„Навистина си го носел името на бесмртноста, со збор надминувајќи ги дејателните, а со точноста во животот победувајќи ги опитните во словото; врвот си го достигнал и во двете работи. Затоа, откако засветли со вистински добродетели, се здоби со бесмртен спомен во вековите“ (песна од Канонот на Утрена на Пренос на моштите на свети Атанасиј Велики).
На 15.05.2018 година, денот кога го празнуваме празникот Пренос на моштите на светиот Атанасиј Велики, патријарх Александриски, во манастирот „Св. Атанасиј Велики“, метох на манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоереј-ставрофор Тоди Јован, од Албанската православна црква, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
best Running shoes | Nike
Митрополит Тимотеј
Христос воскресе!
Драги браќа и сестри,
Денеска, нашата света Црква прославува еден од големите учители на Црквата Христова, поточно, го прославува светиот Атанасиј Велики. Овој блажен маж, својот овоземен живот го завршил пред речиси 17 века. Но, неговиот спомен, неговото име и неговите дела живеат, светат и ја просветлуваат секоја христијанска душа која го прославува и го чествува како угодник Божји. Токму во неговиот живот се исполнуваат зборовите: „Праведниците живеат довека" (Мудр. 5, 15).
Животниот пат на св. Атанасиј е многу сложен. Блескав теолог, ревносен пастир, борец за вистинската и чиста вера, но, истовремено, маченик и исповедник, кој, поголем дел од својот архиерејски живот ќе го помине во заточеништво и прогонство. Сите тие подвизи и неправди, светиот Атанасиј достоинствено ги поднесол за Христа Бога, за светата Православна вера не отстапувајќи ниту за јота. Затоа, и светата Црква, во неговиот тропар го велича како столб на Православието.
Како христијани, ние, кога ја примаме светата тајна Крштение, преку нашиот кум, доколку се крштеваме како деца, се откажуваме од постојаниот непријател на родот човечки – сатаната и од сите негови слуги, а доколку се крштеваме возрасни, тогаш самите се откажуваме од началникот на злото. Ако тоа го правиме за време на светата тајна Крштение и станувајќи членови на светата Црква Христова, тогаш, должни сме, преку целиот наш живот да се бориме со нечестивиот, а не да му бидеме поданици и слуги. Во истата света тајна се облекуваме со Христа, а тоа значи дека сме должни да постапуваме и живееме според Неговата света волја, според Неговите заповеди и прописите на нашата света Црква. Неминовно, секој човек во својот живот има искушенија, има напади и должен е со нив да се бори и да се избори. Но, не секогаш сме способни само со нашите човечки сили да го победиме злото. За тоа потребна ни е Божјата благодат. Благодатта којашто ни се дава за време на светата тајна Крштение, и доколку нашиот живот е исправен и достоинствен, како вистински чеда на едната, света, соборна и апостолска Црква, таа благодат постојано ќе нè крепи и заштитува и ќе ни дава сила да можеме сите маки и страдања, искушенија и падови да ги надминеме и да останеме членови на Христовата црква.
Во нашиот животен од, треба да се стремиме кон совршенство, бидејќи Самиот Христос ни вели: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец Небесен" (Мт. 5, 48). Не треба да заборавиме дека, во тој наш од кон вечноста, односно кон Бога, секогаш ни помагаат и Божјите угодници. Тие, со нивниот праведен живот се удостоиле да се населат во царството Божјо, постанувајќи членови на небесната Црква, членови на Црквата што слави. Додека, пак, ние сме членови на Црквата којашто војува и којашто се бори да се издигне кон вечноста. И земната и небесната Црква е една, Христова, бидејќи Црквата е Тело Христово.
И ние денеска, кои се наоѓаме во овој свет манастир, посветен на св. Атанасиј Велики, да се обратиме со искрена молитва кон овој Божји угодник. Да ни ја зацврсти верата, закрепи надежта, засили љубовта, како кон Бога така и помеѓу себе, па достоинствено да го носиме името христијанско. По неговите молитви да измолиме милост и Божјата благодат да слезе врз нас и да спечалиме вечен и блажен живот.
Св. Атанасиј, моли Го Бога за нас!
Св. Атанасиј Велики – летен
15. 05. 2018 година
Манастир „Св. Атанасиј Велики" – метох на манастирот „Св. Наум Охридски" – Охрид





