„Дојдете да Го видиме нашиот Живот, Кој во гроб лежи, за да ги оживи оние кои лежат во гробовите. Дојдете денес да го видиме лавот од Јуда како спие, и пророчки да Му запееме: Кој ќе Те подигне, Цару, Кој лежиш и спиеш како лав? Но, воскресни самовласно, Господи, Кој Себе се даде за нас доброволно, слава Ти“ (хвалитна стихира на Утрена на Велика Сабота).
На 26.04.2019 година, на Велики Петок, во вечерните часови, кога го празнуваме боготелесното погребение и слегувањето во адот на Господа Бога и Спасителот наш Исус Христос, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена Утрена богослужба на којашто беа испеани и трите статии со кои го опеваме Христовото опело. На Утрената богослужба чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.
Nike Sneakers | Nike Shoes
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Нашиот Господ Исус Христос наоѓајќи се прикован на крстот ги изговорил овие потресни зборови: „Боже, Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?" (Мт 27, 46) Господ бил прикован на крстот заради нашите гревови. Он повикал со Неговата човечка природа која има слабости, но не и грев. Па, се поставува прашањето: Како можел Бог Отецот да Го остави Својот единороден Син да поднесува такви маки и страдања? Бог Го испраќа Господа Христа за да го спаси светот. Затоа и Христос како човек ги поднесува овие страдања, како откуп за гревовите на светот.
Треба да знаеме дека Божеството не било разделено во ниту еден момент од човечката природа на Господа Исуса Христа. Ова оставање значи дека човековата природа кај Господа Исуса Христа била препуштена на сите маки и ужаси на крстното страдање со сите смртни таги и болки. Он таа тага ја почувствувал уште во Гетсиманската градина, кога им вели на Неговите ученици: „Смртно е нажалена Мојата душа. Останете тука и бдејте со Мене!" (Мт. 26, 38) Можеме да замислиме какви биле тие телесни маки и какви душевни и телесни болки претрпувал семилостивиот Бог за отплата на севкупниот човечки род. Христовата крстна жртва е принесена за сите луѓе без исклучок, од Адама и Ева па до крајот на светот, а тоа значи и за нас. Сите ние сме луѓе грешници и заслужуваме неизмерна казна за сите наши беззаконија. Секој од нас може сам да пресуди за себе. Можеме само да замислиме колку сурови, горки и тешки биле крстните маки и каква била душевната болка на Јагнето Божјо, Кое ги зема сите гревови на светот. Затоа и Бог во една таква состојба ги изговара овие зборови: „Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?"
Неспорно дека Неговата душа како и Неговото тело поднесувале и трпеле ужасни болки и патења. Затоа ние луѓето треба да бидеме свесни за сите тие горчини и бесмислености и неумереноста со сите смртни гревови и колку се тие туѓи на нашата природа, која е создадена според образот Божји. Затоа треба да се срамиме и да го избегнуваме секој грев и беззаконие. Да замислиме како ќе беше ако Синот Божји не дојдеше и не го дадеше Својот живот за откуп на нашите гревови. Што ќе беше тогаш со човечкиот род? Ќе бевме робови на гревот и играчка во рацете на демонот. Но, благодарение на милоста Божја и искупителните страдални жртви на Господа Христа, Бог ни даде можност да го победиме злото, да се откажеме од ѓаволот и повторно да ја вратиме првобитната состојба и улога за која Бог нè создал, а тоа е да бидеме Негови следбеници и да се усовршуваме за да се уподобиме на Бога.
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
Сето тоа ќе може да го направиме само со искрена вера, со искрено покајание и отфрлање на секаква злоба, пакост и грев од нашите срца, од нашите умови и од нашите постапки.Да пристапиме кон таа измена додека сè уште имаме време за покајание. Да пристапиме кон Спасителот на светот и со љубов да ги целиваме Неговите пречисти рани, кои за нас ги поднесе. Да го целиваме и Неговото пречисто тело и преку тоа да ја засакаме вистината, да ја засакаме милоста Божја за да бидеме и помилувани од Него. Амин.
Велики петок
Храм „Свети Георгиј Победоносец" Охрид
26.04.2019 год.





