„Свет маченику, откако се уподоби на Христа Бога, нашиот Пастир, Кој благоволи да дојде на земјата како јагне кое ги зема гревовите, и Кој ги понесе болестите на сите, си ја положил својата душа за овците, објавувајќи ги Неговите страдања. Затоа сите ние денес со песни те воспеваме, како непобедив“ (икос на Утрена на св. мч. Харалампиј).
На 23.02.2019 година, на празникот на св. маченик Харалампиј, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше осветен новиот мед, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Best Sneakers | Altra Timp 3 Review , Best Trail Running Shoes 2021
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Секој христијанин е Христов војник. Војник кој стои на стража и стражари над својата душа. Стражари онака, како што војникот стражари и чува едно утврдување, град или граница, и не дозволува никој да влезе, но, исто така, не дозволува ни да излезе, доколку не е според законите и прописите. Така и христијанинот не треба да им дозволува на злото и на гревот да влезат во неговата душа. Во исто време, се труди да ја сочува својата душа со вера, постојано трудејќи се огништето на верата да гори. Но, не само да живее со верата, туку, и на други луѓе истата да им ја сведочи и да им ја покажува. Знаеме што го чека војникот ако заспие на својата должност. Така, и христијанинот не смее да заспие на стражата на својата душа, живеејќи будно во верата.
Во светото Евангелие, Господ Исус Христос ни вели дека секој христијанин е должен, својата вера да ја посведочи пред останатите луѓе. Така живеејќи, ќе посведочи дека е христијанин. „И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен" (Мт 10, 32 – 33). Оваа порака не важела само за време на земниот живот на нашиот Спасител. Еден од Неговите ученици, Јуда, не само што се откажал од Него, туку и Го предал. Но, и покрај тоа, луѓето јавно Го исповедале и по цена на нивниот живот. Многумина своите животи ги завршиле со страдања, понижувања, а некои дури и со маченичка смрт. Така ни сведочи долговековната историја на христијанската Црква. Оваа порака е современа, затоа што и денес има луѓе што отпаѓаат од верата, од моралот и од добродетелите. Затоа, оваа порака на Господа Христа, се однесува и на нас, кои денес се наоѓаме во овој свет храм.
Се поставува прашањето, како можеме да посведочиме дека сме христијани и на кој начин? Нашиот Спасител во прв план и како најважно го поставува сведочењето со личниот живот и со делувањето. Он вели: „Верувајте Ми дека Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене. Ако ли, пак, не – тогаш верувајте во Мене заради делата" (Јн 14, 11). Исто така, Христос вели: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен" (Мт 5, 16). Преку нашиот личен пример, најдобро ќе посведочиме дека сме Христови следбеници.
Патот на секој христијанин никогаш не бил лесен и никогаш не бил израмнет и мазен. Исто така, тој пат не е лесен ниту за нас денес. Но, околу нас, ние имаме толку многубројни Христови следбеници и сведоци кои нè бодрат, нè храбрат, нè поттикнуваат и ни покажуваат како да ја трчаме патеката и како да ја постигнеме целта, односно да го завршиме патот на трката. Тој облак на сведоци оди пред секој еден од нас. Оди и бдее над нас онака како што бдеел необичниот Божји облак, кој светел пред Мојсеј и пред Избраниот народ, покажувајќи им го патот кон Ветената земја. Во тој Божји облак на сведоци не се само мачениците и исповедниците, ни светителите од древните векови, туку и христијаните и светиите од поново време, па сè до наши дни. Од сите нив можеме да се поучиме и да ја примиме верата и силата Христова. Тие ќе ни помагаат не само со нивните примери, туку и со нивните молитви. Почесто и повеќе ќе нè потсетуваат на зборовите на Господа Христа, кои се однесуваат на секој од нас. „А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен" (Мт 10, 32).
Денеска, нашата света Црква, прославува токму еден таков светилник и исповедник на Христовата вера од III век. Тоа е светиот свештеномаченик Харалампиј. Овој Божји угодник бил епископ во Тесалија, кога христијанството, од страна на Римскиот император Септимиј Север, било жестоко прогонувано. Св. Харалампиј нестрашливо застанал во одбрана на вистинската вера и јавно ги изобличувал идолите и идолопоклонството. Поради тоа претрпел измачувања и страдања, но, силата Божја била врз него, па сите страдања храбро ги поднесувал. Истовремено, за христијаните, се молел со молитвата: Господи, Ти знаеш дека луѓето се од тело и крв. Прости им ги гревовите и излиј ја Твојата благодат над сите. Изговарајќи ја оваа молитва, му била отсечена главата и го предал својот дух на 113 годишна возраст.
Да се обратиме со искрена молитва, св. Харалампиј да биде наш молитвеник пред Престолот на Севишниот. По неговиот пример и ние да ја исповедаме верата православна, живеејќи според неа и посведочувајќи дека сме вистински Христови деца. Амин!
Св. свештеномаченик Харалампиј
23. 02. 2019 година
Храм „Успение на Пресвета Богородица - Каменско" Охрид





