„Пасен од Господа, се покажа како Негово кротко јагне, победувајќи ги, блажени, непријателските волци и, кога го заврши твојот подвиг, преподобен отче, се всели во небесното трло. Христа Бога прилежно моли Го, да ни дарува милост голема“ (седален на преп. Пимен Велики).
На 09.09.2018 година, во Петнаесеттата недела по Педесетница и на празникот на преп. Пимен Велики и на св. мч. Фануриј, во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Томе Младеновски, свештеникот Игор Младеновски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Nike Sneakers | Women's Nike Superrep
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри.
Во денешното евангелско четиво ги слушнавме зборовите на нашиот Спасител, за тоа кои се најважни Божји заповеди: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: 'возљуби го својот ближен како себеси'!" (Мт. 22, 37-39). На овие две заповеди, како што вели и Самиот Спасител, се засновува целата суштина на Божјиот закон. За истите две заповеди, на друго место, пак, Самиот Христос ќе му каже на еден законик: „Тоа прави го и ќе живееш" (Лк. 10, 28). Овие заповеди се толку зависни една од друга, така што не може едната да се исполни, а другата да се изостави, ниту, пак, обратно.
Се поставува прашањето: Зошто сме ние должни да Го сакаме Бога, и тоа со сето наше битие? Затоа што Господ е наш Творец и Он ни дал живот и сѐ што ни е потребно. Он нѐ обдарил со сите способности, коишто се неопходни за наше суштествување, односно живеење: да гледаме, да слушаме, да чувствуваме и да познаваме. Он е бесконечно благ. Он е наш Бог, Промислител и Спасител, Кој нѐ искупил на Крстот со крвта на Својот Син. Он е секадеприсутен, и никаква дејност или мисла не може да се сокрие од Него, туку сѐ е отворено пред Него, како што оделе пред Него и сите праведници. Љубовта кон Бога е прва и најважна заповед и морално правило во човечкиот живот.
Но, зошто сме ние должни, исто така, да го љубиме и ближниот? Затоа што Бог е бесконечно добар, и тоа за сите. Затоа што подеднакво ги сака сите луѓе. Тој Го предава Својот Единороден Син на смрт за сите луѓе и сите ние сме Негови деца. Он, како најдобар и најучтив родител, ни заповеда да живееме, но и да се сакаме во светот, да имаме слога и да си помагаме едни на други. Нашиот ближен е Божјо дете и тоа му е исто така мило и драго на Бога, како што сме Му и ние. Затоа ние сме должни да ги сакаме нашите ближни како себеси. Љубовта кон ближниот е втората заповед, која го прави нашиот живот христијански. Свети Јован Златоуст вели: „Кој не е човекољубив, тој не е ниту христијанин".
Сакајќи Го Бога, ние сме должни да ги сакаме нашите ближни како себеси. Никој себеси не си посакува зло. Никој себеси не се обвинува и не си прави неправди. Аналогно на тоа, никој не смее да му причинува жал, неправда и било какви непријатности на својот ближен, бидејќи и тоа е Божјо чедо. И во нашиот живот, ние, како христијани, не треба ништо туѓо да присвојуваме и никого да не обвинуваме, да не се потсмеваме, да не клеветиме и да предизвикуваме соблазна со збор или со дело. Потребно е да им помагаме на сите, особено на оние коишто имаат потреба. Да ги утешуваме ожалстоените, да ги поучуваме неуките, и со севкупниот наш живот да покажуваме достоинство, пример и углед. Љубовта кон Бога и ближниот се основните начела на сите заповеди и со нив се мери нашиот духовен раст, но и се пројавува и оправдува нашето христијанство.
Со кои средства се побудува љубовта кон Бога? Средства има многу и, со содејство на Божјата благодат, тие можат да бидат дејствителни и спасителни. Да споменеме само некои од нив. Првото средство кое ја забрзува љубовта кон Бога е насочување на нашиот ум кон Него. Умот е раководител на срцето. Кога умот ќе се загледа кон нештото и срцето се насочува на истото место. Затоа и се вели: „Каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше" (Мт. 6, 21). Не помалку богомислие и љубов кон Бога побудува и нашата молитва. Молитвата всушност ја повикува благодатта на Светиот Дух да слезе над нас. А каде што е Духот Божји, таму е и љубовта. „Плод на Духот е љубовта" (Гал, 5,22). Молитвата, како разговор со Бога, истовремено и нѐ зближува со Него и ни дава можност да ја почувствуваме сладоста Божја во нашиот секојдневен живот. За тоа најмногу ни збруваат житијата на Божјите угодници, кои за време на молитва, во себе ја разгорувале Божјата љубов и ја претвкусувале сладоста на Царството небесно.
Драги христијани, и ние, наоѓајќи се денеска во овој свет манастир, да Го засакаме Бога со сето наше битие и нашите ближни како себеси. Да се потрудиме да ги живееме овие Божји заповеди и да постапуваме според нив. Со тоа да ја измолиме Божјата милост и да ја здобиеме благодатта на Светиот Дух, та да можеме да го одиме нашиот христијански пат, како вистински христијани, и да наследиме вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин!
09.09.2018 год.
15 Недела по Педесетница
Ман. „Св. Наум Охридски" Охрид






