„Господи, жените мироносици трчаа кон гробот да Те видат Тебе - Христа, Кој заради нас пострада. И, ког пристигнаа, најдоа ангел седнат на каменот од страв тргнат, и повика кон нив, велејќи: Воскресна Господ! Кажете им на учениците дека воскресна од мртвите Оној што ги спасува душите наши“ (воскресна стихира на Утрена на Светли Четврток).
На 02.05.2019 година, на Светли Четврток, во храмот „Св. Јован Богослов“ - Канео во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Водосвет во Светла седмица и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Adidas footwear | Air Jordan 1 Low White/Black-Midnight Navy For Sale – Fitforhealth
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Христос воскресе!
Воскресението на нашиот Спасител Господ Исус Христос зазема централно место во Светото Писмо како и во животот на нашата света Црква. На фактот за Христовото воскресение се темели христијанската вера и христијанската надеж. Низ целиот свет апостолите ја пренеле проповедта за воскресението Христово. На нивната беседа за страдањата, погребението и воскресението Христово се изградила христијанската Црква. Со вера во воскресението на Господа Исуса Христа, како и во општото наше воскресение, таа живеела и ќе живее.
Во Делата апостолски се вели: „Апостолите со голема сила сведочеа за воскресението на Господа Исуса Христа и великата благодат беше врз нив". (Дела 4, 33) Во Евангелието повеќе од стопати се зборува за воскресението Христово. Ако на Евангелието му се одземе воскресението Христово, тогаш тоа би останало едно прекрасно раскажување како човечка творба.
Самиот Господ Исус Христос повеќепати зборува за Своето воскресение. Еднаш Он вели: „Лукав и прељуботворен род бара знак; но нема да му се даде знак освен знакот на пророкот Јона; оти, како што Јона беше во утробата на китот три дни и три ноќи, така и Синот Човечки ќе биде во срцето на земјата три дни и три ноќи". (Мт. 12, 39-40) На друго, пак, место Христос вели: „Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам." (Јн. 2, 19) На тоа садукеите и фарисеите се спротивставиле дека Тој не може да го изгради за три дена храмот кој е граден во текот на многу години. Но, како што потенцира евангелистот, Христос тука зборува алегорично, за Своето тело, кое ќе биде погребано и на третиот ден ќе воскресне. Христос воскреснал телесно. Кога им се јавил на Своите ученици, тие се сомневале и мислеле дека гледаат привидение. Но, Христос им вели: „Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во вашето срце? Видете ги рацете Мои и нозете Мои. Јас Сум истиот. Допрете се до Мене, зашто духот нема тело и коски, а како што гледате Јас имам." (Лк. 24, 38-39) Христос им дал можност да се допрат до Него, а на апостолот Тома, пак, му дал можност и го повикал да го стави својот прст во Неговата рана и својата рака во Неговите ребра.
Сведоштвото за воскресението Христово во тело, за нас има многу важно значење, затоа што според учењето на божественото откровение, слично на Христа ќе воскреснеме и ние со нашите тела. Свети апостол Павле во посланието до Коринтјаните Го нарекува Христа „првенец Кој воскресна од умрените" (1 Кор. 15, 20) Он прв воскресна од мртвите, а и сите ние ќе воскреснеме во Него.
Многу е важен и фактот што Христос и денес вечно живее. Апостол Павле во посланието до Римјаните зборува дека Христос воскресна од умрените и смртта повеќе нема власт над Него. Така и секој последовател на Христа ќе воскресне за вечен живот, ќе воскресне за повеќе да не умира. Надевајќи се на воскреснатиот Господ, да застанеме на патот на нашето облагородување, на патот на мирот и на евангелската правда. На тој пат за наш помошник секогаш ќе Го имаме Господа Христа Кој нè утешува и нè уверува дека ќе биде со нас во сите денови до свршетокот на светот. Христос нека воскресне во нашите срца и души. Да одиме по Неговиот пат и да спечалиме вечен и блажен живот, прославувајќи Го воскреснатиот Христос. Амин.
Светли Четврток
Храм „Свети Јован Канео", Охрид
02.05.2019 год.





