„Ништо не можат да му сторат на маченикот лакот и стрелите твои, непријателу на човековото спасение, бидејќи тој и по смртта живее и бдее, и им се противи на твоите злодела, за да го спаси секого што православно верува“ (песна од канонот на Утрена на Тодорова сабота).
На 16.03.2019 година, во саботата од првата седмица на Великиот пост, која Црквата ја посветила на светиот великомаченик Теодор Тирон, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Running sport media | Nike Air Max 270 - Deine Größe bis zu 70% günstiger
Митрополит Тимотеј
Во името на Οтецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Ова се спасителни денови на светата Четириесетница. Господ повторно ни дарува можност усрдно да се молиме и достојно да го минуваме периодот на постот и да го примиме радосното искуство на христијанскиот живот. Верниците кои ги посетуваа богослужбите секое утро и вечер во текот на оваа седмица, имаа можност за внатрешна, духовна сконцентрираност на самоанализа и молитва.
Во сите богослужбени песни што ги слушавме во изминатите денови, се нагласува дека во центарот на велигденскиот подвиг на секој верник треба да се наоѓа покајанието, изме-нувањето на човекот и на неговиот ум и срце. За постигнување на ова, многу ни помага и посната храна и молитвата. Сето тоа го формира и зацврстува религиозниот живот на човекот, во чија основа лежи идејата за духовно усовршување. Надвор од таа идеја и од нејзиното остварување се губи секоја смисла на човековата историја, затоа што ние знаеме дека сеопшт прогрес како таков не постои. Идејата за општ прогрес е лажна и неточна. Можат да се јават нови достигнувања во различни области - во техника, електроника итн. Овие достигнувања можат да придонесат за менување на способностите во освоениот свет. Но, замислениот општ морален прогрес на луѓето – не постои. Прогресот е можен само на рамниште на одделни, посебни личности. Не е можен општ прогрес, туку секоја индивидуа со својот личен труд може и треба да се менува и усовршува.
Денес често може да се слушнат обвиненија дека новата генерација на луѓе е полоша од старата. Но, во исто време може да се слушнат и обратни мислења. Меѓутоа, вистинска слика за тоа може да се стекне само врз основа на личното искуство и секојдневен опит. Добар дел од луѓето што во изминатите денови редовно присуствуваа на богослужбите и принесуваа покајание на Бога, можат да ги почувствуваат тие измени. Животите на некои од подвижниците влегоа во нивните срца, кои се обидуваа да ги подражаваат во доброто.
Совршено ни е јасно дека ние како современи луѓе со различни обврски и задолже-нија, не можеме постојано да бидеме во црква, како што тоа го правевме во оваа седмица. Но, и оваа една недела ни дава можност да го согледаме светлото во тунелот. Искуството на таков живот пред сè ни помага во нас да се запали ѕвезда патеводителка која ќе не води низ морето на животот. Тука, исто така, е многу важен уште еден факт кој не треба да го заборавиме. Тоа е дека човек, колку и да се труди, со сопствени сили не може да постигне прогрес и напредок во своето духовно растење. Доколку кај некого се јави ваков напредок, тоа се случува со благодатта Божја како одговор на трудот и подвигот. За да ги направиме нашите трудови поделотворни, покорисни за нас, како и за луѓето што не опкружуваат, ние сме должни да ја привлечеме Божјата сила, односно Благодатта Божја.
Божјата благодат кај луѓето се стекнува не само со сопствен труд, како што рековме, односно не само со свои подвизи и морално усовршување, туку и со учество во светите тајни. Кога ние се причестуваме со телото и крвта Христови, тогаш и благодатта Божја реално, а не симболично е со нас. Таа делотворно ги надополнува нашите недостатоци и ни дава сили. Токму тоа е и спасителното соединување на човековите усилби и Божествената благодат. Оваа синергија ни го открива патот на духовното усовршување.
Полнотата на остварувањето на човекот не се наоѓа во рамништата на ниските човечки страсти, туку во височината на добродетелниот живот. За да примат нашите гради чист воздух, потребно е да се искачиме на висина и таму ќе го почувствуваме свежиот и чист воздух. Таков свеж воздух на Божјата благодат во нашата душа ќе почувствуваме тогаш кога ќе се издигнеме од нечистотијата на секојдневниот живот. Ако за време на Велигденскиот пост смогнеме сила да ги надминеме гревовните предизвици, ако се движиме нагоре кон вистинската цел на нашиот животен пат, и ако радосно и морално ги поминеме овие спасителни денови од светата Четириесетница, тоа ќе има огромно значење за целиот наш живот. Затоа светата Црква ни предлага да го поминеме периодот на великиот пост во пост и молитва, во борба со нашите слабости, а Господ ќе ни помогне да го завршиме овој пат достојно и спасително. Свети Теодор нека ни помага на тој пат. Амин.
Ман. „Св. Климент и Пантелејмон" Плаошник
16.03.2019
Тодорова сабота





