„Апостоли божествени, за светот најтопли молитвеници, и на православните - заштитници, кои имате смелост и моќ пред Христа нашиот Бог; ве молиме, сечесни, молете се за нас, доброто време на постот светло да го завршиме и благодатта на едносушна Троица да ја примиме. Великопроповедници славни, молете се за душите наши“ (стихира на Господи повикав... во среда од Прва седмица на Великиот пост).

 

На 13.03.2019 година, во средата од Првата седмица на Великиот пост, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Димче Азески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

Buy Kicks | Best Custom Jordans of All Time - Fashion Inspiration and Discovery

 

Според одамна воспоставената традиција, во првата среда од Великиот пост, на едно место се собра и свештенството од нашата Епархија. Откако беше извршен чинот на групна исповед, се одржа и свештеничко собрание, на кое беше разговарано за повеќе теми и проблеми од животот и службата на свештенството.

 

Во продолжение ви ја пренсуавме беседата на Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Покајанието не е потребно да се наоѓа во центарот само за време на Велигденскиот пост, туку, низ целокупниот живот на христијанинот. Покајанието не се јавува како моментално дејство поврзано со исповед, туку делотворен процес, а како цел, се јавува изменувањето на човечкиот ум и срце. Многу е важно промената што ние ја постигнуваме, како резултат на покајание, да биде цврста и стабилна. Да не се враќаме повторно назад кон гревовите, за кои ние сознаваме и се каеме и за кои со силата Божја се трудиме истите да ги искорениме од нас. Исто така, важно е и другите искушенија, кои можеби порано не сме ги сретнувале, да не се прилепат кон нашата душа и да нè осквернат и да го нарушат нашиот внатрешен мир.


За да се заградиме себеси од гревот, потребно е добро да знаеме што да правиме и како да делуваме, за гревот да не ја завладее нашата душа. Светите отци и аскетски учители на Црквата, борбата со гревот ја споредуваат со војничка стража. Кога една стража ја напушта својата должност, настапува друга, секогаш по утврдени правила за работа. Во нашиот случај, настапувањето на гревот секогаш го внушува ѓаволот. Затоа должни сме да стражариме и да бдееме врз себеси. Светите отци нè охрабруваат да бидеме истрајни во таа борба. Ем сме на стража, ем сме во борба. Во секоја борба, постојат неколку нивоа на одбрана. Така, и во нашата невидлива борба со ѓаволот, постојат повеќе нивоа. На самиот почеток е одбраната, којашто се наоѓа на првата линија. Таму доаѓа до првиот судир со противникот. Светите отци, оваа линија ја сместуваат во умот на човекот, затоа што, гревот започнува со помислата за грев. Во длабината на нашиот разум никнува нашето сознание за видот на гревот, лукави мисли и насочувања. Тука уште не се зафатени нашите чувства и не делува нашата волја. Мислите ќе започнат да се раѓаат само во разумот и, преку тој вид, гревот се обидува да проникне во духовниот живот на луѓето. Тука, на релативно лесен начин може да се победи непријателот. Но, за тоа потребна е цврста волја, насочена во борба со грешните мисли и не треба да допуштиме ѓаволот да ја помине првата одбранбена линија за да се вовлече на второто скалило.


Како втора борбена линија се јавува човековото срце и областа на чувствата. Треба да знаеме дека гревот на човекот му носи не само задоволување на чувствата, туку и тешки страдања и предизвикува душевни вознемирувања, како што се злобата, зависта и гневот. На сличен начин гревот се пројавува и во областа на човековите чувства. Неретко, дури и без да внимаваме дека гревовните чувства болно се внесуваат во нас. Ние повторно се враќаме кон нив и ги подгрејуваме во себе. Гледаме дека страдаме од тие страшни чувства. Еден свет отец вели: „Срцето на човекот е почеток и корен на сите наши делувања". Што и да правиме, правиме преку срцето. Правиме и добро и зло. Со срцето или веруваме или не веруваме. Со срцето љубиме или мразиме. Се смируваме или се возгордејуваме. Трпиме или роптаме. Опростуваме или стануваме озлобени. Поучуваме и покажуваме пример или навредуваме и судиме. Со срцето се обраќаме кон Бог или се одвраќаме од Него. Со срцето се приближуваме кон Бога или се оддалечуваме и одиме против Него.


По оваа втора етапа на одбраната, доколку дозволиме да бидеме победени, тогаш, тешко ќе можеме да се ослободиме, но сè уште има можност, бидејќи гревот сè уште не е преминат во реално делување. Сè уште останува во планот на умот и чувствата, додека, пак, нашата волја сè уште е слободна. Сè уште можеме да не допуштиме гревот да делува, но тоа е многу тешко. Доколку непријателот ги помине овие две нивоа, тогаш демонот ќе ги употреби сите свои сили да нè совлада и да бидеме негов плен и да не можеме да се спротивставиме на гревот – злото во кое ќе нè насочува лукавиот.


Наоѓајќи се во самиот почеток на Великиот пост, да се обратиме со искрена молитва кон Бога. Да ни даде искрено покајание и цврстина во нашиот подвиг. Да не му дозволиме на гревот да го помине ни првиот праг и така полесно да го поминеме, не само Велигденскиот пост, туку и целиот наш христијански живот според учењето на нашата света Црква, па така да измолиме милост Божја за вечен и блажен живот. Амин!

 

Прва среда од Великиот пост
13. 03. 2019 година
Храм „Успение на Пресвета Богородица – Каменско" – Охрид

 

првасредвп2019 1првасредвп2019 2првасредвп2019 3првасредвп2019 4првасредвп2019 5првасредвп2019 6првасредвп2019 7првасредвп2019 8првасредвп2019 9првасредвп2019 10првасредвп2019 11првасредвп2019 12првасредвп2019 13првасредвп2019 14првасредвп2019 15првасредвп2019 16првасредвп2019 17првасредвп2019 18 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5