето на нашата света Црква. Во неговиот тропар се пее дека тој е образец за кротост, бидејќи тој во својата пастирска дејност се одликувал со учтивост, кротост, воздржливост, а особено се истакнувал со милосрдие, кое го пројавувал кон многумина кои запаѓале во разни искушенија и страдања. Но, како ревносен архиереј и учесник на Првиот вселенски собор, според едно предание, откако светите отци не успеале да го вразумат безумниот Ариј за неговата ерес, свети Николај се осмелил да му удри шлаканица. За тоа бил казнет, бидејќи биењето не е дозволено кон никого, па дури ни кон еретик. Откако повеќемина од светите отци кои биле исповедници и страдалници за верата Христова, доживеале видение на Самиот Господ Исус Христос, кој им објавил дека свети Никола го направил тоа од ревност, а не од јарост и гнев, решиле да ја одменат казната.
Иако се поминати седумнаесет века од времето на неговото земно делување, неговото име и дело се слават и прославуваат низ целиот свет. Нема Божји угодник со поголема почит и прослава од свети Никола. Тој се слави и како домашен патрон, како заштитник на многу семејства, многумина го носат неговото име, а како и да не постои православен човек кој не му се обраќа со молитва за содејство пред престолот на Севишниот и за помош во сите неприлики кои се неминовни во сечиј овоземен живот. Тој се прославува и како заштитник на морепловците, на многу хуманитарни здруженија и е почитуван низ целиот, како православен, така и римокатолички свет. Неговите свети мошти се пренесени во јужна Италија, во градот Бари и до денес точат најразлични исцеленија на сите кои со вера му се обраќаат за помош. И ние кои денеска сме собрани во овој свет храм посветен во негова чест, да се обратиме со искрена молитва, за тој да ни ја засили верата, па да одиме по Христовиот пат и да измолиме милост за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин.
Свети Николај Мирликиски
Храм „Свети Никола Геракомија" Охрид
19.12.2019 год.





