„Христе, откако го побара Адама, прелажан од лукавството на змијата, чија што облека ја зеде на себе, си се вознел и си седнал од десната страна, како сопрестолен на Отецот, додека ангелите Ти пееја“ (песна од Канонот на Утрена на Вознесение Христово).
На 17.05.2018 година, денот на празнувањето на славното Вознесение на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, во манастирот „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) во с. Г. Лакочереј, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Кирил Јованоски, Љупчо Бакрачески, Александар Димоски и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. На крајот, беше извршена и празнична литија, на која многу дечиња, радосно носејќи ги иконите во своите раце, Го проповедаа Христа Воскреснатиот и Вознесениот.
latest jordan Sneakers | Sneakers Nike Shoes
Митрополит Тимотеј
Драги браќа и сестри,
Светата Православна црква денеска прославува еден Господов празник, односно, денес го прославуваме Вознесението на нашиот Спасител Господ Исус Христос од земјата на небото. Овој празник е чудесен и свет. Тешко може човечки јазик да го опише неговото значење и неговата важност за спасението на човечкиот род. Чудесен е и значаен бидејќи е единствен, како историски настан, кој бил виден од мноштво народ, а не само од апостолите и од другите Негови следбеници. Токму Вознесението ќе увери многу Евреи дека Господ Христос е Син Божји. Знаеме дека кога Христос се роди во Витлеем, Евреите нема да поверуваат дека се родил Емануил – Со нас е Бог, туку, ќе речат дека се родил син на Јосиф и Марија. Кога ќе биде суден и распнат, пак нема да поверуваат во Него, туку, ќе велат: „Ако е Он Цар Јудејски, нека слезе сега од крстот, па ќе поверуваме во Него" (Мт. 27, 42). Кога ќе воскресне, пак, Евреите ќе речат дека, ноќно време, кога стражата спиела, Неговите ученици дошле и Го украле мртвото Тело, лажејќи дека Он воскреснал од мртвите (Мт. 28, 12 – 15). Денеска, пак, не можат да речат ништо, бидејќи, мноштво народ, со свои очи го виделе преславното Вознесение Христово.
Ангелите и облаците Му служеа при издигнувањето, а воздухот Му се поклонуваше како на Бог. Небесните порти се отворија, бидејќи ангел им викаше на средните ангелски чинови да ги отворат портите за да влезе Царот на славата (Пс. 23, 7 – 10). Навистина неопишана радост ни носи денешниот празник, бидејќи Самиот Христос отиде на небото за да ни подготви место. Затоа им заповеда на ангелите да ги отворат небесните порти, за да може да влезе секој кој сака, бидејќи Христос сака сите да бидат онаму каде што е Он (Јн. 14, 3).
Колку е голема нашата слава и чест. Навистина сме почестени, што се удостоивме да го достигнеме времето, за коешто пророците жеднееја, но не го видоа. Пред Христа небото беше затворено и во него не можеа да влезат старозаветните праведници. Не можеа да влезат ни Авел, ни Ное, ни Давид, ни Авраам, ни многу други богоугодници. Сега вратите се отворени и, по Христа, можат да влезат во царството Божјо.
Средните ангелски чинови, кога ќе ја видат ова невидена глетка, ќе запрашаат Кој е Тој што доаѓа, а ангелите, пак, коишто знаеле за Христа и за Неговото раѓање и за Неговите крстни страдања, ќе одговорат: Он е Царот на славата, Господ силен, Кој го победи ѓаволот и ја проли Сопствената крв за спасение на родот човечки. Да излеземе да Го пресретнеме! Вака Христос поминува низ мноштвото ангели, а сите Му се поклонуваат со страв, пеејќи Му алилуја. Христос се вознесува на небо и седнува оддесно на Бога Отецот. Седнува онаму каде што беше создавањето на светот и векот. Он седнува на престолот Божји со Бог Отецот, за да ни го покаже патот, но и да нѐ научи дека не може да се влезе во царството небесно, без да се научи да се трпи и да се поднесуваат неправди во овој живот. Друг пат нема, освен патот на трпението по кој и Самиот Христос помина и влезе во Својата слава. Како што вели пророкот Исаија алиштата Му биле црвени како напрскани со вино. Христос ги претрпел сите страдања, поради гревот на родот човечки, без да има помош од било каде. Затоа и Христос на крстот вели: „Боже Мој, Боже Мој, зошто си ме оставил?" (Мт. 27, 47).
Како што Христос ќе претрпи прогонства, странствувања, понижувања, судење и распнување, така, и апостолите, коишто ќе го следат тој пат, скоро сите својот овоземен живот ќе го завршат со страдања и со трпение. Самиот Господ Христос вели: „Со трпение спасувајте си ги душите" (Лк. 21, 19). Додека, пак, ап. Павле вели: „Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме, и Он ќе се одрече од нас" (2. Тим. 2, 12). Како што Началникот на нашата вера претрпи крстна смрт, а потоа седна на десната страна на престолот Божји, така, и ние, ако ги претрпиме сите беди и страдања заради верата и заради Христа, ќе можеме да се надеваме на вечна слава, којашто ни е ветена од Бога.
Да се обратиме со искрена молитва кон Бога и да речеме: О Царе небесен и победителу на сите видливи и невидливи врагови, помогни ни на сите коишто денеска торжествено го славиме Твоето Вознесение. Облечи нѐ со Твојата сила одозгора, како што некогаш си ги облекол апостолите и секогаш биде неразделен од нас. Научи нѐ на секое добро. Дај ни го Твојот мир и Твоето трпение за да можеме да го победуваме секое зло, за слава и чест на Твоето свето име, сега и во сите векови. Амин!
Спасовден
17. 05. 2018 година
Манастир „Св.Спас" – с. Г. Лакочереј, Охрид





