„Што да Ти принесеме, Христе, за тоа што заради нас како човек се јави на земјата? Секое Твое создание Ти принесува благодарење: Ангелите - песна; небесата - ѕвезда; мудреците - дарови; пастирите - чудење; земјата - пештера; пустината - јасли, а ние - Мајката Дева. Боже, Кој постоиш пред вековите, помилуј нѐ “ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Рождество Христово).

 

На 06.01.2019 година, во предвечерието на празникот Рождество Христово, на Бадник, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевчо Тошевски, свештениците Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната, беа осветени бадниковите гранчиња, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

latest Nike release | BAPE adidas Superstar Green Camo GZ8981 Release Date - SBD

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!

Со вечерната богослужба, на денот што нашиот народ милува да го нарече Бадник, ние влегуваме во торжественото прославување на Рождеството Христово. Ние, со ова прославување, се допираме до историскиот настан, чија смисла е толку голема, што го има изменето животот на луѓето. Рождеството на Господа Исуса Христа го изменува текот на човечкиот живот и на цивилизацијата. Со овој празник, се дели севкупната историја на период пред Христа и по Христа.


Доаѓањето на Христа во светот не е поинакво од битисувањето на луѓето, а тоа значи дека Самиот Бог е со нас. Во Стариот Завет, преку устата на пророкот Исаија, се вели: „Со нас е Бог!" (Исаија 8, 10). Од моментот на воплотувањето, за нас ништо повеќе не е страшно. Радоста и бестрашноста секогаш биле одлики на христијаните, зашто тие ја познаваат тајната на човековото достоинство, тајната победа на љубовта над егоизмот, и доброто над злото. „Оти секој, кој е роден од Бога, го победува светот; и ова е победата што го победи светот – верата наша" (1. Јован 5,4) - вели св. апостол Јован Богослов.


Раѓањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос им ги пројавува новите хоризонти на луѓето, што не можеле да ги замислат и да ги осознаат дури и најнадарените луѓе со ум и разум во древноста.


Од смислата на сето тоа, заклучуваме дека Бог не е толку далеку. Тој не е Бог од Кого се плашеле старите народи. Тој не е ниту во молњите и громовите. Бог е Оној Кој посакал да стане човек, Кој се јавува во светот и станал како еден од нас, сличен во сѐ, освен во гревот.


Се поставува прашањето: Што е тоа што за нас е важно, како жители на земјата? Ако Бог е со нас, тогаш Него Му е лесно да ја испружи Неговата рака кон нас, и не само да ја испружи, туку и да ни помогне. Дури и во тешките и атеистички години на безбожието, луѓе кои себеси се декларираа дека се неверници, односно безбожници, во тешките моменти на нивниот живот, и тие се обраќаа кон Бога со зборовите– „Господи спаси ме!" Тоа значи дека секој човек, а чија душа по природа е христијанка, кога ќе се најде во некоја тешкотија, Го бара Бога за помош.


Ние денеска живееме во период кога верата ниту е забранета, ниту е оспорувана, туку секој може да ја практикува според својата слободна волја и лично убедување. Слободно можеме да бидеме со Бога или, пак, тоа да не го сакаме. И ако навистина сакаме да се допреме до Бога, со нашиот разум, совест, срце и нашата душа, тогаш е потребно да го почувствуваме Божјото присуство и Неговата слобода.


Бог не е во природните феномени, кои предизвикуваат страв и трепет, ниту, пак, во силните од овој свет, туку во тивкиот образ на обичниот човек, во чиј лик и дошол нашиот Спасител, Господ Исус Христос, во овој свет.


Он станал еден од нас, затоа судбата на секој од нас Му е блиска и разбирлива. Он е заедно со нас, затоа и ние на богослужбава ги изговараме значителните зборови: Со нас е Бог, разберете народи!


Прославувајќи го вечерва Бадник, овој настан да нѐ повика сите да ја чуваме верата во Господа и спасителното Сонце Божјо, како божествена правда на лачите од Неговите зраци на земјата. Да ја цениме правдата, да го вреднуваме доброто, а не злото, правдата, а не лагата, и да се оддалечуваме од сѐ она што е погубно за нашето спасение.


Да ги отвориме нашите срца и души, да отфрлиме секаква злоба и пакост. Така да го подготвиме срцето, душата и нашиот живот, очистени и измиени од секаков престап и грев, та да може Богомладенецот Христос да се роди во нашите срца и души. Само така ќе можеме да живееме пристоен христијански живот и да го оправдаме името Христово, за прослава на Бога, а за спасение на нашите души. Амин!


Честит Бадник, за многу години!

 

Бадник
06. 01. 2019
Храм „Св. Петар и Павле" – Кичево

 

badnik2019 1badnik2019 2badnik2019 3badnik2019 4badnik2019 5badnik2019 6badnik2019 7

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5