На 03.08.2019 година, денот кога го прославуваме споменот на св. пророк Езекил, и на преп. Симеон Јуродив и Јован Соподвижник, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Митре Попоски, свештениците Зоран Попоски, Ристе Наумоски и Димитрија Павлески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, го освети храмот „Воведение на Пресвета Богородица - Пречиста“ во с. Подгорци, Струга. Храмот е изграден на местото од стар храм, којшто бил срушен во 1952 година. Новиот храм започнал да се гради во 1991 година, а по иницијатива на Иницијативниот одбор од селото. По осветувањето на храмот, беше отслужена и првата света Литургија во истиот, а по завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Nike Sneakers | New Jordans – Air Jordan 2021 Release Dates , Gov
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Во овој ден светата православна Црква прославува еден од четворицата големи пророци на Стариот Завет. Поточно, го прославува свети пророк Езекил. Овој човек бил од Левитско потекло, односно од родот кој служел во Ерусалимскиот храм. Но за време на царот Навуходоносор тој бил одведен во Вавилон. Таму, пророкот поживеал дваесет и седум години, шест века пред Христа.
Создателот на светот и на нашите прародители, го создал човечкиот род за да живее во единство со Бога и да има можност да ги ползува рајските благодети. Но, поради непослушноста, Адам и Ева биле изгонети од рајската градина. По овој настан тие со пот и труд продолжиле да се грижат за својот опстанок. Како што одминувало времето, родот човечки се размножувал, но сѐ повеќе се оддалечувал од Бога и Неговите заповеди. Милостивиот Создател и Промислител, нашиот Отец небесен, пројавил особена грижа кон избраниот Еврејски народ со цел да го избави од секакви зла и да го освести и поврати на патот на правдата, вистината и верата. Во таа грижа, Бог делувал на различни начини, со цел човечкиот род да се врати во единство со Бога. Во спасителната мисија за човекот, Бог делувал преку разни цареви и пророци кои се обидувале да го освестат избраниот народ, наведувајќи го да се откаже од идолопоклонството, од неправдата и од различните гревови и пороци кои го оддалечувале од Бога.
Еден од таквите пророци е и денес прославуваниот пророк Езекил кој го опоменувал избраниот нарот, упатувајќи го кон покајание и враќање кон Бога. Се вели дека свети пророк Езекил имал видение дека се отворило небото, при што тој видел оган и блескање и четири животни. Едното животно имало човечки лик, другото лавовски, третото телешки и четвртото орловски. Човечкото лице Го означува Господа воплотен како човек, лицето лавовско – Неговото Божество, лицето телешко – Неговата жртва и лицето орловско – Неговото воскресение и вознесение. Покрај ова толкување има и свети отци кои сметаат дека тоа се четворицата евангелисти кои го посеале семето Христово по целиот свет, со цел преку словото Божјо да се спасат сите што ќе поверуваат во Господа Христа.
Овој пророк, исто така, е познат и поради едно друго видение, при кое бил однесен на едно големо поле на кое имало безброј коски од покојни луѓе. При тоа, Бог му дал заповед на пророкот да има даде дух на коските и тие се соединиле и оживеале. Ова видение го прасликува сеопштото воскресение на целиот човечки род. Овој старозаветен пророк се обидувал во текот на неговиот овоземен живот да влијае кај Еврејскиот народ да се поправи и да се откаже од идолопоклонството и од другите пороци. Но, за жал Еврејскиот народ не бил доволно подготвен да ги прифати поуките и укажувањата на овој, како и на останатите Божји пратеници. Наместо да се поправи и оправда пред Бога, избраниот народ ги убивал Божјите пратеници. Така, и овој пророк бил убиен од Евреите, поради тоа што ги изобличувал за нивните престапи.
Од животот на овој пророк, да извлечеме поука дека и нам како на христијани, но грешни луѓе, потребно ни е да отфрлиме од себе секакви слабости и гревови, па да Го засакаме Бога и Неговите луѓе. Така да испросиме од Бога да ни бидат простени нашите гревови, за да поживееме вистински Христијански живот, не само по име туку онака како што од нас бара светата вера и Црква.
Би сакал на црковниот одбор од с. Подгорци да им искажам благодарност за нивниот труд и ангажман за изградба на овој свет храм посветен на Воведение на Пресвета Богородица во храмот. Светиот храм нека послужи за обединување на нашиот благочестив македонски православен народ. Посетувајте го храмот и отворајте ги пред Бога вашите души и срца. Барајте помош и милост пред Бога за да можете полесно и подостоинствено и христијански да ги поднесувате сите маки што ги носи животот. Мајката Божја и останатите Божји угодници нека бидат со вас. Амин.
Свети пророк Езекил
Осветување на храм „Воведение на Прес. Богородица", с. Подгорци, Струга
03.08.2019 год.





