„Во Твоите дворови, Господи, со преклонети колена на душите и телата, ние верните Те воспеваме Тебе, беспочетниот Отец, и собеспочетниот Син, и совечниот и Пресвет Дух, Кој ги просветлува и осветува душите наши“ (хвалитна стихира на Утрена во Понеделникот на Светиот Дух).
На 17.06.2019 година, во Понеделникот на Светиот Дух, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, протоереите Кирил Јованоски и Јован Димитров, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Sport media | adidas
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Небесниот промислител, семилостиви-от Бог, создал небесна градина на земјава, а тоа е светата Црква Христова. Христос неа ја утврдил со закон и прописи, а ја полеал со крв и вода кои протекле од Неговите животворни ребра. Неа ѝ е потребен само тивок ветар кој ќе ја разладува за да може да носи богат род. Затоа старозаветниот мудрец вели: „Подигни се ветре од север, повеј и ти ветре, од југ и повеј ја градината моја, за да прострујат аромите нејзини". (Песна над песните 4, 16) Ако една земна градина е посеана на убава и плодна почва и ако има доволно вода, може да успее и без ветрови од југ и север. Но, земната Црква претставена како градина, не може да има успех и да биде делотворна без ветер небесен односно без Светиот Дух, Кој се излева и се дава на верното стадо Христово преку светите тајни и молитвословија на христијаните, кои ја сочинуваат небесната градина, односно Црквата Христова.
Човекот е создаден според ликот Божји, како што се вели во Библијата: „Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме Ние". (1 Мојс. 1, 26) Човекот како психофизичко битие во основа има задача да Го слави и прославува својот небесен Создател. Но, поради човечките слабости, многу векови родот човечки не Го слави својот Творец, туку со најразлични ирационални поклоненија се поклонува на разни идоли и кипови, обожувајќи ги како свои богови.
Уште во антиката имало одредени луѓе кои живееле достоинствен и чесен живот. Тие се одликувале со голем разум и филозофски размислувања, кои придоне-сувале за развивање на мислата на човекот и негово облагородување и возвишување. Ако ги земеме како примери Платон и Аристотел, ќе видиме дека тие живееле речиси христијански живот пред Христа. Но, сепак, и тие не можеле да Го препознаат вистинскиот Творец, односно Бога, туку поучувале да се принесуваат жртви на разни идоли. Некој може да каже дека тоа се случувало бидејќи многубожечките народи немале пророци за да им Го откријат вистинскиот Бог. Но, ние знаеме и за избраниот Еврејски народ кој имал и пророци и учители кои го опоменувале за заблудите и го учеле за единствениот Бог. Но сепак, и овој избран народ потклекнувал на суеверието и безбожието, односно на многубоштвото со принесување на разни крвни жртви.
Откако предвечниот совет на Света Троица Го испратил Господа Христа да живее во оваа долина на плачот, Он проповедал, учел и Го откривал вистинскиот Творец и небесниот Отец како Создател и Промислител на целиот човечки род. Христос проповедал и ги поучувал Своите апостоли, кажувајќи им дека Тој е Синот Божји Кој дошол да ги избави од гревот и смртта. Но, и најблиските негови ученици, оваа проповед и оваа наука нема да ја разберат во целост. Затоа во една прилика апостолот Филип ќе му рече на Христа: „Господи, покажи ни Го Отецот, и доста ни е!". (Јн. 14, 8) На ова Христос ќе му каже: „Толку време сум со вас, и не си ли Ме познал, Филипе?" (Јн. 14, 9).
Господ Исус Христос по Своето воскресение ги уверува Своите апостоли, но особено ќе ги утеши по Неговото вознесение, кога на најсликовит начин ќе им каже дека Тој нема да ги остави сираци и ќе биде со нив до крајот на светот, а сега оди при Отецот и ќе им Го испрати Светиот Дух Кој ќе ги научи и упати на сѐ. Токму на педесеттиот ден по воскресението, Светиот Дух во вид на огнени јазици ќе слезе во горната одаја и ќе ги облагороди и освети и утврди. Така, од апостолите кои биле преплашени, колебливи, страшливи и маловерни ќе направи непоколебливи мажи, подготвени да претрпат секакви маки и страдања, но од Христа да не се откажат. Тоа е дело на Светиот Дух Кој слегол врз нив и ги преобразил да бидат ловци на луѓе. Тој е благопријатниот ветар на земјата во градината Христова. Постојат безброј примери на луѓе кои благодарение на Светиот Дух Кој слегол врз нив, тие се преобразени, како што е случај со апостол Павле кој бил гонител на Христијаните. Но, откако ќе Го сретне Христа и Светиот Дух ќе слезе над него, тој ќе стане еден од најревносните проповедници на Христа и својата вера ќе ја потврди со маченичка смрт. Постојат уште многумина свети Божји угодници кои биле големи грешници. Но, откако се допреле до благодатта Божја, односно, откако слегол врз нив Светиот Дух, тие претрпеле такви подвизи, што постанале пример за подражавање на христијаните. До денес светата Црква Божја ги истакнува како пример за подражавање, како што е света Марија Египетска.
Ние денес го прославуваме вториот ден од празникот на Света Троица, кој е посветен токму на Светиот Дух. Затоа да се обратиме кон Господа Исуса Христа, да ни даде сила и мудрост. Да отфрлиме од нашиот живот сè што е пропадливо, минливо и менливо и да го замениме со возвишено, благородно, трајно и вечно. Духот Свет да биде наша поткрепа за да можеме сето тоа достоинствено и христијански да го заслужиме и така да го предвкусиме идното Царство уште во овој живот. Амин.
Втор ден Духовден
храм „Света Софија", Охрид
17.06.2019 год.





