„На светот си му ги испуштил зраците на твоите зборови, Василие, кои со светлина поучуваат да го чествуваме Троичното единство, пеејќи: Дела Господови, благословете Го Господа“ (песна од канонот на Утрена на Обрезание по тело на Господ Исус Христос и св. Василиј Велики).

 

На 14.01.2019 година, денот кога го празнуваме Обрезанието по тело на Господ наш Исус Христос и светиот Василиј Велики, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше отслужен Молебен за Нова Година, а потоа беа поделени новогодишни пакетчиња на присутните дечиња. На крајот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

Nike air jordan Sneakers | Womens Shoes Footwear & Shoes Online

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска, нашата света Црква ја прославува Стара Нова година, заедно со големиот учител на православието, светиот Василиј Велики. Откако постои светот и векот, луѓето започнувајќи го новото лето Господово, се поздравуваат посакувајќи си среќа, бериќет, здравје и успех во претстојната година.


Во долгата историја на човечкиот род, различно се разбирало што е тоа среќа. Кај старите Грци, кои повеќе биле склони кон естетика и префинетост, под среќа се подразбирало убавината, архитектонските стилови и перфекции. Затоа, и ден денеска имаме остатоци и наследство од Елинската култура. Ни оставиле прекрасни статуи клесани со голема нежност и убавина. Граделе монументални храмови на нивните богови, се разбира – многубожечки. Кај старите Римјани, пак, среќата ја наоѓале во силата, во моќта и во владеењето. Затоа Римските императори, преку многубројните војни се труделе да го освојат, без малку целиот свет, а потоа да се одадат на хедонизам. Се одавале на задоволување на нивните страсти во јадење, пиење и во други слабости кои ги приредувале и си ги дозволувале.


Во поново време, под среќа, многу луѓе ќе почнат да подразбираат напредок на науката, техниката, електрониката и сите можни постигнувања кои сами по себе навистина го подобруваат стандардот и животот на луѓето. Но, и покрај големите успеси во најразличните области, сепак, светот живее несреќно. Не се престанати ниту лелеците, ниту солзите, ниту маките, ниту жалостите, ниту неправдите, ниту страдањата. Сето тоа ни зборува дека среќата не се постигнува со овоземни постигнувања и желби, туку, таа се наоѓа единствено кај Бога. Среќата се наоѓа кај Оној Кој е извор на милосрдието, на правдата и на љубовта. Среќата се наоѓа кај Оној Кој е Дарителот на сите телесни и духовни добра. Оној кој Го има Бога во своето срце, тој го поседува секое добро. Во неговото срце ја има и убавината, и власта, и знаењето и секое душевно богатство. Богатејќи се во Бога, во срцето и во душата на секој христијанин се раѓа бескрајна радост и вистинско вечно задоволство. Напразно е барањето на среќа без Бога, а особено ако среќата ја бараме одејќи против Бога. Тоа најдобро ни го кажува премудриот Соломон кој, среќата ја барал во убавината, во честа, во власта, во положбата, во своето богатство и во својата мудрост. Но никаде не ја нашол па затоа ја изговорил неговата најголема мудрост: „Суета над суетите – сè е суета!"(Проп 1, 2).


Што е среќата и каде може да се најде, најдобар одговор ни дава Господ Исус Христос кога вели: „Барајте го најнапред царството на Бога, и сè ова ќе ви се придаде"(Мт 6, 33). Вистинската цел на нашиот живот е да се приближиме кон нашиот небесен Отец. Да се уподобиме на Него, бидејќи Господ Христос ни вели: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен"(Мт 5, 48). Тоа е вистинската цел на нашиот живот. Грижа за приближување и соединување со Бога. Соединување со Праизворот на нашиот живот, со Вистината и со Љубовта. Тоа треба да биде првенствената задача на секој човек. Оној кој ќе успее во тоа, тој во својата душа ќе постигне непреодна радост и вечно блаженство во царството Божјо. Тоа, пак, е вистинската среќа, да се постигне вечен и блажен живот.


Па и ние денеска, кога го прославуваме св. Василиј Велики и нашата Стара Нова година, да се потрудиме со нашиот живот и со нашите постапки, да се угледаме на Божјите угодници и да се потрудиме во нашиот живот да бидеме вистински христијани одејќи кон вистинската цел кон којашто нè повикува и нашиот Спасител. Сето тоа ќе можеме да го постигнеме со труд, со исполнување на евангелските заповеди и живеејќи според законот и учењето на нашата света вера и Црква. Живеејќи како вистински следбеници на Христа Бога, да добиеме Божја благодат и да отфрлиме од нашите срца и души секаква лоша мисла и секакви лоши дела и така да ја потврдиме нашата припадност кон Христа Бога и да наследиме вечен и блажен живот. Амин!

 

Св. Василиј Велики
14. 01. 2019 година
Храм „Успение на Пресвета Богородица – Каменско" – Охрид

svvasilij2019 1svvasilij2019 2svvasilij2019 3svvasilij2019 4svvasilij2019 5svvasilij2019 6svvasilij2019 7svvasilij2019 8svvasilij2019 9svvasilij2019 10svvasilij2019 11svvasilij2019 12svvasilij2019 13svvasilij2019 14svvasilij2019 15svvasilij2019 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5