„Денес Христос оди во домот фарисеев и жена грешница пристапува и паѓа пред нозете Негови, викајќи: Погледни ме мене, потопената во гревови, падната во очајание поради моите дела; не отфрлај ме, поради Твојата добрина, и дај ми, Господи, прошка на гревовите и спаси ме“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Велика среда).

 

На 24.04.2019 година, во светата и Велика среда, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на Претходноосветените дарови, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

bridgemedia | Nike Dunk - Collection - Sb-roscoff

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


На денешната Литургија на претходноосветени дарови, прочитавме извадок од Евангелието во кој се зборува за Господа Христа, Кој подготвувајќи се за крстните страдања се нашол во куќата на Симона Прокажениот. Додека бил на трпеза, кон Него пристапила една жена, која била позната како голема грешница, односно блудница. Таа пристапила кон Христа и врз Неговата глава излеала скапоцено миро кое го носела со себе. На тоа учениците Христови почнале да негодуваат. Особено негодувал Јуда, кој овој акт го окарактеризирал како растурање и недомакинско однесување, бидејќи, како што вели тој, мирото можело да се продаде и парите да се разделат на сиромашните. Христос на ова упатува благ укор, велејќи дека жената Го подготвила за погребение. Што се однесува на сиромасите, Христос рекол: „сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене ме немате". (Мт. 26, 11) Оваа жена, и покрај тоа што кај народот важела за голема грешница, сепак, имала некое внатрешно претчувство и сознание дека Господ Христос е праведен и Тој е Синот Божји Кој дојде во светот да поднесе страдања и распнување, со цел да го избави човечкиот род од гревот. Таа со сигурност не била Христова ученичка. Таа не ги слушала Неговите учења и проповеди, како и Неговото наговестување за страдањето, распнувањето и погребението. Но, сепак, Бог ѝ открил дека треба да го направи ова Богоугодно дело, за да Го подготви Месијата Господа Христа за погребение. Треба да знаеме дека со скапоцени мириси, односно со миро, ги помазувале царевите и богатите луѓе во Јудеја пред нивното погребение, со цел нивните тела да не замирисаат пред време, пред нивното погребение, бидејќи Палестина е топла земја, па топлината придонесува телата полесно да станат подлежни на распадливост, а со тоа и на замирисување.


Апостолите и покрај тоа што три години Го следеле Господа Христа, ги слушале Неговите проповеди и ги гледале Неговите чуда, сепак не биле доволно просветлени и уверени во она што го слушале и гледале, како и во тоа дека Тој е Спасителот и Искупителот на родот човечки.


Ова, пак, подготвување на Христа за погребение од страна на грешната жена, му послужило на Јуда Искариотски да Го предаде својот учител за триесет сребреници. Тој бил чувар на апостолската каса и од неа тајно поткраднувал за лични потреби. Гледајќи го ова скапоцено миро, неговата завидлива душа исполнета со среброљубие не можела да истрае повеќе, па овој настан го поттикнал побрзо да отиде кај јудејските старешини и да Го предаде.


Овде природно се наметнува прашањето за среброљубивоста како голем порок и грев кој ги оддалечува луѓето од секоја правда, вистина, човечност, искреност и оданост. Оној кој е среброљубив, според зборовите на свети Јован Златоуст: „не само што не е способен да ги сака непријателите, како што заповедал Господ, туку им завидува и на своите ближни". Среброљубието е дејство спротивно на Христовата заповед, па дури и на човечките инстинкти, бидејќи Евангелието бара од нас, нашите чувства да бидат упатени кон другите, а не само кон нас. Затоа и Христос вели: „поблажено е да се дава, отколку да се зема" (Дела 20, 35) Тука природно се поставува и прашањето како ние христијаните треба да се однесуваме кон богатството. Тоа само по себе не е грев, туку средство за опстанок на човекот. Ние сме должни да се грижиме за себе, па и за своето тело, за семејството и за сѐ што ни е доверено. Но, свети Јован Златоуст советува и вели: „Ние сме должни да се однесуваме кон парите како господар и оној што господари со нив, за тие да не господарат со нас".


И ние, наоѓајќи се во оваа Страсна седмица, и угледувајќи се на жената грешница, која сѐ што имала приложила за Христа, да отфрлиме од нашите срца и души секаква неоправдана приврзаност кон земните блага. Посветени со сето наше битие кон духовниот живот, да се исполниме со надеж и силна вера за избавување од гревовите, та да стекнеме вечен и блажен живот, и да станеме соучесници во Христовото Воскресение. Амин.

 

Велика среда
храм „Пресвета Богородица Каменско", Охрид
24.04.2019 год.

 

velsreda2019 1velsreda2019 2velsreda2019 3velsreda2019 4velsreda2019 5velsreda2019 6velsreda2019 7velsreda2019 8velsreda2019 9velsreda2019 10velsreda2019 11velsreda2019 12velsreda2019 13velsreda2019 14velsreda2019 15velsreda2019 16velsreda2019 17velsreda2019 18velsreda2019 19

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5