На 13.09.2019 година, во навечерието на празникот на св. Симеон Столпник и Црковна Нова Година, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Њукасл, Австралија, беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Пецо Петровски и Роберт Илијевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната, Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Mysneakers | Air Jordan 4 University Blue Clothing New Era Bulls Hat
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Еден голем учител на нашата света Црква вели: „Сите луѓе се стремат кон радост". Но, малкумина од нив знаат што е тоа радост и која е таа ѕвезда патеводителка што ќе им го покаже патот кон радоста, патот по кој треба да одат за да стигнат до тоа што го посакуваат. За нас верниците, тоа не е сокриена тајна. За нас постои Божја благодат, која ги осветлува сите страни на човековото битие, та никој да не се прелаже во изборот на целта и средствата кои го привлекуваат кон радост и блаженство. Дарот доаѓа одозгора, од Бога, а тоа е нашата света вера православна. Таа нè облекла во светлата облека на Божјата благодат преку светите тајни крштение и миропомазание. Таа нè осветлува и зацврстува и со други свети тајни и молитвословија, па преку нив ние го сочувуваме нашиот од преку целиот наш земен живот, поминувајќи ги сите животни бранувања. Дарот Божји не просветлува и осветлува. Го умножува знаењето, ги осветува чувствата, ни ја открива тајната на животот, како на времениот, така и на вечниот, и токму таа ни дава можност да го допреме светото и блаженото.
Најголемата и совршена радост која ни ја дава верата е знаењето за Бога. Со верата ние постануваме Негови битија. Ја гледаме Неговата непристрасност и секадеприсутност, Неговото величие и снисходливост, Неговата љубов и милостивост. Во верата ние Го откриваме Христа Спасителот во Кого и животот и светот се за луѓето. Бога никој никогаш не Го видел освен единородниот Син Кој е ист во прегратките на Отецот и Он ни го јави. (Јн. 1, 8) Ние веруваме на Неговиот збор и на Неговите дела. На оние кои веруваат во Него, им дава власт да бидат чеда Божји. (Јн. 1, 12) Ние знаеме дека Он дојде на земјата заради спасение на луѓето, Он ја освети со Неговите нозе и со благодатта на Светиот Дух. Он ја донесе на Земјава евангелската правда. Он е наш Спасител Кој пострада, се погреба и воскресна, а верниците кои ќе поверуваат во Него и да умрат – ќе живеат. (Јн. 11, 25).
Со верата ние ја постигнуваме тајната на Црквата осветена од Христа заради нашето спасение. Сѐ што произлегува од Црквата е поврзано со неа и е дело Божјо. Добро ни се познати зборовите на големиот учител на Еврејскиот народ Гамалиил, кој рекол: „Ако ова дело е од луѓе ќе се распадне. Но, ако е од Бога, никој не може да го разруши." (Дела 5, 38-39) Оваа вистина за Црквата Христова се потврдува повеќе од две илјади години.
Христос ни го покажа патот по кој треба да одиме за да ги издигнеме срцата кон трајната и вечната радост. Верата нѐ соединува со Христа, но исто така и помеѓу себе. Верата ни ја објаснува и смислата на животот со сите порази и победи, успеси и неуспеси, радости и жалости. Сето тоа нѐ насочува кон нашето блаженство и совршенство. Растејќи во трпението и добродетелите, човекот прави добро. Земниот живот ни е даден на сите за да го исползуваме за да создадеме иден живот. Верата ни дава можност во молитва да беседиме со Бога. Молитвата, како личната, така и заедничката, нè соединува со небесните жители и оддава славословија, благодарност и бара прошка од Бога. На нашите восклици Он секогаш татковски одговара. Само верата може да не приведе кон искрено покајание, кое нè очистува и ни ги проштева сите наши престапи. Верата нѐ приведува кон големата радост и нѐ соединува со Бога, Кој непрестајно ги повикува сите луѓе: „Дојдете при Мене... Јас ќе ве успокојам." (Мт. 11, 28) Радоста која верата му ја дава на христијанинот, никогаш не исчезнува. Затоа и големиот апостол на народите во своето послание до Филипјаните вели: „Секогаш радувајте се." (Фил. 4, 4).
Па и ние како христијани, секогаш да ја чуваме и негуваме нашата вера, да живееме според неа, а благодатта Божја да биде со нас и да не води кон праведен живот, како овде на земјата, така и во вечноста. Амин.
Вечерна богослужба на Црковна Нова Година
храм „Успение на Пресвета Богородица“ Њукасл, Австралија
13.09.2019 година





