На 01 и 02 октомври 2018 година, во манастирот „Пресвета Богородица - Заум“ во Трпејца, Охрид, беше одржан свештенички семинар за свештенството од Дебарско-кичевската епархија. Како што доликува на христијаните, секоја работа да се започнува со молитва, така и овој наш семинар започна на 01 октомври во вечерните часови, кога беше отслужена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Димче Ѓорѓиески, свештениците Александар Димоски и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Утредента, на 02 октомври, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Александар Димоски и Сашо Целески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тиомтеј се обрати кон свештенството со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.
Running sneakers | Men’s shoes
По завршувањето на Литургијата, започна семинарот, на кој свое предавање имаше свештеникот Александар Димоски, професор во МПБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Темата на овогодинешниот семинар беше Разликите во богослужението, со посебен осврт на Литургијата, а со своето навистина инспиративно предавање, отец Александар побуди подолга, но и во многу што корисна дискусија. Му благодариме на отец Александар за неговиот труд, и се надеваме дека овој семинар ќе придонесе за издигнување на инетелектуалниот и духовен раст кај свештенството од нашата Епархија, кое како и досега, ќе продолжи ревносно и со страв Божји да Му служи на Бога.
Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
„Блажени се оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат" (Лк 11, 28). Словото Божјо во светот го донесе нашиот Спасител Господ Исус Христос. Он го проповедал насекаде, каде што се движел, по градови и села, по полиња и планини, по езера и реки. Секогаш каде што проповедал, народот се собирал околу Него. Го слушале, се насладувале и напојувале од Божјото слово, како што сува и жедна земја се напојува со небесниот дожд. Неговите, пак, верни следбеници, Евангелието го пренеле низ целиот свет. Апостолите Христови ја исполниле Христовата заповед „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух" (Мт 28, 19). Власта и обврската да го проповедаат и да го учат словото, апостолите ја пренеле и ја предале на нивните следбеници. Затоа, Црквата Христова е соборна и апостолска. Тоа право го раздава на црковната ерархија, на епископите и свештениците. Христовата вистина и правда им се проповеда на сите луѓе на овој свет.
Христос го учи народот и со зборови и со дела. Скоро сите апостоли, со исклучок на св. Јован Богослов, вистината ќе ја засведочат, проповедајќи го Евангелието, со нивниот маченички крај. Затоа, секој христијанин е должен да ја сведочи и проповеда Божјата правда и со збор, но и со добродетелен живот. Народот го слушал словото Божјо, а тоа, пак, паѓало на плодна почва и донесувало богат плод. Луѓето ги облагородувало, осветувало, но, што е уште поважно, и ги спасувало. Црквата Христова живее со словото Божјо. Со него таа животвори и тоа ќе продолжи да делотвори сè до крајот на светот и векот. Црквата нема да престане да го проповеда словото Божјо, бидејќи во неа е изворот на животот, обновувањето и изворот на нашето спасение.
Се поставува прашањето, зошто е потребно и така корисно да се слуша словото Божјо? Затоа што тоа е Божјо! Ако е Божјо, тогаш во него е содржано сè што му служи на животот. Со својата светост ги просветува и преобразува сите. Славата Божја, нам, ни е блиска, затоа што таа е слава на нашиот возљубен Отец Небесен. Ние, пак, како чеда Божји и како добри деца, секогаш ги почитуваме зборовите на нашиот родител, барајќи добар совет, поука и поткрепа.
Бог ги благослови светите пророци и апостоли да го запишат словото Божјо. На тој начин се овозможи да им се проповеда на многубројни поколенија. Да им се проповеда за да ги просвети и освети сите луѓе. Според зборот Божји ние знаеме дека Бог е љубов. А ние, пак, ги носиме образот и подобието Божји. Тоа значи дека сме должни да Го сакаме Бога, но и луѓето. Бог е Свет! Тоа значи дека и ние сме должни да се стремиме кон светоста. Бог е совршен! И ние сме должни да се стремиме кон совршенството. „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен" (Мт 5, 48). Бог е милосрден и им простува на луѓето! И ние сме должни, по примерот на Отецот небесен, да бидеме милостиви и да им ги проштеваме на луѓето сите престапи, бидејќи во Евангелието се вели: „Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите" (Мт 6, 15). Преку Исуса Христа ние имаме пристап до Отецот, бидејќи св. ап. Павле вели: „Зашто преку Него и едните и другите имаме пристап при Отецот, во еден Дух. И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и свои на Бога" (Ефес 2, 18 и 19).
Славата Божја, тоа е Божјиот домострој за нашето спасение. Колку, пак, славата Божја нè утешува, нас, коишто се трудиме и кои сме обременети! Од славата Божја ние знаеме колку Господ нè љуби и нè спасува. Единствено Нему Му е познат патот на нашиот крај. Бог, според Неговата љубов ни го дал и словото Божјо. Преку тоа слово ние ја утврдуваме нашата вера. Ја зацврстуваме христијанската надеж и се усовршуваме во љубовта. Не случајно, уште старозаветниот пророк, пејач и цар Давид, како и премудриот Соломон, велат дека зборовите Господови ги поставуваат повисоко од скапоцени камења и поскапи се од секое сребро и злато.
Да дозволиме и ние, пред се како христијани, а потоа и како пастири, да го слушаме словото Божјо и секогаш тоа да предизвикува љубов кон Бога и кон ближните. Со таков пристап и прифаќање на словото Божјо, можеме да се надеваме на Божјата милост и како што вели апостолот и евангелистот: „Блажени се оние што го слушаат словото Божјо, и го пазат" (Лк 11, 28). Амин!
Свештенички семинар
02. 10. 2018 год.
Манастир „Св. Богородица Заумска" – Охрид





