„Ти се покажа како неизменлив столб на верата, никако поколебан од духот на искушенијата и, беседејќи во најразлични маки, им се спротивставуваше на непријателите на Духот, отче Науме“ (песна од канонот на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).
Празнувањето на еден од најголемите македонски и словенски светии и учители, преподобниот Наум Охридски, започна на 04.01.2019 година, во манастирот што самиот свети Наум го изгради на Белото Езеро, со празнична вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Александар Димоски и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.
Sneakers Store | Vans Shoes That Change Color in the Sun: UV Era Ink Stacked & More – Pochta News
Торжествата продолжија на 05 јануари, на самиот ден на празникот на преподобниот Наум, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Александар Димоски и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а со благослов на Митрополитот Тимотеј, протоереј-ставрофор Никола Христоски се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
прот-ст. Никола Христоски
Гори и ридови, заиграјте; богогласни пророци, ликувајте;
луѓе и народи, заплескајте;
спасението и просвештението на сите се наближи:
во градот Витлеем се раѓа!
Ваше Високопреосвештенство, Ваше високопреподобие, чесни отци, драги браќа и сестри во Христа!
Уште само два дена нѐ делат од големата радост на светото и торжествено раѓање на Богомладенецот Христос. Во овие два дена, пак, Црквата го слави споменот на едно од најголемите македонски и словенски светила, преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец, како и Неделата пред Рождеството Христово, која е посветена на светите отци. И тоа не е случајно. Споменот на овие свети подвижници, поточно на нивниот живот, секогаш треба да биде наш пример, како и ние треба да живееме, та со чист образ и достоинство да го пречекаме славниот ден на Рождеството Христово.
Христијанската благовест од почетокот била благовест за спасението. За Господа сведочеле, пред сѐ, како за Спасител, Кој ги искупил луѓето од ропството на гревот и распадливоста. Смислата на спасението, пак, Црквата ја гледа во повторното обновување на нарушената заедница на Бога и човекот. Токму затоа, и нашиот Спасител, истовремено е и Бог и Човек, зашто „спасено е само она што е соединето со Бога", како што вели св. Григориј Богослов.
Но, не треба да заборавиме на една од најважните одлики, што го украсуваат човековото битие, а за која одлика многу од светите отци зборуваат дека токму тоа е образот Божји во човекот. Тоа, се разбира, е слободата на човекот. И тоа слобода на која сите делови од човекот треба да ѝ служат: и разумот, и волјата и чувствата, и телото, и верата. Викаме служењето, и тоа на Законот, односно на Оној Кој постана Закон за нас, во Кого е и слободата. Зашто онаму каде што нема закон, таму постои само неред и анархија, а не слобода.
Токму затоа, и воплотувањето на Спасителот не значи некое автоматско наметнато спасение, што би значело и некој вид на христијанско учење за фатум односно судбина или предодредување. Воплотувањето навистина значи дека е спасена и исцелена човековата природа, но со него не е укината нашата слобода. Човекот, како круна на создавањето, створен според Божјиот образ и подобие, целосно слободен, треба да ја прифати таа насока на спасението, која Христос ни ја дава со своето воплотување. Всушност таа насока е Самиот Христос, зашто Он, од љубов кон нас, се понижи и стана Човек, и стана наша слобода.
Во денешното Евангелие, пак, слушнавме неколку поучни кратки изреки, кои во Црквата се попознати како блаженства. Овие кратки, но духовно и содржински богати пораки, претставуваат едно огледало во кое секоја човечка душа треба да се огледа. Тие ни даваат упатства за сегашниот живот, но, истовремено, ни даваат и слика на идниот живот. Во Евангелието слушнавме: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството Божјо" (Лк. 6, 20), а кај евангелистот Матеј слушаме уште и: „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата" (Мт. 5, 5). Во овој земен свет, во кој владеат силните и моќниците, овие две блаженства како и да немаат смисла. Но, Христос не зборува за овој свет, изместен во своите основи од гревот и страстите. Он ни зборува за Царството небесно. Зашто и Самиот Христос вели: „Моето Царство не е од овој свет" (Јн. 18, 36). Во вечноста на Царството Божјо ќе владеат кротките, трпеливите, бедните по дух, преподобните, мачениците, оние кои плачат, гладните и жедните за правда. И не само што ќе владеат, туку тие ќе бидат наследници и на Судот, заедно со праведниот Судија, како што сведочи и св. ап. Павле: „Не знаете ли дека светиите ќе го судат светот?... Не знаете ли дека ангели ќе судиме?" (1Кор. 6, 2-3).
Но, сето ова не е само некаква апстракција. Призракот од Царството небесно ни се дава и нам на земјата, барем во малку да ја почувствуваме таа сила на незаодниот ден. Него можеме да го почувствуваме во животот и делата на светите отци, во натчовечкото трпение на мачениците со кое ги истрпувале и најстрашните страдања, во силата на делата и чудата кои се пројавувале преку многуте подвижници, и тоа не само за време на нивниот живот, туку особено по нивното преселување кај Господарот на светот.
Зарем мал сведок на силата на Царството од оној век ни е нашиот омилен меѓу светиите и монасите, преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец? Зарем мал сведок ни е неговиот свет манастир, во кој катадневно се случуваат чуда, и кој со векови опстојува, недопрен од многуте историски случувања и тешки времиња за нашиот народ? И во овие денешни времиња, зарем уште ни требаат лекции дека свети Наум секогаш ќе ја штити својата светиња, но, и дека ќе го штити секој којшто ќе ја побара неговата закрила и застапништво?
Поучени од животот на светиот Наум, кој сон не им даваше на своите очи и дремка на своите веѓи, и ние, во сета своја од Бога дадена слобода, да му кажеме ДА на Бога и да земеме учество во спасението. Да Му ја возвратиме љубовта на нашиот Творец, Кој „толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него, да не погине, но да има вечен живот" (Јн. 3, 16).
По молитвите и застапништвото на преподобниот Наум Охридски, и очистени со подвизите на постот и молитвите, радосно да го дочекаме торжествениот празник на Рождеството Христово, а прифаќајќи ги блаженствата како наш животен водич, во определеното време, сите ние да го слушнеме Христовиот повик: „Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата" (Мт. 5, 12). Амин!
05.01.2019 година
преп. Наум Охридски
ман. „Св. Наум Охридски" Охрид





