„Твојот спомен, славен маченику Димитрие, денес ја осветли Црквата Христова, и сите нѐ собра со песни достојно да те восфалиме, богомудри, како вистински воин и уништувач на вразите. Затоа, со твоите молитви, избави нѐ од искушенија“ (седален на Утрена на св. вмч. Димитриј).
На 08.11.2019 година, кога го прославуваме споменот на св. вмч. Димитриј Солунски, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Васко Голабоски, свештениците Љупчо Бакрачески и Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Sports News | New Releases Nike
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Нашиот Спасител Господ Исус Христос преку светиот апостол и евангелист Марко вели: „И кога го повика народот и учениците Свои им рече: Кој сака да врви по Мене нека се одрече од себе и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене". (Мк. 8, 34) Господ Христос нѐ вика сите да Го следиме. Он постојано нѐ повикува да одиме по Него. Уште од најраната наша возраст уште од самото детство, кога се крштеваме и кога Светиот Дух слегува во купелот на крштението и не осветува и преку светата тајна на миропомазание, преку помазувањето на нашите очи, уши, гради раце, односно преку помазувањето на целото наше битие преку кое се исполнуваме со благодат, уште тогаш Господ ни вели: „Врви по мене". И уште кога нашите мајки нѐ носеле на раце за да се причестиме и кога нѐ воделе за рачиња во црква, тогаш секој од нас, во чистата детска душа го слушнал Христовиот повик: „Оди по мене". Он не престанува да нѐ повикува секогаш кога влегуваме во храмот Божји. Он нѐ повикува и надвор од храмот и дење и ноќе и во радост и во жалост и во одмор и во замор, кога ни зборува преку нашата совест, кога ни испраќа маки, како и кога ни дава радост и благосостојба. Безбројни се и најразлични патиштата на кои Спасителот го повторува Неговиот повик.
И ние денеска ги слушнавме зборовите Негови: „Кој сака да врви по Мене..." Господ никого не принудува и никого не присилува да врви по Него. Творецот на секого од нас ни дал слободна волја. Господ никого не го лишува од овој Негов дар. Човекот е слободен и по својата слободна волја решава да оди или да не оди по Господа. Уште во Стариот завет Господ вели: „Ако сакаш можеш да ги извршуваш заповедите; ти имаш сила верен да Му бидеш. Пред тебе ставил оган и вода; кон што сакаш, рака ќе пружиш. Пред човекот стои животот и смртта. Што посакува тоа му се дава". (Мудр. Сир. 15, 17) Бог не го покорува срцето на човекот со сила на Својата семоќ. Он плени со силата на Својата правда, со вистината, со Своето учење и Својата божествена љубов. Он вели: „Синко, дај ми го Мене срцето и очите твои да ги гледаат патиштата Мои" (Мудр. Сол. 23, 26) Поточно, Бог сака да каже да не го раздвојуваме своето срце помеѓу Бога и гревот, на кој често му служиме. Бог постојано сака ние да се вратиме и да Го сакаме Него доброволно, а не со принуда. Тој бара да Го сакаме и да одиме по Него слободно, според нашето убедување и така да почувствуваме дека за нас нема поголема радост на земјата од тоа да веруваме во Господа Бога. Него да Го познаваме и да ја почитуваме Неговата света волја, по Него да одиме и нашиот небесен Отец да Го чувствуваме во нашите грешни срца.
Доколку Господ со Неговата сила нѐ принудува да одиме по Него, тогаш каква цена ќе има нашата добродетел? Ако верата била насилно насадена во нашето срце, тогаш какво достоинство би имала нашата вера? Или, пак, ако ние грешиме само според принудувањето и со силата на ѓаволот, тогаш не би биле одговорни за нашите гревови. Но, ние самите грешиме, со нашата слободна волја и одиме по патот кој го избираме. Така, и по Господа одиме не присилно, туку слободно, според нашето убедување. Затоа и нема поголемо богатство за луѓето на земјата од тоа да се поклонуваат на светото име на Господа и да живеат под благодатните лачи на Неговата татковска љубов. Тој уште во Стариот завет советува: „Обратете се кон Мене" (Ис 44, 22).
Денеска, прославувајќи го свети великомаченик Димитриј Солунски, кој целиот свој живот го избирал патот на Христа и заради Него ја жртвувал и младоста и богатството и честа и славата и маченички го завршил својот живот, и ние да се угледаме на неговата цврста и непоколеблива вера, па и да го избереме патот Христов. Да одиме по науката на нашата света Црква, од нашите души и срца да отфрлиме секакво лошо дело и мисла и да се облагородиме и препородиме, па да бидеме вистински следбеници на Христа и така да измолиме милост Божја за спасение на нашите души. Амин.
Свети Димитриј Солунски
храм „Свети Георгиј Победоносец" Струга
08.11.2019 год.






