„Во молитвите неуморната Богородица и сигурна надеж во посредувањето, гробот и смртта не ја задржаа, бидејќи како Мајка на Животот, кон живот ја пресели Оној Кој се всели во нејзината вечно девствена утроба“ (кондак на Утрена на Успение на Пресвета Богородица).

 

На 28.08.2019 година, денот кога го прославуваме празникот Успение на Пресвета Богородица, која како храм на Животот, вечен живот прими и не го претрпе искушението на смртта, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, протоерејот Љупчо Симиџиески, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а потоа беше осветена и новата фијала (крстилница за вода) во дворот на храмот. На крајот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме. 

Best Sneakers | Women's Nike Superrep

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска светата Црква го прославува последното собитие од земниот живот на Мајката Божја. Поточно, го празнуваме нејзиното свето успение. Во Стариот завет, покрај тоа што се пророкувало и претскажувало за искупителот и избавителот на човечкиот род, за Господа Исуса Христа, исто така има и пророштва кои зборуваат за доаѓањето на Царицата небесна, на Мајката Божја. Псалмопејачот Давид во еден од своите псалми вели: „Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато". (Пс. 44, 13) Така псалмопејачот ја нарекува Пресвета Богородица и ја изразува нејзината слава, онака како што ѝ прилега на царевата ќерка. Но, нејзината слава и величие ќе бидат сокриени во нејзината внатрешност и невидливи, како за роднините така и за блиските.


Според човечкото разбирање на животот, секој човек додека е жив со својата слава и величие се прославува колку што може, поточно, колку што му дозволуваат можностите, неговото богатство, положба, власт и сл. Човекот се труди колку што е можно повеќе да ја прошири својата слава во текот на неговиот живот. Така човекот прави сѐ до гробот. Потоа, како што одминува времето, така се заборава славата и величието на оној кој некогаш, во свое време, бил фален и славен, а на крај луѓето целосно го забораваат и веќе не го спомнуваат. Но, овде пророкот Давид ни покажува еден поинаков закон, кој владее во духовниот свет – светот на Евангелскиот закон според кој живеела Пресвета Богородица. Овој закон ни е даден и нам на христијаните и тој дејствува противположно на светскиот закон.


Света Богородица, додека била на земјава, била непозната, а почнала да се прославува по преселувањето кај Бога, или како што учи светата Црква, по нејзиното успение. Нејзината слава почнала да се раширува по земјата и колку што одминува времето од нејзиното успение, толку повеќе се шири нејзината слава и ние ја гледаме по целата земјина топка. Како да се објасни ова пророштво на псалмопејачот Давид? Зошто славата на Пресвета Богородица, која била исполнета уште при нејзиниот живот на земјава, останала непозната за луѓето, а постанала позната по нејзиното успение? За да одговориме на ова, потребно е да го разгледаме нејзиниот живот, а не само нејзиното успение. Анализирајќи го нејзиниот живот, во неа ќе видиме многу значајни добродетели. И покрај богатата благодат со која биле исполнети нејзините душа и тело, таа била покриена со покровот на смиреност. Со личното смирение го придобила и Божјиот промислителен покров, па таа била покриена со необична слава како царева ќерка и заштитена од очите на луѓето.


Нејзината смиреност се гледа и од настанот со праведниот Јосиф, кој во почетокот се посомневал дека Дева згрешила, гледајќи ја дека носи рожба во својата утроба. Тој страшно се измачувал, и не можел да си објасни како таа која му била дадена на чување, сега се нашла во оваа состојба. Дева можела сето тоа да му го објасни и да му раскаже како ангелот и благовестил и Светиот Дух ја осенил, но таа избира да молчи. Преку тоа гледаме дека нејзиното смирение ги победува сомнежите на Јосиф, па токму затоа и на Јосиф му се јавува ангел и му вели: „Не плаши се, твојата свршеница не го прекрши заветот. Прими ја во твојот дом, зашто од неа ќе произлезе Бог Кој е должен да го спаси родот човечки". Раѓањето на Спасителот е прославувано од ангелите, пастирите и мудреците, но сепак, во оваа прилика, не гледаме никаква слава на онаа што Го роди. Таа побегнала со Богомалденецот дури во Египет за да Го спаси. Кога и самиот Господ ќе излезе на проповед, една од жените ќе извика: „Блажена е таа што Те родила и градите од кои си се хранел". (Лк 11, 27) Оваа жена ја фали Божјата Мајка, но таа за неа останува непозната. Ние го знаеме и случајот од Евангелието, кога Господ Исус Христос ја сокрива славата на Мајката Божја, кога при Него дошле некои луѓе и Му рекле: „Ете мајка ти и браќата сакаат да Те видат". На ова Тој одговара со прашање: „Која е Мојата мајка?". На што одговара: „Оној што го слуша словото Божјо". (Мт. 12 33-35)


Света Богородица не се наоѓа покрај Христа кога го слават и пофалуваат, кога прави чуда, кога свечено влегува во Ерусалим. Но, таа останува покрај Него кога е осуден и распнат на крстот, кога ќе Го напуштат сите, па дури и најверните ученици. Дури и по воскресението, Христос не ѝ се јавува неа, туку ангел и го објавува овој настан.


Нејзината слава се открива дури на нејзиното успение. Сите апостоли кои биле распрснати по целиот свет за да го проповедаат словото, на ангелски крилја ќе се соберат за да и оддадат почит и да ја испратат кај Бога. Црковното предание вели дека нејзината смрт била необична. Таа немала болки и маки, туку едноставно заспала и не ангели, кои кај други луѓе доаѓаат да ја земат душата, туку Самиот Господ Исус Христос доаѓа и ја носи нејзината душа во небесните височини, со тоа откривајќи ја незината вистинска слава. Нејзиното успение се слави и прославува по целиот свет. И тука Евангелскиот закон делува спротивно на светскиот. Што повеќе временски се оддалечуваме од успението на Богородица, толку повеќе светот ја прославува, толку повеќе светот ја чувствува нејзината мајчинска грижа и нејзиното присуство во Црквата Христова.


Нека Семилостивиот Господ нѐ благослови, па по молитвите на Неговата Пресвета Мајка, Небесната Царица, да не се посрамиме во нашата надеж, да нѐ удостои да ја сочуваме светлата облека на нашата душа, па и ние во смртниот час да се искачиме во небесниот дворец на брачната гозба на Единородниот Син. Да се радуваме и да ликуваме во Царството на Отецот, во Небесниот Ерусалим. Амин.


Успение на Пресвета Богородица
Храм „Успение на Пресвета Богородица - Каменско" Охрид
28.08.2019 год.

 

uspeniebog2019 1uspeniebog2019 2uspeniebog2019 3uspeniebog2019 4uspeniebog2019 5uspeniebog2019 6uspeniebog2019 7uspeniebog2019 8uspeniebog2019 9uspeniebog2019 10uspeniebog2019 11uspeniebog2019 12uspeniebog2019 13uspeniebog2019 14uspeniebog2019 15uspeniebog2019 16uspeniebog2019 17uspeniebog2019 18uspeniebog2019 19 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5