„Трите свеќи кои со мудрост сјаеја, Вера, Љубов и Надеж, кои јасно блескаа со просвештение од Света Троица, пресветло ги просветлуваат црквите, заради наше спасение и заштита“ (песна од канонот на Утрена на празникот на св. мч-ца Софија и нејзините три ќерки: Вера, Надеж и Љубов).

 

На 30.09.2018 година, во Осумнаесеттата недела по Педесетница и на празникот на св. мч-ца Софија и нејзините три ќерки: Вера, Надеж и Љубов, во катедралниот храм „Св. Софија“ беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески, Љупчо Бакрачески и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

jordan Sneakers | jordan Release Dates

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Откако ќе постанеме зрелоспособни, па сè до крајот на нашиот земен живот, се трудиме и работиме со желба да постигнеме материјални добра, како за себе, така и за нашите семејства. Честопати се трудиме, не да заработиме онолку колку што ни е објективно неопходно за опстанок во животот, туку, се трудиме да спечалиме и за своите синови и ќерки, па дури и за внуци. Така, животот поминува само во една трка за собирање на земни богатства. Некои тоа, со труд и мака, го постигнуваат, а некои, пак, и покрај трудот, истото не го остваруваат.


За тоа најдобро ни зборува денешното Евангелско четиво, прочитано на светата Литургија. Нашиот Спасител Господ Исус Христос, проповедајќи го Евангелието покрај Генисаретското езеро, на апостолите, кои што се вратиле без улов од риболовот, им рекол да отпловат подлабоко и да ги фрлат мрежите. Ап. Петар Му рекол: „Учителе, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата" (Лк 5, 5). Апостолите ќе Го послушаат Христа, ќе ги фрлат мрежите и ќе уловат, на општо изненадување голем лов, па дури и имале потреба од помош. Апостол Петар ќе се исплаши од уловот и, свесен за својата гревовност, Го замолува да си оди, бидејќи не се чувствува достоен да стои покрај Него и да Го гледа лицето на Месијата, на Спасителот. Но, Христос го утешува и му вели: „Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе!" (Лк 5, 10).


Се поставува прашањето, зошто Петар и брат му Андреј, и покрај трудот и маката и целокупната нивна вештина и долготрајното искуство како риболовци, сепак, не успеале да уловат за нив и за нивните семејства? Божјото провидение било такво, тие, и покрај трудот, да не уловат ништо, затоа што Бог, сакал да ги направи ловци на луѓе.


Нашите стари отсекогаш практикувале, пред да започнат да работат, да Му се помолат на Бога, Он да биде со нив. Он да ги благослови трудот и работата, па така, со Божја сила и помош, истата да ја започнат и да ја завршат. Исто така, секој ден и секоја започната и завршена работа ја запечатувале со благодарна молитва кон Бога. Затоа можеле сите свои задачи достоинствено и чесно да ги извршуваат и да ги прехрануваат своите семејства. „Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини" (Пс 126, 1).


Од сето досега кажано, треба да заклучиме дека и ние, како христијани, треба да имаме надеж во помошта Божја. Секое наше започнато, со молитва, дело, Бог ќе благослови истото да го завршиме. Ап. Петар е најдобар сведок за таа силна и непоколеблива вера во Господа. Кога завршиле со ловот, Бог ги повикал да појдат по Него и тие веднаш оставиле сè. Ги оставиле мрежите, коработ, рибите, дури и своите родители и семејства, па тргнале по Христа. Тргнале по Христа бидејќи биле убедени и уверени дека Го следат Месијата и Спасителот на светот. Божјата милост и благодатта на Светиот Дух ќе биде врз апостолите, па така, тие ќе го проповедаат Евангелието по целата земјина топка и својот апостолски подвиг маченички ќе го завршат.


Знаеме дека во првите векови христијанството и христијаните биле прогонувани и убивани од страна на Римските императори. Но, денеска, од нивните овоземни слави, палати и богатства, нема останато ни камен на камен, и за нив се зборува само во некои стручни историски учебници, а додека, пак, Христа и Неговите следбеници, иако се поминати повеќе од дваесет века, се слават на сите континенти во светот.


Денеска, исто така, ја прославуваме и светата маченичка Софија со трите нејзини ќерки, Вера, Нада и Љубов. Овие четири свети души Го исповедале Христа и покрај сите ласкања, убедувања и застрашувања од моќниците на тогашниот свет, да се откажат од Христа. Иако уште во своите детски години, Му останале верни, жртвувајќи ги своите животи. Но, затоа Бог ги прославил низ сите овие векови, а тие, пак, како Божји угоднички, ги принесуваат сите воздишки, молби и прозби на секоја христијанска душа, којашто со искреност и чисто срце бара од нив застапништво пред Бога.


И ние денеска, кои сме собрани во овој свет храм, да се обратиме со искрена молитва кон св. Софија и кон трите нејзини рожби. Да бидат наши молитвеници пред Бога, за закрепнување на нашата вера, за засилување на нашата љубов, а сè за спасение на нашите души. Амин!

 

Св. Софија, Вера, Нада и Љубов
30.09.2018 год.
Храм „Св. Софија" – Охрид

 

svsofija2018 1svsofija2018 2svsofija2018 3svsofija2018 4svsofija2018 5svsofija2018 6svsofija2018 7svsofija2018 8svsofija2018 9svsofija2018 10svsofija2018 11svsofija2018 12svsofija2018 13svsofija2018 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5