„Силно си ја возвишил твојата мисла спрема царот на сѐ, блажени Нектарие; кон Него и ние се возвишуваме и радосно воскликнуваме: Пејте Го Господа и Бога на отците, зашто е благословен“ (песна од канонот на Утрена на преп. Нектариј Битолски).
Споменот на великиот подвижник преподобниот Нектариј Битолски, и оваа година свечено беше одбележан во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, поточно во параклисот „Св. Кирил и Методиј“. Празнувањето започна ден претходно, на 17.12.2018 година, со празнична Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоереј-ставрофор Никола Христоски и свештениците Димче Азески и Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше прекршен празничниот колач, во чест на преподобниот, како и по повод именденот на игуменот на манастирот, архимандритот Нектариј.
Asics footwear | jordan Release Dates
Славењето на светлиот спомен на овој наш голем духовник, продолжи утредента, на 18.12.2018 година, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните верници со пригодна беседа, а на крајот, од свое лично име, како и од името на свештенството, монаштвото и верниот народ од нашата Епархија, му го честита именденот на архимандритот Нектариј. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.
Митрополит Тимотеј
Драги браќа и сестри,
Ние како луѓе, треба да бидеме подготвени да ја оствариме основната цел, за која и сме создадени, а тоа е, да престојуваме во заедница со нашиот Творец, односно со Бога. Затоа целокупниот наш живот е борба за остварување на таа цел. Целиот наш живот е подвиг. Најважна во нашиот живот треба да биде грижата, дали ние со нашите постапки и делата на нашите срца, го забележуваме овој или оној грев или, пак, склоноста кон него. Но, не е доволно само да го забележуваме гревот, туку, потребно е да се трудиме, по секоја цена и да го отстраниме, во тоа се состои нашиот труд и нашиот подвиг. Затоа е потребно да ги очистиме нашите срца и да ги преобразиме нашите души. Всадувајќи во нив сè она што е добро, сè што е свето и сè она што е темел за идниот и вечен живот.
Ништо нечисто нема да најдеме во царството Божјо, како што вели апостолот на народите, големиот проповедник на Евангелието, апостолот Павле: „Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо. (1Кор. 6, 9 – 10).
Токму затоа, нашиот основен подвиг на патот кон спасението, како што рековме, е очистување на својата душа од секакви гревови и нечистотија, и всадување на христијански добродетели и навики. Ние треба да се бориме непоколебливо и разумно, да се бориме истрајно и трпеливо. Во овој дел е потребно и корисно, да се проверуваме самите себе и тоа што е можно почесто, во каква душевна состојба се наоѓаме?
Дали сме се издигнале на некое скалило повисоко во духовното усовршување или, пак, не сме се ни доближиле до него или, пак, можеби сме се оддалечиле од скалилото и сме се вратиле назад, на патот на гревот и погибелта.
Во оваа борба, да се поучиме од благочестивиот живот и од примерите на светите Божји подвижници. Колку поусрдно се поучуваме од тие славни примери, толку повеќе нашата побожност ќе биде постојана, толку повеќе ќе биде посигурен и нашиот пат, кој нè води кон вечен живот. На тој пат имаме безброј примери на Божји угодници и тие се најразлични. Нив можеме да ги користиме бескрајно и непрестајно да се поучуваме за вистинската вера, за вистинскиот христијански живот.
Денеска го прославуваме светиот Нектариј Битолски, и тој ни дава пример на воздржаност, на побожност, на смиреност и на монашка послушност. Па и ние кои сме собрани во негова чест, во оваа света обител, да се обратиме со искрена молитва кон него, да биде наш молитвеник пред Бога. Семилостивиот Бог, да ги умножи нашите духовни сили за да можеме да ги победиме сите слабости и страсти во нашиот живот, да ги очистиме нашите срца и души од грешни помисли и дела. Да одиме по вистинскиот Христов пат, како чеда на црквата, за да измолиме милост и благодат Божја, да го постигнеме царството Божјо. Па во него да го славиме Триединиот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и во сета вечност. Амин.
Ја користам оваа прилика, од името на свештенослужителите и од вас драги христијани, како и од свое име, на игуменот, архимандрит Нектариј, да му го честитаме именденот и да му посакаме крепко телесно и духовно здравје. Да служи на нашата света Црква, за нејзин просперитет и углед, за славење на Бога, а и за спасение на неговата душа.
Честит празник, за многу години. Амин!
преп. Нектариј Битолски
18. 12. 2018 год.
Манастир „Св. Наум Охридски" – Охрид





