„Венец на благодатта си примил од Бога за твоите страдања, мудар Еразмо, и венчан си потрчал кон Христа, Кого што си Го посакувал постојано, откако си ја отфрлил распадливоста, и си викал: Сите дела Господови, благословете Го Господа“ (песна од канонот на Утрена на св. Еразмо Охридски).

 

Празнувањето на светиот свештеномаченик Еразмо Охридскиот Чудотворец започна на 14.06.2019 година, во манастирот каде овој сведок Божји се подвизувал во Охрид, со празнична Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. 

Running Sneakers Store | Women's Nike Air Force 1 Shadow trainers - Latest Releases , Ietp

 

Празнувањата продолжија утредента, на 15.06.2019 година, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Семилостивиот Бог го создал човекот како круна на Своето создание. Го поставил во Едем да господари и владее над сѐ што се наоѓало во Рајот. Но, во исто време му дал и една заповед: да не јаде од дрвото на познанието. Доколку, пак, касне од истото, Бог му кажал дека ќе умре. Нашите прародители Адам и Ева ја прекршиле оваа единствена заповед Божја, па поради тоа биле истерани од рајската градина. Оддалечувајќи се од неа, тие се оддалечиле и од можноста да бидат со Бога и да се насладуваат со Неговото присуство и со сите благодети што Бог им ги дал на почетокот. По истерувањето од Рајот тие почнале да се оддалечуваат од Бога, а со тоа и од правдата и вистината, па дури и заборавиле на вистинскиот Бог, па човештвото почнало да се поклонува на различни предмети, појави и идоли, со кои Го заменило вистинскиот Бог.


Гледајќи како човечкиот род пропаѓа оддалечувајќи се од Него, Бог се сожалил и Го испратил Својот единороден Син Господ Христос, Кој се родил од Дева Марија и станал сличен на нас луѓето во сѐ освен во гревот. Така, Господ Христос поживеал на оваа земја триесет и три години, словејќи го словото Божјо и поучувајќи го народот Божји на Божјата правда и закон, а сѐ со цел народот да се покае и преобрати, за да си ја врати првобитната создадена убавина. Затоа Христос, покрај тоа што проповедал, претрпел разни искушенија, страдања, судења, распнување како најголем престапник и грешник, бил погубен, а на третиот ден воскреснал. Христос ја основал Својата Црква која има за цел да го води човечкиот род низ овој живот кон вечноста и кон спасение на душите.


Уште од првите векови, на самиот почеток на евангелската проповед се истакнале малкумина угодници Божји, почнувајќи од апостолите, па мачениците, свештеномачениците, преподобните итн. Овие Божји угодници ќе станат сејачи на семето Христово, па со нивниот живот и со нивните дела ќе привлечат многумина на Христовиот пат, а преку тоа и кон спасение на нивните души.


Еден од таквите Божји угодници е и свети Еразмо Охридскиот чудотворец на кого е посветен овој манастир и чиј спомен денес празнуваме. Од житието на овој Божји угодник дознаваме дека потекнувал од Антиохија, односно од Исток, каде што бил архиереј за време на гонењето на Диоклецијан. Бил прогонет поради неговата ревносна служба и во вториот век дошол во Охрид како прв проповедник на Евангелието Христово. Поради неговиот испоснички живот и подвигот овде, во оваа пештера, Бог уште за време на неговиот овоземен живот го обдарил со благодатта на чудотворството. Се знае дека свети Еразмо ја излекувал сопругата на римскиот управник на Охрид во тоа време, која боледувала од тешка и неизлечива болест, а по исцелението се крстила и станала христијанка. Заблудениот управник многубожец, кој бил толку заслепен во идолопоклонството ја убил својата сопруга затоа што станала христијанка. Од страна на тогашната римска власт во Охрид, свети Еразмо бил принудуван да принесе жртва на идолите, но по неговите молитви кипот се скршил сам од себе, а од него излегла голема аждаја, која повторно по неговите молитви била умртвена. По ова чудо, околу дваесет илјади луѓе доброволно се крстиле, станувајќи христијани, за што кратко по тоа биле погубени, а свети Еразмо бил фрлен во затвор. Но, како што вели Тертулијан, крвта на мачениците е семе за нови христијани. Така, посеаното Христово семе во Охрид нашло плодна почва и уште во првите векови тоа се појавило на овие простори, за што сведочат многубројните артефакти, како што се базиликите и подните мозаици кои ги има во голем број како во Охрид, така и во неговата околина.


Свети Еразмо, пак, кога се наоѓал во затвор, бил посетен од Бога, многу слично на апостолот Петар, и бил изведен неповреден од затворот. По ова чудо, свети Еразмо го напуштил Охрид и се преселил во Италија, во местата Формија и Гаета, кои територијално се наоѓаат во покраината Лацио, во непосредна близина на покраината Кампаниа во Јужна Италија, на околу сто и дваесет километри оддалеченост од Рим и четириесет километри од Неапол. Свети Еразмо го завршил својот живот на почетокот на четвртиот век во 303 г. во Формија, каде се наоѓа и неговиот гроб.


Како што помагал на луѓето за време на неговиот овоземен живот, свети Еразмо уште повеќе им помага на сите кои со вера и надеж молитвено се обраќаат кон него, сега кога тој живее во вечноста. И ние кои денес се наоѓаме во овој манастир да се обратиме со искрена молитва на свети Еразмо, за тој да ги пренесе нашите молитви пред престолот на севишниот Бог. Да ни даде сила и можност да живееме според волјата Божја, да го исполниме Неговиот закон и да спечалиме вечен и блажен живот. По молитвите на свети Еразмо, така нека биде. Амин.

 

св. Еразмо Охридски Чудотворец

Манастир „Свети Еразмо Охридски" Охрид

15.06.2019 год.

 

sverazmo2019 1sverazmo2019 2sverazmo2019 3sverazmo2019 4sverazmo2019 5sverazmo2019 6sverazmo2019 7sverazmo2019 8sverazmo2019 9sverazmo2019 10sverazmo2019 11sverazmo2019 12sverazmo2019 13sverazmo2019 14sverazmo2019 15sverazmo2019 16sverazmo2019 17sverazmo2019 18  

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5