„Имајќи во себе чувства за единствените и бескрајни убавини од Бога, посака нив постојано да ги гледаш, затоа радосно воскликнуваш, отче Нектарие: Пејте Го Господа сите созданија и превознесувајте Го во сите векови“ (песна од канонот на Утрена на преп. Нектариј Битолски).

 

Споменот на преподобниот Нектариј Битолски и на св. Сава Освештен, и оваа година, свечено беше прославен во параклисот „Св. Кирил и Методиј“ во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид. Празнувањето започна на 17.12.2019 година со празнична Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески и свештеникот Димче Азески. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше осветено коливото и беше прекршен празничниот колач, а во чест на именденот на архимандритот Нектариј. Прославата на великите подвижници продолжи утредента, на 18.12.2019 година, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение наархимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконите Ратомир Грозданоски и Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. Од името на нашиот Митрополит, свештенството и монаштвото, како и од сите верни чеда од нашата Епархија, му го честитаме именденот на архимандритот Нектариј, со желби и молитви за крепко здравје, а преп. Нектариј секогаш да биде негов заштитник и покровител пред Бога, та уште многу години мудро, достојно и со голема љубов да го води Светинаумовиот манастир.  

Buy Kicks | Air Jordan 1 Retro High OG 'University Blue' — Ietp

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри.

Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, избирајќи ги Своите последователи, односно Своите ученици и апостоли, најпрво ги изговорил зборовите: „Појдете по Мене" (Мт. 4, 19). Он ги искажува овие зборови и кон целокупното човештво и го повикува да оди по Него. Христос нѐ повикува сите нас на ова патешествие кон Царството небесно, а ние, коишто ги слушаме Неговите зборови, треба да тргнеме по Него. На тој пат ќе најдеме радост и смисла на животот, но, на овој пат по Христа, има и многу опасности и искушенија, за кои нѐ предупредува и Самиот Господ Исус Христос, Неговите апостоли и светите отци. Светите апостоли и евангелисти токму затоа и ги запишале овие зборови, за да се поучиме од нив и да го најдеме вистинскиот пат, кој единствено води во Царството небесно. Затоа и се вели: Ако сакаш Бог и Царството небесно да се вселат во твојата душа, изгони од неа секакви идоли, вселени во неа, кои ѝ попречуваат да стане Божјо пребивалиште.


Такви идоли кои нѐ одделуваат од Христа има повеќе. На прво место е богатството, кое во најголема мера нѐ приврзува кон земните благодети и нѐ попречува да одиме по Христа, да ги примиме Неговите евангелски начела и да живееме според нив. За тоа најдобро ни зборува примерот со богатиот младич, кој ги исполнувал сите Божји заповеди од младоста, но кога Го прашал Господа што уште треба да направи за да го добие Царството небесно, и кога ги слушнал зборовите: „Продај го имотот свој и раздели го на сиромаси..., па дојди и врви по Мене" (Мт. 19, 21), му паднало жал и Го напуштил Христа. Во друга прилика, Господ Христос ни вели: „Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене" (Мт. 10, 37). Овие примери не треба да бидат разбрани во буквална смисла на зборот, односно дека Господ од нас бара да се откажеме од секаков имот, од секакви земни блага, уште помалку да не ги почитуваме и да не ги сакаме родителите, браќата, сестрите и своите деца. Христовата наука нѐ учи да ги сакаме сите луѓе, а не може да ги сакаме другите, ако не ги сакаме своите. Тука Христос поставува друг принцип. Ако богатството и нашите блиски се причина да не Го сакаме Христа и да се откажеме од Него и од Неговата наука, тогаш Христос бара од нас повеќе да Го сакаме Христа и Неговата наука, отколку сѐ останато во овој свет. Само на тој начин, непопречувани од никого, ќе можеме да Го следиме, да Го проповедаме и да бидеме Негови вистински ученици и следбеници. И тоа не само со збор, туку и со дело, односно со нашите добродетели, за коишто и сме повикани како Негови следбеници.


Ние од светото Евангелие знаеме дека Господ Исус Христос го прашува св. ап. Петар: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?" (Јн. 21, 16). Но, овие зборови, исто така, ги упатува кон секој еден од нас. Дали Го сакаме Господа Исуса Христа? Но, тука и се наметнува прашањето: што може да ги поврзува луѓето со Бога? Одговорот на ова прашање е љубовта. Само тоа Он го очекува од нас. Тоа е и одговорот на ап. Петар на Неговата неискажлива љубов кон сите нас. И ништо друго не може да нѐ поврзува со Господа, освен љубовта. Ништо друго, ниту власта, која ги поврзува работникот со господарот, ниту општите интереси или какви и да се други овоземни работи, не можат да ги поврзуваат луѓето со Бога, па дури и помеѓу нив самите. Сето останато, што е според човечкиот суд, е ништожно во Божјите очи. Сето тоа е суета, преодно и безначајно. Во очите на Бога единствено љубовта има голема важност и нетлено суштествување во овој свет. И ние, како христијани, сме должни во временскиот период на овој наш живот да имаме љубов кон Господа Христа и кон нашите ближни, зашто кон неизмерната и неограничена Божја љубов можеме да одговориме само со љубов.


Денеска, прославувајќи го преподобниот Нектариј Битолски, да се поучиме и од неговиот подвижнички и молитвен живот. Тој од најмлади години го поминал својот живот предаден на љубовта Божја, подвизувајќи се на Света Гора во Кареја. Поминувајќи го својот живот во непрестајна молитва, пост и подвижништво, и љубејќи Го Бога и ближните со сето срце и со сета душа, тој непрестајно Го прославувал Севишниот и Семилостивиот Господ, Кој, пак, го удостоил за Неговото Царство со останатите Божји угодници. Да се обратиме со искрена молитва кон св. Нектариј, тој да биде наш молитвеник и заштитник пред Бога, та и ние да одговориме на Божјата љубов со љубов и да одиме по Христовиот пат. А на тој пат да нѐ следи Божјата милост, та да бидеме удостоени за Царството небесно.


Ја користам оваа прилика, на високопреподобниот игумен на Светинаумовата обител, архимандритот Нектариј, да му го честитам именденот, со искрени молитви кон св. Наум Охридски, патронот на оваа света обител, и кон неговиот небесен заштитник, преп. Нектариј, тие да го закрилуваат и да му дадат телесни и духовни сили уште многу години да го раководи овој свет манастир за прослава на Севишниот Бог, за афирмација на нашата света Македонска православна црква – Охридска архиепископија, како и за спасение на неговата душа. Амин.

 

18.12.2019 год.
Преп. Нектариј Битолски
параклис „Св. Кирил и Методиј"
ман. „Св. Наум Охридски" Охрид

 

prepnektarij2019 1prepnektarij2019 2prepnektarij2019 3prepnektarij2019 4prepnektarij2019 5prepnektarij2019 6prepnektarij2019 7prepnektarij2019 8prepnektarij2019 9prepnektarij2019 10prepnektarij2019 11prepnektarij2019 12prepnektarij2019 13prepnektarij2019 14prepnektarij2019 15prepnektarij2019 16prepnektarij2019 17prepnektarij2019 18prepnektarij2019 19prepnektarij2019 20prepnektarij2019 21

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5