„Гледајќи ја добрината на твојата душа, Пречиста, некогаш Захариј со вера повика: Ти си нашето избавување, ти си радоста на сите, и наше обновување, зашто Оној, Когошто не може да Го смести ни вселената, мене ми се покажува сместен во тебе“ (песна од канонот на Утрена на празникот Воведение во храмот на Пресвета Богородица - Пречиста).
На 04.12.2019 година, денот кога го прославуваме празникот Воведение во храмот на Пресветата Владичица наша Богородица - Пречиста, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Buy Sneakers | Air Jordan
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска нашата света Црква прославува еден од големите празници. Поточно, го прославува Воведувањето во храмот на Пресвета Богородица. Ние денеска ги слушнавме зборовите од тропарот, кој во најкратки зборови го опишува и значењето на самиот празник. Тие зборови гласат: „Денес е почеток на милоста Божја и навестување на човековото спасение. Во храмот Божји Дева јасно се покажува и Христа на сите им Го предвестува; нејзе и ние гласно да ѝ запееме: Радувај се, исполнување на промислата на Творецот".
Ние, од светото Евангелие и предание, знаеме дека Дева Марија на тригодишна возраст била воведена во храмот, каде што била и испросена со горки молитви и молби од нејзините прастари родители. Овие стари и свети души дале завет дека ако добијат чедо ќе го посветат на Бога во Ерусалимскиот храм. Денес тие го исполниле токму овој завет и во придружба на други дечиња, тие ја однеле за да ја предадат во Ерусалимскиот храм, за во послушание и проучување на законот Божји да ја исполнува волјата Божја. Уште на самиот влез од Ерусалимскиот храм, Дева Марија била пресретната од првосвештеникот Захариј и на општо изненадување на сиот присутен народ, овој Боговдахновен служител на олтарот Божји ја внесол Дева Марија во „Свјатаја свјатих" – онаму каде што само еднаш во годината имал право да влезе првосвештеникот и да принесе жртва за искупување на еврејскиот народ.
Света Дева Марија доаѓа на овој свет како плод на многу молитви и прозби, уште на старозаветните пророци кои биле свесни за своите гревови и барале спасение преку очекуваниот Искупител и Спасител на светот. И како посредница преку која ќе дојде Спасителот на светот, Бог ја избира токму света Дева Марија. Затоа, во деветтата песна од денешниот празник, ги слушаме зборовите: „Ангелите гледајќи го влегувањето на сечистата се зачудија: како таа со слава влезе во Светињата на светите". Таа во Ерусалимскиот храм била поткрепувана од ангел Божји и Духот Божји бил врз неа, па таа покрај своите подвизи и молитви била очистена од секакви престапи и гревови и така се подготвувала за да стане мајка на Творецот и Создателот на светот. Таа ќе стане сместување на Оној Кој е поширок од небесата. Со самото влегување на света Дева Марија во Ерусалимскиот храм, се означува завршетокот на Стариот завет и почетокот на Новиот завет. Таа како утринска зора Го предвестува Сонцето на правдата – Господа Исуса Христа. Од тука е и смислата што на денешниот празник почнува да се пее и катавасијата на Рождеството Христово: „Христос се раѓа, славете Го, Христос доаѓа од небото, пресретнете Го".
Со влегувањето на Мајката Божја во Ерусалимскиот храм на секого од нас ни се покажува од што се состои смислата на нашиот живот и не поучува каде да го бараме одговорот на сите прашања. Тоа место е храмот Божји, каде ние се каеме за нашите престапи и Го молиме Бога со нашите воздишки, барајќи Негова помош и милост. За нас храмот Божји е духовно лечилиште каде ние се преобразуваме и стануваме вистински чеда Божји. Денеска ние ја прославуваме Мајката Божја, која била внесена во храмот Божји. Затоа и ние сме должни нашиот живот да го поврземе со домот Божји, каде секогаш ќе најдеме утеха и поткрепа од Семилостивиот Бог. На денешен ден да ја молиме Мајката Божја, таа да не нѐ остави и да биде наша патеводителка кон нејзиниот Син и наш Бог. По нејзините молитви, така нека биде. Амин.
Воведение на Пресвета Богородица
„Пресвета Богородица - Каменско" Охрид
04.12.2019 год.





