„Пријдете да ја воспееме Мајката Спасителова, која и по раѓањето се покажа Дева: Радувај се, жив граде на Царот и Бог, во кого Христос поживеа и спасението го изврши. Со Гавриила да запееме, со пастирите да прославиме, викајќи: Богородице, моли Го воплотениот од тебе, да се спасиме“ (хвалитна стихира на Утрена на Собор на Пресвета Богородица).
На 08.01.2019 година, на празникот Собор на Пресвета Богородица, во храмот „Пресвета Богородица - Челница“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Running Sneakers Store | Nike WMNS Air Force 1 '07 Essential , CZ0270-102 , QuerreyМитрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри,
Христос се роди!
Нашата света Црква денеска го прославува вториот ден од Божик, односно Собор на Пресвета Богородица. Преку света Дева Марија се исполнува голема тајна. Тајна којашто е недостапна за човековиот разум – тајна на раѓањето на Единородниот Син Божји, јавувањето во Тело (1 Тим 3, 16). Нема поголемо сведоштво за Божјото човекољубие. Нема ниту поголемо, ниту појасно докажување за Неговата грижа и желба за спасување и избавување на родот човечки, од мракот на гревот и силата на смртта.
Нашиот Спасител Господ Исус Христос дојде во овој свет. Светот беше измачен и изморен од страдање, болести, а Он ни подари вера, надеж и љубов, и ни вдахна бодрост и сила и нè повика кон милосрдие и сострадание и соединување со Него. Нашиот Богомладенец Христос ни дава можност да ја постигнеме чистотата и светоста, за да наследиме вечна радост и бесмртност. Он ни дарува најскап дар. Ни го дарува дарот на Божествената љубов. Ни дарува очистување од секакви страсти и слабости и ни дава можност да ги отвориме нашите срца и да одговориме на Божјиот повик преку нашиот живот и преку нашите дела, односно, нашите постапки како христијани и деца на Христовата Црква.
Господ Исус Христос е многумилостив и долготрпелив кон нашите немоќи. Но, Он нè повикува и ние да бидеме милостиви, снисходливи и трпеливи кон сите наши блиски и познаници, далечни и непознати, како кон пријателите, така и кон нашите непријатели.
Да дозволиме Богомладенецот да се роди во нашите души. Витлеемската ѕвезда патеводителка да ги осветли нашите скриени катчиња на срцата и душите. Да бидеме сигурни дека добрите дела можат да нè преобразат, бидејќи тие нè сплотуваат и нè прават посилни. Како што темнината не може да ја помрачи светлината на вистинскиот живот (Јн 1, 5) така и беззаконието не може да ја победи силата на љубовта.
Па и ние денеска, прославувајќи го овој празник на Пресвета Богородица, да се обратиме со молитва кон неа со една од црковните песни, којашто вели: „Дојдете да ја воспееме мајката Спасителеева, која и по раѓањето се покажа дева. Радувај се жив граде на Царот и Бог, во кого Христос поживеа и спасението го изврши. Со Гаврила да запееме, со пастирите да прославиме воскликнувајќи: Богородице моли Го Воплотениот од тебе да се спасиме". Амин!
Собор на Пресвета Богородица
08.01.2019 година
Храм „Св. Богородица Челница" - Охрид





