„Со љубопитната десница, Тома ги испита Твоите животодателни ребра, Христе Боже, кога си влегол низ заклучените врати, и со другите ученици викаше: Ти си мојот Господ и Бог!“ (кондак на Утрена на Томина недела).
На 05.05.2019 година, во Неделата на Антипасха - Томина недела, во храмот „Св. Никола“ во Долна Маала во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Сашо Ристески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Running Sneakers Store | Best Selling Air Jordan 1 Mid Light Smoke Grey For Sale 554724-092
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Централен настан во историјата, не само на Христијанството, туку на целокупното човештво е воскресението на нашиот Господ Исус Христос. Ние веќе една седмица го прославуваме овој настан. Ќе продолжиме да го прославуваме сѐ до Спасовден како жив и воскреснат Господ Кој се вознел на небото од каде и дошол и седнал од десната страна на Бога и Отецот.
Христовото воскресение е оној аголен гранитен камен на кој е соѕидана чудесната зграда на нашето спасение, а тоа е светата православна Црква, која според зборовите Христови „вратите на пеколот нема да ја надвладеат" (Мт. 16,18). Апостол Павле вели: „ако пак Христос не воскреснал, празна е нашата проповед, празна е и вашата вера" (1 Кор 15, 14). „Но, Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина на умрените" (1 Кор.15, 20). Токму затоа, бидејќи воскресението е камен темелник на Христовата Црква, тоа е и најголем доказ во историјата од земниот живот на Господа Исуса Христа.
Во денешното Евангелско четиво се зборува како апостол Тома, еден од дванаесетте апостоли, поминувал низ големи сомнежи и лавиринти на неверие во воскресението на Господа Исуса Христа. Вечерта по воскресението, Господ Христос им се јавува на апостолите, потоа на жените мироносици и на патниците за Емаус. Сите апостоли со Богородица и жените мироносици му кажувале на апостолот Тома дека Христос воскреснал и им се јавил и зборувал со нив. Го убедувале дека Тој не е привидение, туку вистина, но апостол Тома останал тврд во своето убедување, плашејќи се да не биде прелажан од тврдењето на апостолите и другите сведоци на воскресението на Господа. Иако поминала цела седмица, тој останал упорен во своето сомневање, велејќи дека додека не го стави својот прст во раните од клинците и раката во реброто – нема да поверува. На осмиот ден по воскресението, воскреснатиот Гоиспод Хрисатос повторно влегува преку заклучената врата онаму каде што биле собрани учениците, а со нив и апостолот Тома, поздравувајќи ги со „Мир на сите", и повикувајќи го Тома да појде и да ги стави прстите во раните од клинците и раката во реброто, та да не биде неверен, туку верен. Откако Тома постапил според зборовите на Господа Христа, паднал на колена и извикал: „Господ мој и Бог мој" (Јн. 20, 28). На тоа Христос ќе му одговори со благ укор: „Тома ти поверува оти Ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале!" (Јн. 20,29).
Господ Исус Христос не го осудува апостолот Тома за неговото неверие, туку напротив – му дозволува на опиплив начин да се увери, бидејќи тоа ќе биде една потврда за Црквата Христова во иднина, дека Христос не бил привидение, туку реална личност. Тој зборувала со нив и оние кои три и пол години Го следеле во Неговата проповед за Царството небесно, можеле да Го допрат.
И ние како верници, не треба набрзина и без големо внимание да ги осудуваме и отфрламе луѓето кои искажуваат одредени сомневања и недоумици околу христијанските вистини. Во природата на човекот е всадено да проверува и да се утврдува во вистините кои ги слуша или чита. Доколку овие желби се вистински настојувања со цел да се испитаат аргументите, тие се полезни како за личноста што го прави тоа, така и за околината во која што се движи. Иако апостолот Тома поради овој негов сомнеж ќе го добие епитетот „неверен Тома", сепак, се поставува прашањето: Доколку и останатите апостоли не го видеа Христа веднаш по воскресението, како ли и тие ќе се однесувале на слушнатото од жените мироносици или од некој друг? Затоа Господ Христос дозволува да се проверува, а преку тоа и утврдува Неговата наука, бидејќи апостолите така ќе добијат сила и благодат Божја да го сеат Христовото семе по целиот свет, не плашејќи се од никакви овоземни прогонства, мачења и убивања. Сите апостоли, освен свети Јован Богослов, нивната верност и припадност на Христа ќе ја запечатат со маченичка смрт. Апостолот Тома, пак, ќе се погрижи да го проповеда Евангелието во Индија, каде маченички ќе го заврши својот живот.
Евангелието на светиот апостол и евангелист Јован ни сведочи дека Христос се јавувал во текот на четириесет дена на апостолите и правел безброј чуда и кога сето тоа би се запишало, не би го собрало во сите книги на светот. Тоа што е напишано е запишано за да поведуваме дека навистина Господ Исус Христос е Син Божји и верувајќи да имаме живот во Неговото име. Благо на вас кои не сте биле сведоци на воскреснатиот Христос, а поверувавте и со вашата вера постанавте синови Божји и следбеници Христови, односно христијани. Затоа се вели: „Блажени се оние кои не виделе а поверувале."
Би сакал да напомнеме дека самата вера е корисна, но не е доволна. Ние знаеме дека и демоните веруваат и треперат пред Бога, но не прават добри дела, па затоа и немаат удел со Христа. Затоа ние сме должни не само да веруваме, туку да правиме и добри дела и така да се надеваме да стекнеме заедништво во Царството небесно со сите Божји угодници. По молитвите на свети апостол Тома, нека биде така. Амин.
Томина недела
Храм „Свети Никола"
Долна Маала - Охрид
05.05.2019 год.





