„Со псалми и песни, луѓето го слават твојот славен спомен, Георгие, кој се покажа светол и чесен, украсен со благодат и слава. Затоа сега се веселат ангелските чинови, а мачениците со апостолите ги слават страдањата на твоите подвизи, и Го воспеваат нашиот Спасител - Христа Бога, Кој те прослави тебе. Него моли Го, да ги спаси и просвети душите наши“ (литијна стихира на Вечерна на св. вмч. Ѓорѓи).
Во предвечерието на празнувањето на великиот маченик Ѓорѓи Победоносец, на 05.05.2018 година, во манастирот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Рајчица, Дебар, беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Амдинистратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, игумен на манастирот, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Кирил, свештениците Љупчо Бакрачески, Миле Ангеловски и Александар Димоски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. Споменот на светиот вмч. Ѓорѓи стана уште попразничен во светата обител во Рајчица, која доби уште еден Христов војник, сестрата Серафима, која од рацете на Митрополитот Тимотеј беше потстрижена во монашки чин. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. На самиот крај, игуменот на манастирот, архимандритот Партениј, од негово име, како и од името на сето монашко братство и сестринство, му подари на Митрополитот Тимотеј патерица од светиот град Ерусалим, посакувајќи му уште долги и богоугодни архипастирски години и мудро раководење со словесното стадо.
Sports brands | Buy Yeezy Slides 'Core' - Kanye West x Adidas — Ietp
Митрополит Тимотеј
Христос воскресе!
Драги браќа и сестри,
Со оваа вечерна богослужба, нашата света Црква го започнува прославувањето на светиот великомаченик Георгиј Победоносец. Овој млад и талентиран војсководец, уште од најмлади години ја запознал Христовата вистина, односно словото Божјо. Вистината, во словото Божјо, се одразува како во огледало. Во тоа свето огледало – Божјото слово, можеме да ја видиме Божјата вистина. Вистината која ниту нè лаже, ниту, пак, нè соблазнува. Божјата вистина, сè што ни открива и сè што ни ветува, тоа и го исполнува. Ние, пак, како ограничени и слободни битија, честопати, со нашиот ум не можеме сето тоа да го разбереме и да го сфатиме.
Уште во Стариот завет се вели: „И вистината Господова пребива вечно" (Пс. 116, 2). Се поставува прашањето, зошто? Затоа што Самиот Господ Исус Христос ја пази Својата вистина. „Твоето слово е вистина" (Јн. 17, 17). Словото на вистината е од почетокот на светот. Неа ја пазеле светите патријарси. Тие на вистината биле научени од Самиот Бог. Таа вистина ја проповедал Мојсеј во своите книги и го учел израилскиот народ. На пророците, исто така, им била откриена вистината на словото и истата им ја проповедале на луѓето. За таа вистина се проповедало од почетокот на светот, па сè до доаѓањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Господовата вистина пребивала неизменливо во сите времиња и сите што ја следеле се спасувале.
Кога дојде Господ Исус Христос во светот, таа светлина засветли уште појасно и уште посилно. Засветли светлината којашто патријарсите ја запазувале а пророците ја проповедале. Господ Христос одново ни даде закон на словото Божјо. Он ни даде учење, чуда, страдање и со Својата Крв ја утврди вистината. По Христа, апостолите го проповедаат истото слово. Но, вистинитоста на словото, светителите Христови и нивните наследници – учители, ни го протолкуваа и разјаснија. Целата Црква таа вистина ја пази и ќе продолжи да ја чува до крајот на светот. Затоа, словото на вистината, како вистина Господова пребива вечно.
Мачениците, како свети мажи и пратеници Христови, ја примија вистината, ја запазиле и истата со својата маченичка крв ја запечатија. Тие не се посомневале во таа вистина. Следејќи ја вистината, го отфрлиле овој свет. Не само што отфрлиле сè, туку, презреле сè во овој свет. Презреле слава, чест, богатство и младост. Се овенчале со маченички венец за Господа Христа и за Неговата вистина.
Дали има некој што сака да умре за соблазна или за лага? Никој! Соблазната е непостојана и плашлива. Додека, пак, вистината е постојана и непоколеблива. Соблазната се појавува, но и исчезнува како дим, додека, пак, вистината Господова престојува вечно.
Светите маченици нè поучуваат дека не е доволно само по име и формално да се нарекуваме христијани. Потребно е нашата вера да ја сведочиме со нашиот живот и сите соблазни, сите препреки и искушенија кои се неминовни во нашиот живот, должни сме храбро, херојски, достоинствено и христијански да ги поднесуваме и од Христа Бога да не се оддалечуваме. Ако имаме силна и непоколеблива вера, тогаш и Бог испраќа благодат врз нас. Благодат којашто нè крепи и нè зацврстува. Помогнати од благодатта Божја ќе можеме сè да пребродиме во нашиот живот и да спечалиме царство небесно.
Вечерва присуствуваме на еден извонреден чин, посветување на Бога на една млада личност, која се откажува од овој свет угледувајќи се на Божјите угодници. Следејќи го нивниот пат да го помине својот живот во молитва и послушание, а во заедница со сестринството на оваа света обител. Под закрилата на светиот вмч. Георгиј, да може да ги пребродува сите искушенија и страдања што животот неминовно ги носи во овој преоден живот. Угледувајќи се сестро Серафима на св. вмч. Георгиј и на сите свети маченички што вечерва ги спомнавме при чинот на монашењето, нека ти бидат пример и углед во твојот подвижнички живот, па достоинствено и чесно да го носиш монашкиот образ за прослава на Бога, за афирмација на оваа света обител, а за спасение на твојата душа.
Св. Георгиј моли Го Бога за нас! Христос воскресе!
Св. вмч. Георгиј - вечерна
05. 05. 2018 година
Манастир „Св.вмч. Георгиј" – с. Рајчица, Дебар










