„Радувајте се, луѓе, и веселете се! Ангелот кој седеше на гробниот камен, тој ни благовести велејќи: Христос - Спасителот на светот - воскресна од мртвите, и со благопријатна миризба ја исполни вселената. Радувајте се, луѓе, и веселете се!“ (воскресна стихира на Утрена во Понеделник од Светла седмица).
На 29.04.2019 година, на Вториот ден Пасха, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Nike sneakers | Nike Dunk Low Coast UNCL - Grailify
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри, Христос воскресе!
Овој ден го создаде Господ за да се зарадуваме и развеселиме во него.
(Пс. 117,24)
Овој ден е празник над празниците и торжество над торжествата. Затоа целиот свет воскликнува: „Христос воскресе!" И секој од нас, мислено и со умот и со срцето пристапува кон гробот живоносен и кон изворот кој ни засветли живот вечен, односно Царство Небесно. Затоа на овој ден секој еден треба да се замисли за тоа што донесло во неговиот живот Христовото страдање, распнување и воскресение.
Денес повторно Господ преку свети луѓе ни ја открива големата тајна на Богопознанието. Господ ни ја открива суштината на Христијанството, содржана во двата збора што ние денес ги изговараме: „Христос воскресе!" Во овие два збора се состои целата догматика на воскресението и ни се открива содржината на целото Евангелие. Воскресна Христос како вистински Бог, имајќи власт да ги проштева нашите гревови, земајќи ја силата на смртта над луѓето. Он е Сесилниот Бог Кој раководи со сè што е живо и воскреснува мртви. Бог Кој на крстот му ветува на покајаниот разбојник: „Вистина ти велам, денес ќе бидеш со Мене во Рајот"(Лк. 23, 43). Денес во богослужбата ги слушнавме зборовите: „Христос воскресе и адот рида! Христос воскресе и смртта ја изгуби својата сила! Христос воскресе и повеќе демонот ја нема силата врз човекот!" Тој нè изгуби од својата власт, освен ако ние сами не се предадеме во неговите канџи и во неговото тешко и неудобно бреме. Ако човекот е исполнет со завист и злоба, тој ќе ги чувствува ѓаволските измами. Самото воскресение е лесно и свето, затоа што тоа носи радост, носи живот, носи светлина, топлина, како што и присуството на Бога му подари љубов на паднатиот човечки род. Но најголемиот дар е воскресението на мртвите и животот во царството Небесно.
Ние со вас, драги верници, го гледаме значењето на овие два збора: „Христос воскресе". Се утврдува Црквата, ликува небото и се радува земјата. Се радува дури и природата за која ние велиме дека е бездушна. Но, со воскресението Христово засветли сонце, а небото дава топлина, земјата, пак, сè што ни е неопходно за нашиот живот. Природата се пробудува за нов живот. Тоа што можеше да се каже дека умрело во текот на зимата се буди и воскреснува. Зарем сето тоа не е милост Божја? Со воскресението, Спасителот ни ги дава сите потребни нешта за живот во благочестие. Ни се дадени сите неопходни средства за заштита од нападите од суетата на овој свет и од ѓаволот. После сите овие добрини, нашето спасение зависи само од нас, од нашата верност кон нашиот Спасител и Неговото Божествено учење. Потребно е да не го закопаме дадениот ни талант на благодатта и да не го валкаме ликот Божји во нас со разни гревови и нечистотии.
Семоќната сила на Христа и Неговата љубов, можат нас слабите, немоќни и колебливи да не направи похрабри, непоколебливи во верата и ученици на Господа Исуса Христа. Кога го величаме и прославуваме Христовото воскресение, можеме тоа да не го правиме со доволно внимание и да го изговараме празничниот поздрав, без сериозно да се замислиме врз тоа што изговараме. Вечниот непријател на човечкиот род, кој трепери пред името на Господа и бега од крстот и од Христа, не може да го поднесе она што го направи Господ со кротост и смиреност и со воскресението на мртвите. Бог ги раскинал адските вериги и ние треба да бидеме благодарни за тоа што Господ дојде на земјата и прими човечко тело. Од нас и за нас прими страдања, исмејувања, удирања, крстно распнување и воскресение, за и ние да воскреснеме заедно со Него и да се вратиме во татковиот дом, кој заедно со Адама го изгубивме во свое време. Откако Христос умре за нашите гревови, со Неговата благодат, ние можеме да станеме мртви за гревот и да се ослободиме од неговото владеење, затоа што воскреснатиот Христос живее во сите векови. Така и ние ќе живееме вечно. Смртта повеќе нема власт над нас. Воскресението ја порази. Христос нè спасува во својата света, соборна и апостолска Црква.
Ние треба да запомниме дека сме искупени со скапоцената крв на нашиот Господ Исус Христос. Затоа и ние не се нарекувме просто верници, туку уште се нарекуваме и Христијани, односно следбеници на Христа, Кој воскресна и ја растури сета адска сила и ни подари живот вечен. Со телото почина, за ние да живееме. Не треба да заборавиме дека нашата земна татковина е живот времен и школо во кое се учиме да живееме во вечноста со Бога и да се насладуваме со неискажливите небесни богатства.
Да се молиме и да бараме Пасхата Христова да не се завршува после четириесет дена, туку таа да биде вечна во нашите души, зашто Господ рече: „Радувајте се и веселете се зашто Јас го победив злото. Радувајте се и веселете се бидејќи вие станавте наследници на Царството Небесно на кое нема да има крај". Христос воскресе!
храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Струга
29.04.2019 год.
Втор ден Воскресение Христово





