На 14.09.2019 година, на празникот Црковна Нова Година и св. Симеон Столпник, во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Розбери, Сиднеј, Австралија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоереите Наум Деспотоски и Александар Ивановски, свештеникот Игор Младеновски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која подолу ви ја пренесуваме во целост. Гостин на црквата во Розбери беше и почитуваниот пратеник за Хефрон, г-дин Рон Хоениг.
Asics shoes | Vans Shoes That Change Color in the Sun: UV Era Ink Stacked & More – Pochta News
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Светата православна Црква денеска прославува два празника. Едниот е празникот на свети Симеон Столпник, а другиот е почетокот на црковната нова година. Уште во Стариот завет кај избраниот Еврејски народ, црковната година почнувала со 1. септември, односно 14. по новиот календар. Според Петтокнижието, Еврејскиот народ бил должен секоја првина да ја посвети на Бога. Во Израел, како и кај нас е есенско време, кога сите плодови стасуваат за берба, па така првите набрани дарови од Бога се принесувале во Ерусалимскиот храм, а и истите се благословувале за производителите од страна на Левитското свештенство, кое служело во Ерусалимскиот храм. Христијанството иако се темели на науката на Господа Исуса Христа, сепак настанало во една Јудејска средина, каков што бил Ерусалим, па сосема е природно некои Јудејски обичаи да продолжат и во Црквата Христова. Од таму, и кај нас се практикува на црковната нова година да се благословува семето, бидејќи во овој период почнуваат есенските сеидби, а секако се благословуваат и други плодови, како што се круши, јаболка и слично.
Овој календар бил во употреба до пред два века во Црквата и на Исток и на Запад, а од тоа време новата година е префрлена на 1. јануари. Како што кажавме, денес се прославува и еден голем подвижник, кој засветлил во Црквата Христова со многу специфичен подвиг, а тоа е да изгради кула како столб и на неа да се подвизува во пост и молитва, умртвувајќи ги сите страсти на своето тело, и така добивајќи милост Божја за да прави многу добри дела на луѓето кои му се обраќале за помош. Во светата Црква имаме разни подвижници кои се подвизувале со цел да се соединат со Бога. Но едно од потешките подвижништва е изборот на свети Симеон Столпник. Поради неговите подвизи, Бог го прославил и света Црква особено го почитува на овој значаен празник – почетокот на црковната нова година.
Да се обратиме со искрени молитви кон свети Симеон, да се застапи за нас со Мајката Божја пред Господа Христа, па и ние да се просветлиме со Христовата наука, па да отфрлиме од нашите срца и души сѐ што е земно, ниско, страсно и грешно, а да го засакаме и да заживее во нас благородното, чесното и светото, па така да го избереме патот Христов и да пристигнеме до тивкото пристаниште во царството на единиот Бог, на Отецот и Синот и Светиот Дух, Кому нека е слава и благодарност, сега и во сета вечност. Амин.
Црковна нова година и св. Симеон Столпник
„Свети Кирил и Методиј", Розбери, Сиднеј
14.09.2019 год.





