„Сега ни се јави Спасителовиот Крстител, на пустината красота и печат на пророците, и разумно ги весели мислите на верните, затоа се покажа како Христов Претеча и вистински сведок на Неговото доаѓање. Поради тоа, со духовни песни, заедно да му повикаме на Јована: Пророку и проповеднику на вистината, моли се за нас да се спасиме“ (стихира на втор седален на Утрена на Отсекување на чесната глава на свети Јован Крстител).
Славната смрт на Крстителот Христов, Претечата Јован, пророкот и проповедникот на вистината, и оваа година беше торжествено прославена во манастирот „Св. Јован Крстител - Бигорски“. Празнувањето на Јовановото преселување при Творецот, започна на 10 септември, во вечерните часови, со празнична вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, игумен на манастирот, протоереј-ставрофор Никола Христоски, игуменот Фотиј, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Кирил, свештениците Горан, Миле Алексоски и Павел Крцоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски.
Running Sneakers Store | off white nike blazer retail shoes Verona Multi-Color DJ5065-144 , Fitforhealth
Празнувањето продолжи утредента, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Кирил, свештениците Ѓорѓи Блажевски, Миле Алексоски и Павел Крцоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Анатолиј и Порфириј. По завршувањето на Литургијата, беше осветено коливото, а потоа се изврши чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. При самиот крај на Литургијата, архимандритот Партениј, игумен на манастирот, ја одликува 82-годишната Драгица Андоновска од Битола со орденот на Бигорскиот манастир „Претеча“, поради нејзиниот ревносен и непрестаен труд да ги собира верниците од Битола и да ги носи речиси на сите поголеми богослужби и настани во Бигорската обител. Орденот ѝ го врачи Митрополитот Тимотеј. На крајот од Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. По завршувањето на Литургијата и малиот одмор, според црковната традиција, беше отслужена Ктиторска вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, а на која молитвено се славеше и првиот ктитор на Бигорската обител, архиепископот Охридски, Јован Дебранин. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше отслужена и панихида, во спомен на сите порано упокоени ктитори, помагатели и дарители на Бигорскиот манастир.
Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Во црковната песна посветена на св. Јован Крстител и Претеча Господов, се вели: Реката Јордан се обновува, бидејќи ја гледа убавината на човековата душа, којашто била создадена во првосоздадениот Адам. Постојаната молитва ги воздигнува умот и срцето кон небото, а св. Јован, пак, дојде да ги израмни патеките по кои треба да одиме кон Изворот на животот. Доаѓа да го наговести доаѓањето на Сонцето. На Сонцето Кое го осветлува и осветува секој човек, доколку го послуша гласот на Претечата и доколку својот пат го приготви со покајание.
Ја знаеме историјата за раѓањето на св. Јован од престарените родители Захариј и Елисавета. Во престари години, Бог им дава рожба, но не како плод на телесното спојување, туку, според Неговата најголема милост, подготвувајќи за Себе пат за доаѓањето во светот. Св. Јован расте сам во пустината. Расте без никаква човечка закрила, туку, опстојува благодарение на милоста Божја која постојано била врз него.
Кога ќе наполни триесет години, односно, откако стекнал полнолетство според еврејскиот закон, почнал да проповеда покајание, наговестувајќи го царството небесно. Ќе го обиколи целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крштение за простување на гревовите. Кога ќе го прашаат кој си ти, им одговарал: „Јас крштевам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате. Он е Оној што иде по мене, Кој беше пред мене, и Кому јас не сум достоен да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови" (Јн 1, 26 – 27). Но, кога дошол Христос да биде крстен од Јован, Јован Го препознал и видел дека не е обичен Човек. Препознал дека е Он, Оној за Кој тој слушал, за Кого зборуваат неговото срце и душа и се исплашил да Го крсти. Господ му вели: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда" (Мт 3, 15). Христос како да му вели: Потребно е да го избавиме човечкиот род и да го помириме со Бога, со Небесниот Отец и да му дадеме можност да се врати во домот небесен. Откако кај Јован пристапил Оној Кој доаѓа по него и кога застанал пред него, Јован покажал на Христа Спасителот, велејќи: „Еве Го Јагнето Божјо!" (Јн 1, 36).
Од овој момент Јован, со уште посилен глас почнал да труби, проповедајќи покајание и да го изобличува гревот. Ги изобличувал садукеите и фарисеите, повикувајќи ги да направат плодови достојни на покајание, за да го избегнат идниот гнев Божји. Како проповедник на вистината, како пророк и ангел, испратен пред лицето Господово да Му го приготви патот, Јован не се плашел да ја изнесе сета вистина, за сите да ја слушнат. Не се плашел да ја изобличи неправдата и кај самиот цар Ирод. Му укажувал :„Не ти е позволено да ја водиш жената на твојот брат!" (Мк 6, 18). Поради изобличувањето, Ирод го фрлил во темница и, во една неморална веселба, кога царот бил фасциниран од забавата и од играњето на Саломија, неговата поќерка, ѝ понудил дури и половина од своето царство. Но таа, поучена од својата лукава мајка Иродијада, ја побарала главата на св. Јован Крстител на табла. Така бил убиен св. Јован, со отсекување на неговата праведна и света глава.
Страшно злодело! Но, ниедно злодело не останува без наказание, односно, без казна. Господ покажува дека за такво злодело, „наградата" е иста казна. По некое време, кога Ирод бил симнат од престолот и бил испратен во Галија, денешна Франција. Еден ден, ќерката на Иродијада, Саломија, одлучила да помине преку замрзната река и, во еден момент, мразот се скршил и паднала со нозете во реката, а главата и останала над мразот. Како што играла на веселбата пред Ирода и пред неговите гости, така, сега со нозете играла во ледената вода, а мразот и ја отсекол нејзината глава. Така, беззаконата Иродијада, посакувајќи да ја има на табла главата на св. Јован, сега ја прима, исто така, на табла, главата на сопствената ќерка, а преку тоа, го видела судот Божји. Едната глава била отсечена за вечен живот а другата за вечни маки и страдања.
Овој пример нè поучува како да се однесуваме во нашиот живот, со нашите зборови. Нè поучува како треба да се однесуваме и кон оние што честопати не се најкоректни со нивните зборови кон нас, затоа што, ние, грешни луѓе, склони сме да го слушаме само она што ни се допаѓа, но, честопати, тоа не ни носи никаква корист.
Денеска прославуваме еден тажен настан. Но, во исто време и се радуваме. Се радуваме затоа што громогласната труба, гласот на оној што вика во пустината и во нашите оладени срца и совест, нè буди и нè повикува, укажувајќи ни на патот што води кон нашиот Спасител. Затоа денешниот ден е и тажен и радосен. Жалосен е бидејќи, ние, според човечкото разбирање, остануваме без молитвеник, немаме патеводител, немаме учител, нема кој да тагува за време на нашите душевни и телесни страдања. Од друга страна, пак, ги помниме смртта и страдањата на Христа, на Оној Кој го победи злото, а смртта на Јован Претеча ни дава гаранција дека тој, сега, како угодник Божји, се наоѓа пред Престолот Божји и е наш молитвеник пред Бога. Тој постојано се моли за нас коишто го прославуваме и го почитуваме неговиот спомен. На сите иконостаси во црквите, св. Јован се претставува веднаш до Господа Христа, кој, заедно со мајката Божја, ги принесуваат нашите молитви.
Св. Јован се јавува како последен пророк и прв Христов апостол. Се јавува како прв маченик и исповедник. Ни дава пример како треба да живееме. Ни дава пример како да ја чуваме нашата вера и како треба да бидеме предани кон нашиот Божествен Учител, покажувајќи ни го патот по кој треба да одиме кон тивкото пристаниште во царството небесно. Амин!
Отсекување глава на св. Јован Крстител
11. 09. 2018 год.
Храм „Свети Јован Крстител " – Бигорски манастир









