„Господи, за да му го откриеш на светот знакот пред кој ќе се поклонуваат, Ти го изобрази на небото знакот на Крстот пославен и посветол од сите, на царот непобедливо оружје. Затоа сите небесни сили Те величаат“ (песна од Канонот на Утрена на Воздвижение на чесниот и животворен Крст - Крстовден).
На 27.09.2018 година, денот кога го прославуваме празникот Воздвижение на чесниот и животворен Крст - Крстовден, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Игор Никовски, свештеникот Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред започнувањето на Литургијата, според Црковниот устав, насреде храмот беше изнесен светиот Крст, каде што беше воздвижен, а свештенството и верниот народ се поклонија пред духовното оружје, кое е слава на Црквата, поткрепа на верните, слава на ангелите и рана за демоните. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
best Running shoes brand | Nike Shoes
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Нашиот живот не завршува со нашето земно живеење. Овој живот ни е даден за да ја разбереме смислата на нашето постоење. Даден ни е да се потрудиме да постигнеме возвишен духовен живот во царството небесно. Тоа е патот на крстот, на самоодрекување, пат на смирение и трпение до смртта. Поинаков или друг пат кон небото нема. Таков пат не ни може да има.
Св. ап. Павле вели: „Ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера" (1 Кор 15, 14). Ако се задржиме на овие зборови, ќе видиме колку голема е нивната смисла, колку длабоко значење има доаѓањето во светот на Синот Божји, Господ Исус Христос. Христос доаѓа и го изменува целиот поредок на земниот живот на луѓето. Он во светот носи мир, но, во исто време, носи и меч. Во душите ни носи мир кога нè поучува како треба да се загледаме во себе и да го видиме нашето срце, за да се потсетиме во каква состојба се наоѓале нашите прародители Адам и Ева, кога биле во рајот. Додека, пак, мечот, го носи, за да го раскине гревовниот собир, да ја раскине завидливоста и злобата и да нè оддели од нив. Да нè оддели од порочниот живот, за да ни го покаже вистинскиот пат, патот на спасението.
Денеска го прославуваме Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господен. Тоа е празник на целиот свет. Се воздигнува Крстот Христов за да паднат бесовите и да бидат победени. Се воздигнува за и ние да се воздигнеме и да стоиме цврсто. Да гледаме кон небото и да си спомнеме за страдањата Христови. За страдањата кои Он ги претрпе заради нашето спасение и да Му благодариме за Неговата безмерна добродетел кон нас.
Да се вратиме малку во Стариот завет, кога Господ го изведува Еврејскиот народ од Египетското ропство. Гревот, во вид на змија, ги плашел луѓето и тие од тоа умирале. Гледајќи, пак, на бакарната змија, којашто Мојсеј ќе ја издигне на дрво, тие се излекувале. Тоа не е прост праобраз, тоа е вистина. Секој човек, не каејќи се за своите гревови, сличен е на оние змиини каснувања, а тоа се неговите духовни гревови и со тоа умира. Но, оној кој гледа на Крстот, односно на отсекувањето на гревовите, кое го направил Господ, прима простување и ѓаволските стрели паѓаат и тој останува жив. Останува жив без никакви лекарства. Единственото лекарство е небото, чистосрдечноста и сознанието за својата вина, односно гревот. Преку тоа наоѓа татковска љубов и милост, и се облекува во светли и бели алишта.
Живееме во време кога Господ, по Сопствена волја се прикова Себеси на Крстот. Се прикова за да ни го открие патот кон Себе. Ги рашири Своите раце засекогаш кои го очекуваат нашето доаѓање. Од исток до запад, од север до југ, благодатното светење на Животворниот Крст нè привлекува кон неговото подножје. Ако ние го насочиме нашиот поглед кон тоа подножје, ќе го видиме черепот на нашиот праотец Адам, сохранет во земјата. Ѓаволот го прелажал нашиот праотец, го симнал од небото и го спуштил на земјата. Сега, висејќи на дрво, Христос нè чека. Господ, Својата крв ја пролеал прво на Адамовиот череп, миејќи го и очистувајќи ги неговите гревови. Човекот постанува очистен. „Гревовите твои ќе ги измијам и беззаконијата твои ќе ги обелам. Твојата душа ќе биде чиста и светла". Затоа овој празник ни носи радост. Инаку, секое издигнување на крст, според Стариот завет, предизвикува жалост. Но, тука, за нас, овој Крст ни носи радост. Крстот воспоставува општење со Бога и нè враќа во Татковиот дом. Првиот, Стариот Адам ја испружи раката кон дрвото и отпадна од родителската љубов. Вториот, Новиот Адам ја простира раката на дрвото, прегрнувајќи го целиот човечки род, го издигнува на небото и го воведува во живеалиштата на царството небесно. Првиот Адам, со својата жена, го затвора рајот. Благоразумниот разбојник, преку страдање и сознание за својата гревовност, го отвора рајот.
Светите отци велат дека под крстот се открива рајот. Преку крстот се раскинуваат синџирите и се отвораат адските порти. Господ ги разруши затворените порти, бидејќи тие, со ништо друго не можеле да бидат скршени, освен преку крстот. Христос, преку Неговите заковани раце на крстот, ги повикува сите христијани кон Себе, кон вечниот живот.
Затоа и ние денеска се поклонуваме на Животворниот Крст Господов, благодарејќи Му за Неговата љубов. Му благодариме затоа што не нè остави и не Го жалеше Својот Единороден Син. Го жртвуваше за да можеме да дојдеме до Него и да се вратиме во Татковиот дом. Да се обратиме кон Голгота, да погледнеме кон Крстот Христов и да видиме со каква цена сме платени и избавени. Крстот Христов, кој е светлина и кој го растерува мракот, да ни помогне да застанеме на животворниот пат и повеќе да не паѓаме. Да се допреме до таа Божја сила, па со молитва и со општење со Бога, да го следиме тој пат што ни го покажува Господ. Амин!
Крстовден
27. 09. 2018 год.
храм „Св. вмч. Ѓорѓи" Охрид





