На 22.09.2019 година, во Четиринаесеттата недела по Педесетница и на празникот на св. праведни богоотци Јоаким и Ана и на св. Никита, во храмот „Св. Никола“ во Перт, Австралија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Станко Јовановски и Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.
Running Sneakers Store | Vans Shoes That Change Color in the Sun: UV Era Ink Stacked & More – Pochta News
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Денешното Eвангелско четиво ни зборува како еден богат човек направил обилна вечера и повикал многу гости. Но, кога дошло времето за вечерата ги испратил своите слуги да ги повикаат поканетите бидејќи вечерата веќе била подготвена. Но, наместо да одговорат на повикот тие почнале еден по еден да се откажуваат со образложенија дека некој се оженил, некој купил нива, некој волови, па од тие причини не ќе можат да одговорат и да присуствуваат на поставената вечера. Тогаш господарот се подналутил и ги испратил своите слуги да појдат по крстосниците и по градските улици и да ги доведат сите што ќе ги најдат: сиромашни, сакати, слепи, па така да се пополни трпезата за приготвената гозба. Господарот исто така вели дека од повиканите никој нема да вкуси од вечерата, бидејќи мнозина се повикани, а малкумина избрани. Оваа парабола има своја алегориска смисла, па тука богатиот човек кој приготвил вечера Го означува Самиот Господ Исус Христос. Вечерата е Неговото свето Евангелие. Христос ги повикува сите народи да го прифатат Неговото Евангелие како духовна храна и да постанат членови на Неговата света Црква. Многу народи од сите краеви на светот и од сите друштвени положби и позиви се одѕвале на Неговиот повик и станале членови на Неговата Црква. Но, се поставува прашањето: дали можеме да бидеме задоволни и со животот на верските морални квалитети на сите христијани, односно дали сите христијани живеат според Евангелските начела. Со други зборови, дали сите кои се повикани во Христовата Црква се „избрани".
За жал, тоа не би можеле да го потврдиме. За нашево време би можеле да кажеме дека е слично на времето во кое е изговорена оваа парабола, кога сите биле повикани, но не сите го прифатиле повикот. И денеска, многумина бараат изговори и одбиваат да бидат избрани, наведувајќи најразлични причини. Се разбира дека нашето време нуди изговори од поинаков карактер како пречка да ја одбиеме поканата.
Денеска секој се чувствува дека е повикан да биде во прв ред „политичар", односно секој лично може да го поправи друштвото и да исправи сѐ што не чини во него, но не и да се поправи самиот себе. Денеска и недораснати и незрели деца се чувствуваат како повикани, токму тие да ги решат сите проблеми во светот. Но, кога ќе започнете разговор за верата со нив, тогаш ќе видите дека или не знаат ништо, или ставаат најразлични забелешки на својата вера и традиција, сѐ со цел да најдат причина за да не ја практикуваат, да не ја познаваат и да не живеат според неа. Ним им е поважна некоја спортска, политичка или филмска ѕвезда од кои прават свои идоли, отколку верата и Црквата. Тие не можат да разберат дека токму законот Божји ги облагородува и ги прави луѓе, а преку тоа и избраници за царството Божјо.
Затоа и денеска на мнозина им е тешко да бидат избраници за царството Божјо. Навистина многумина доаѓаат во храмот Божји да слушнат одговор на најважните прашања, а тоа се: кој е совршен човек и што значи да се биде Божји избраник? Покрај друго, ја слушаат и пораката на свети апостол Павле, кој вели: „А сега и вие отфрлете сѐ од себе: гневот, лутината, злобата, хулењето, срамните зборови од својата уста! Не лажете се еден со друг. Откако веќе го соблековте стариот човек со неговите дела и се облековте во новиот кој се обнови во познанието според образот на својот Создател". (Кол. 3, 8-10) Кога ги слушаат овие зборови, тие ја напуштаат Црквата, бидејќи нивните срца и души се поврзани за други идеали и идоли, кои не им дозволуваат да се одлепат од нив и така да учествуваат во царството Божјо.
Ние, кои се наоѓаме во Божјиот храм да се поучиме од оваа парабола, па од нашите срца и души да отфрлиме секакви овоземни страсти и сласти, да ја засакаме вистински нашата вера и традиција и Христос да се всели во нашите срца, да не просветлува и осветлува за да го избереме Неговиот пат, кој е трнлив и тесен, но е единствениот спасоносен и води во царството Божјо, сега и во сета вечност. Амин.
Четиринаесетта недела по Педесетница
„Свети Никола", Перт
22.09.2019 год.





