„Блескајќи со твојот омофор повеќе од сончевите зраци, ја осветуваш Црквата и луѓето, и го изгонуваш мракот на гревовите наши со твојата посета, Богородице, на твојот Син и Бог за нас молејќи се“ (песна од канонот на Утрена на Покров на Пресвета Богородица).
На 14.10.2018 година, во Дваесеттата недела по Педесетница, и на празникот Покров на Пресвета Богородица и свети Јован Кукузел, во параклисот „Покров на Пресвета Богородица“ во Резиденцијата на Дебарско-кичевската епархија во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Running Sneakers | off white nike blazer retail shoes Verona Multi-Color DJ5065-144 , Fitforhealth
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Оваа недела, 20. по Педесетница, светата Црква ни предлага две евангелски четива: воскресното – кое зборува за воскресението на синот на вдовицата од Наин, а истовремено, редовното Евангелие на богородичните празници, за двете сестри Марта и Марија.
Во неделното Евангелие опишан е невообичаен настан. Настан, како нашиот Спасител Господ Исус Христос, одејќи кон градските порти на Наин, сретнува погребна поворка, една страдална мајка го испраќа својот единец во вечноста. Тагата да биде уште поголема, таа била вдовица, па, со смртта на својот син, оваа сирота мајка, ги изгубила сите надежи за нејзино достоинствено и човечко опстојување во овој свет. Била скршена од болка и тага, како за својата рожба, исто така, и за својата иднина. Повеќе, покрај себе, ќе нема никој да ѝ помогне во старечките денови, кога на секој еден човек му е потребна помош. Таа помош, пак, природно е да се очекува од своите деца и затоа болката била неутешна.
Господ Христос, кога ја видел оваа тажна поворка, се сожалил над оваа страдална мајка и ѝ ги упатува зборовите на утеха: „Не плачи!" (Лк 7, 13). Но, Неговите зборови се разликуваат од зборовите на останатите луѓе, од луѓето коишто се обидувале да ја утешат оваа вдовица. Христос, потоа му вели на момчето: „Момче, тебе ти велам, стани!" (Лк 7, 14). На општо изненадување на присутниот народ, момчето станало, седнало и почнало да зборува, и Христос го предал на мајка му.
Од ова Евангелско четиво заклучуваме, дека Господ Исус Христос и без да слушне јавно барање од некого, покажува милост и се сожалува врз вдовицата, која плачела и лелекала по својата рожба.
И покрај тоа што таа не ги изговарала своите молби и прозби кон Бога гласно, за да слушнат луѓето, таа во својата душа, во својот ум, постојано се молела да ѝ се врати синот, да има свој живот, та и таа да ја почувствува мајчинската радост во претстојниот живот. Но, тука, Господ Исус Христос, исто така, сака да нè поучи, дека Он ѐ Господар и на животот и смртта. Затоа, Нему му се покоруваат сите светски стихии. Стишува бури, слепи прогледуваат, хроми проодуваат, лепрозни се очистуваат, а и мртви воскреснуваат. Преку овој чин на оживување на овој умрен младич, Христос и нам ни покажува дека Он ѐ победител над ѓаволот и смртта, и кој ќе поверува во Него, ќе има живот вечен.
Неоспорно е дека секој роден, еден ден и ќе почине. Душата останува да живее вечно, бидејќи е боголика, додека, пак, телото, ќе се врати во земјата од којашто е создадено. Затоа, нашиот живот, кој ни е даден во овој свет и век, треба да го разбереме и прифатиме како наше подготвување за вечноста. Не е многу важно, дали некој ќе поживее педесет, седумдесет или повеќе години, туку, важно е како ќе проживее. Затоа, светата Црква нè учи, додека сме во овој свет, да постапуваме според волјата Божја, според Божјите закони, прописи и според црковното православно учење, да правиме добри дела и да водиме грижа за нашата душа.
Можеби некој ќе си рече: Па ние сме обични луѓе, не сме ниту доволно образовани, ниту, пак, имаме време да ги проучуваме и да ги знаеме големите црковни книги, што се употребуваат за време на богослужбите. Но, на таа констатација, одговорот е следниот: Црквата тоа од вас и не го бара. Бог, кога нѐ создал, ни дал природен морален закон. Закон кој постои кај секој нормален човек. Тој морален закон е компасот кој ни кажува што е добро, а што е лошо. Во Евангелието, за да знаеме како да постапуваме во секој момент, се вели: „Сѐ она што сакате да ви го прават луѓето, правете им го и вие; оти тоа се Законот и Пророците" (Мт 7, 12), и: „Она што не сакаш да ти се прави тебе, ни ти не прави му го на друг" (Тов 4, 15). Доколку се придржуваме и постапуваме според овие златни начела, ние, и без теолошки наобразби и многу читања, ќе бидеме подготвени да го живееме нашиот живот христијански, онака, како што од нас бара нашиот Создател, Промислител и Спасител, Господ Исус Христос.
Денес, исто така, прославуваме еден од богородичните празници, Покров на Пресвета Богородица. Празникот е востановен на еден историски настан, кога Пресвета Богородица се појавила со нејзиниот омофор во цариградската црква во Влахерна, каде што бил собран верниот цариградски народ на молитва, за спасување на Цариград, од страна на Сарацените, кои биле пред портите на Цариград. По Нејзиното застапништво, посилниот непријател се разбегува и Цариград е спасен. Како што верниот народ во Цариград се молел на Богородица, да му помогне и да го избави од лутиот непријател, исто така, и ние, како христијани, имаме потреба, во секојдневниот наш живот, да се обраќаме со молитва кон Божјите угодници. Се обраќаме кон нив, тие да ни бидат помошници, молитвеници, заштитници и помагачи во нашиот од, од земјата кон небото.
Најголем помошник, кој најдобро ги познава срцата и душите на верниците, несомнено е Пресвета Богородица, која ги претрпела сите болки и страдања во овој живот. И ние денес, собрани на молитва во овој параклис, посветен во нејзина чест, односно, на Покров на Пресвета Богородица, да ѝ се обратиме со искрена молитва. Таа да биде наша молитвеничка и заштитничка. Да ни помага во нашиот живот. Да нѐ штити од секакви зла и опасности, кои неминовно нѐ снаоѓаат во нашиот живот. Со Нејзино содејство, да измолиме милост од Бога, та достоинствено и христијански да го живееме нашиот живот и да измолиме милост Божја, за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин!
Покров на Пресвета Богородица
14.10.2018год.
Параклис „Покров на Пресвета Богородица" – Митрополитска резиденција, Охрид





