На 20.09.2019 година, во навечерието на празникот Рождество на Пресвета Богородица, во храмот „Св. Никола“ во Кабрамата, Сиднеј, Австралија, беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Наум Деспотоски, свештениците Игор Младеновски и Роберт Илијевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната служба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.
affiliate link trace | Archives des Sneakers
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Од вечерва почнуваме да го прославуваме раѓањето на девојче, а преку ова прославување се обидуваме да ја разбереме големината на Божјата љубов. Слушајќи го плачот на малото дете, ние се поучуваме од неискажливата премудрост на Света Троица. Гледаме на човечките телесни солзи и колку тие можат да го издигнат човекот, сѐ до престолот кој светли, односно до престолот на вечниот живот. Денеска се родила светата Дева. Таа засветлила како сонце од плачовните солзи, од добротата на старците Јоаким и Ана и од нивната свештена чистота. Таа свети во светот како плод на Божјото чудо. Дева која е поголема од небото се подготвува да Го роди Создателот на сѐ.
Малото дете, чиј плачовен глас се слуша, ќе стане ходатајница на родот човечки. Денес кога лежи како мало незначајно суштество, таа е попространа од небото. Ова ситно детенце кое се прилепило кон старечките гради се подготвува да постане свештен храм и словесен рај. Таа е црква, затоа што во неа се сместил и почива Царот небесен. Таа е храм на вечноста, затоа што во неа како човековото суштество се очовечува самиот Бог. Создателот на сѐ смирено се сместува во младата девствена утроба. Таа го храни непорочниот Агнец Божји, бидејќи на своите раце Го носи Оној Кого не може да го носи целото создание.
Мајката Божја е мајка на Црквата, бидејќи никој и никогаш не може да Го следи Христа, ако Он не се роди таинствено во душата на човекот, како што се родил во телото на Дева со небесна љубов. Никој не може да Го прими Изворот на животот ако не ги почувствува благоуханите Божествени солзи во гласот на таа која Го роди Него. Никој не може да Го сака Човекољубецот ако духовно не постане мајка за да Го роди тајно во својата душа. Кога таа Го зема на своите раце, безброј ангели се восхитуваат. Кога таа Го љуби својот Син, вселената е преисполнета со Божествена љубов. Кога нежно Му шепоти на вечниот Младенец, целиот свет се преобразува во својот сокриен лик.
Подеднакво уште поголема од храм е Божјата Мајка бидејќи е рај словесен. Таа таинствено го повикува човечкиот род кон вечната љубов. Дева е несогорлива капина во која мајчинството се осветува и за вечност се избавува од пропадливост и сѐ присоединува кон Вечниот Бог. Пресвета Дева е извор на љубов и со својата плачевна љубов кон сите луѓе, сака сите да ги соедини со Бога. Нејзините милости се излеваат на сите луѓе, дури и на оние кои не очекуваат нејзина помош. Таа помага на секое човечко суштество и својата љубов ја манифестира кон секој еден кој со вера и љубов и се обраќа за помош. И ние кои вечерва сме собрани во овој свет храм да се обратиме со искрена молитва кон Мајката Божја, таа да го рашири својот омофор врз овој свет храм, врз мајката Македонска православна црква и врз сите христијани кои со вера, надеж и љубов и се обраќаат со молитви за помош. По молитвите на Пресвета Богородица, Бог да ги услиши нашите молитви. Амин.
Вечерна за Рождество на Пресвета Богородица
„Свети Никола", Кабрамата
20.09.2019 год.





