„Разгорен од ревносна љубов кон Господа, ти храбро ги уништи ризниците на прелеста и, откако на судот Го исповеда Христа, преславен маченику, победоносецу себлажен Георгие, моли Го Христа, да ни дарува милост голема“ (седален на Утрена на св. вмч. Георгиј).
Малку се зборови, малку се прослави, малку се и служењата за достојно да се прослави великомаченичкиот и натчовечки подвиг на светиот победоносец Георгиј, кој не жалејќи се себеси и своето тело, најдостојно ја посведочи силата на Христовото Воскресение. Но, сепак, не може, а да не ги спомнеме и пофалиме службите и пофалбите што градот Струга, чиј централен храм го носи името на овој Маченик Христов, му ги оддава на светиот Георгиј. Долгите години традиција, несебичните залагања на монаштвото од Бигорскиот манастир, манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица и Пречистанскиот манастир, секојдневното жртвување на протоерејот Васко Голабоски, старешина на храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Струга, а сето тоа со активното учество, и пред сѐ, со благословот и по молитвите на нашиот Архиереј, Високопреосвештениот Митрополит Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, ја направија Струшката Еордија (Литија) вистинско сведоштво за силата на православието, зрак на радост од светлината на Христовото Воскресение.
latest Nike release | Nike
Според одамна воспоставената традиција, и оваа година торжествата започнаа утрото на 07.05.2019 година, во храмот „Св. вмч. Георгиј“ во Струга, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, протоереите Васко Голабоски и Митре Попоски, свештениците Петар Бојчиноски, Љупчо Бакрачески и Александар Димоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. Свештенството од Епархијата и Струга уште повеќе се возрадуваа во овој светол ден, зашто Црквата Христова и Македонска доби уште еден служител пред Престолот Господов. Имено, Митрополитот Тимотеј го ракоположи во свештенички чин ѓаконот Христијан Костоски, кој неколку години веќе Му служеше на Бога во струшкиот храм. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодно слово.
Празничните торжества продолжија во попладневните часови, со Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослужение на архимандритите Нектариј и Партениј, протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов и Никола Христоски, свештениците Ѓорѓи Блажевски и Христијан Костоски и протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Драган Ѓеорѓиевски. По завршувањето на Вечерната служба, Митрополитот Петар се обрати кон верниот народ со пригодно слово, во кое со прекрасни зборови го восфали подвигот на светиот Георгиј. Потоа беше отслужен Парастос за сите порано упокоени свештеници, ктитори и приложници на струшкиот храм, а на Парастасот чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на горе споменатите. Потоа започна и славната литија, на која беа носени моштите на св. вмч. Георгиј, придружувани од двете чудотворни икони - струшката икона на светиот Георгиј и Крнинската икона на Мајката Божја. Оваа година, благословот да ги носат моштите го добија: Милчо Чакарески, Васил Ашталкоски, Ратко Лазарески и Стевче Алушевски, додека иконата на св. Георгиј ја носеа: Ангелко Јовчески, Цветко Митрески, Коста Хиохи и Боге Гоќески, а иконата на Мајката Божја беше носена од: Билески Софче, Драган Кузманоски, Горан Силјаноски и Јане Темелкоски. Неописливо е чувството да се биде дел од оваа надалеку позната литија, особено кога ќе ги видите и слушнете невините дечиња, кои облечени во традиционални народни носии, радосно воскликнуваат: Христос воскресе! Литијата беше збогатена и со звуците на Градскиот оркестар од Скопје, а неизбројниот верен народ се наслади и со прекрасниот настап на членовите на ансамблот „Македонија“. На овогодинешната литија, присуствуваа и Градоначалникот на град Охрид, г-дин Константин Ѓорѓиески, и Градоначалникот на општина Дебарца, г-дин Зоран Ногачески.





