„Непрестајно моли Го Господа за нас кои ти пееме, блажени, како Христов маченик, како оној што мачителот го победи, како изгонител на лукавите духови, како буден пазител, како непосрамен застапник“ (песна од канонот на Утрена на св. вмч. Ѓорѓи Победоносец).

 

На 09.12.2019 година, денот кога го прославуваме споменот на св. вмч. Ѓорѓи Победоносец, на преп. Алимпиј Столпник и на св. Стилијан, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештеникот Димче Азески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Sneakers Store | Yeezy Boost 350 Trainers

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


На секоја Литургија го читаме Символот на нашата вера, кој започнува со зборовите: „Верувам во Едниот Бог Отец..." Тоа значи дека цврсто веруваме дека Бог постои и се наоѓа насекаде и на секое место и дека секаде е центар, а никаде периферија. Нашата православна вера исповеда дека Бог е Дух, Кој е секаде присутен и Кој совршено ги познава срцата на луѓето. Он спасува и суди и во Него најсовршено се среќаваат правдата и милосрдието, љубовта и вистината. Бог е Создател на сѐ видливо и невидливо во светот, природата и во животот. Он создава и понатаму се грижи за сѐ што постои и што ќе биде во иднина.


Нашата вера нѐ учи за Бог Отецот, Кој со своето Сонце ги грее и добрите и лошите. Тој ги сака сите луѓе, без разлика на боја и раса нација и пол, како што родителите ги сакаат своите деца. Бог Отецот е татко на сите луѓе. Небесниот Отец не бара од луѓето жртви, туку љубов. Неговото вистинско име е љубов (1 Јн. 4, 8).


Нашата вера е дел од нашиот живот, покренувач на нашата љубов и на нашите дела. Таа е животворна, бидејќи е духовно доживување, а не теорија. Меѓутоа, самото формално припаѓање на Христовата Црква ништо не ни помага. Луѓето кои само формално се нарекуваат христијани, повеќе личат на гранки кои се отсечени од своите стебла (Рим. 11, 20). „А вие во верата стојте цврсто" (2 Кор. 1, 24) – советува апостол Павле. Но, да стоиме во верата, можеме само тогаш, ако живееме со вера. Верата всушност е живот во љубов кон Бога и ближните. Тоа е основен закон за вера и живеење. Како што дрвото ги црпи своите сокови преку својот корен, така и човекот, духовно и морално ја црпи својата снага преку верата. Таа е вистинска таинствена сила, дадена со Божјата благодат за да постане наш регулатор на целокупниот човечки живот. Затоа и свети апостол Павле вели: „Бидејќи сте спасени преку верата и благодатта и тоа не е од вас туку е Божји дар" (Еф. 2, 8).


Во денешниот материјализиран свет каде се постигнати големи технички, механички и електронски постигнувања, електронската енергија и нафтата се сметаат како главни двигатели и фактори за целокупниот развој. Во духовниот живот на луѓето верата е далеку попресудна сила. Во младоста, среќата и силата, таа го опоменува човекот да не се заборави. Во несреќите, болестите и жалостите, таа му го осветлува патот на надежта и го спасува од очајание. Во кругот на семејството и помеѓу многу пријатели, верата го учи човекот да не се ослонува на луѓе. Во самотија и потиштеност таа му зборува дека не е осамен и дека не е напуштен од неговиот небесен Отец. Вистинскиот верник преку верата секогаш ги слуша зборовите на Господа Христа: „Не плашете се. Еве јас сум со вас во сите дни" (Мт. 28, 20). Со вера во Бога се надминуваат сите непријатности и сите несреќи, болести, разочарувања и сите трагедии.


Човековата душа не може да биде празна. Како што белите дробови не можат да живеат без воздух, така и душата не може без вера. Ако во неа нема вера во Бога, тогаш ќе има нешто друго што не е Бог. Тој ќе почне да верува во семоќта на човекот, во парите, во технологијата итн. Ако во човековата душа нема љубов, ќе има омраза. Ако нема хуманост и милосрдие, ќе има суровост и безобѕирна себичност. Ако нема добродетели ќе има грев и пороци. Така, човековото срце и душа никогаш не се празни.


Денеска, прославувајќи го светиот великомаченик Георгиј Победоносец, треба да кажеме дека тој ја поседувал токму оваа вистинска вера исполнета со добродетели и љубов, како кон Бога, така и кон ближните, па така, жртвувајќи ја својата младост и својата положба како висок воен старешина, тој заради верата поднел разни страдања, но од Господа Бога не се откажал. Животниот лик на овој Божји угодник нека ни послужи и нам како пример за тоа каква вера треба да практикуваме и сведочиме пред Бога и луѓето, поткрепена со добри дела. Така да се надеваме на милоста Божја и да испросиме милост за нашите души. По молитвите на свети Георгиј, така нека биде. Амин.


Свети Георгиј Победоносец (Посен)
Храм „Свети Георгиј" Охрид
09.12.2019 год.

 

svgjorgjizim2019 1svgjorgjizim2019 2svgjorgjizim2019 3svgjorgjizim2019 4svgjorgjizim2019 5svgjorgjizim2019 6svgjorgjizim2019 7svgjorgjizim2019 8svgjorgjizim2019 9svgjorgjizim2019 10svgjorgjizim2019 11svgjorgjizim2019 12svgjorgjizim2019 13svgjorgjizim2019 14svgjorgjizim2019 15svgjorgjizim2019 16svgjorgjizim2019 17svgjorgjizim2019 18svgjorgjizim2019 19 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5