„Сегашниов Празник е Пасха: Пасха тајна, Пасха божествена, Пасха спасителна, Пасха која во бесмртен живот нѐ преведува, Пасха која отклонува секаква тага од нашите срца, Пасха весела, која на учениците благодат им дава. Затоа Тома викаше: Ти си мојот Господ и Бог, Кој го заплени царството адово“ (стихира на Господи повикав... во Среда од Втора седмица на Пасха).   

 

На 18.04.2018 година, во Средата од втората седмица на Пасха и на празникот Упокоение на свети Методиј Солунски, во вечерните часови, во храмот „Св. Наум Охридски“ во Аделаид, беше отслужена Вечерна празнична богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Димче Ѓорѓиески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. Потоа Митрополитот Тимотеј, заедно со својата придружба, имаше средба со управата на овој наш македонски храм во Аделаид, на која беа разгледани повеќе прашања и проблеми околу функционирањето на храмот и црковната општина. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.

Running sports | Nike Shoes, Clothing & Accessories

 

Митрополит Тимотеј

Христос воскресе!

Драги браќа и сестри,

Се наоѓаме во Велигденски торжествен период, кога ние го прославуваме празникот над празниците и торжеството над торжествата. Ја прославуваме победата на животот над смртта, бидејќи нашиот Спасител Господ Исус Христос го победи демонот, ја отвори адската порта и го избави човечкиот род од смртната сенка. Затоа, и ние, од Велигден до Спасовден, радосно се поздравуваме со Христос воскресе и отпоздравуваме Навистина воскресе. Но, и покрај славењето на Воскресението Христово, ние, сепак, не ги забораваме останатите Божји угодници. Не забораваме да ги славиме, чествуваме и да им се молиме, очекувајќи нивна поткрепа, застапништво и помош. Така, денес го прославуваме Успението на големиот словенски просветител и учител, св. Методиј Солунски.


Од житието на св. Методиј знаеме дека потекнувал од Солун и по мајка бил Словен и така го изучил словенскиот јазик. Уште како млад изучил војни училишта и бил десетгодишен управител во словенските предели. Но, раководен од длабоката вера, заедно со неговиот брат Константин, односно, Кирил, се повлекле во манастир на Олимп, во Мала Азија, каде во монашки подвиг се подвизувале во молитва и пост. По некое време ќе бидат повикани од Византискиот император и ќе бидат испратени на мисија помеѓу Хазарите, денешен Крим, каде што ќе го проповедаат словото Божјо. Таму ќе претрпат разни страдања и маки, а потоа, од стана на Византискиот император ќе бидат испратени во Моравската мисија. Таму, во денешна Чешка и Словачка, ќе го проповедаат Евангелието на словенски јазик. За таа цел, ќе ја преведат Библијата и основните богослужбени книги, од грчки на словенски јазик, и ќе имаат огромна успешна дејност помеѓу словенските народи во IX век. Св. Методиј ќе се истакне и во правната дисциплина, па за таа цел ќе го преведе Номоканонот во XIV наслови на св. Фотиј Цариградски.


Св. Методиј во Моравија и Панонија, ќе претрпи големи страдања од страна на германското духовништво. Тие, ќе го обвинуваат дека проповеда на недозволен јазик, бидејќи сметале дека словото Божјо може да се проповеда само на три јазици, односно, на еврејски, грчки и латински. Од таа причина св. Методиј, заедно со неговиот брат, св. Кирил, ќе патува и во Рим да се правда пред папата Адријан. Таму, наместо да бидат осудени, биле свечено пречекани и словенските книги биле благословени, со кои отслужиле служба во санта Марија Маџоре во Рим.


Св. Методиј се враќа повторно во Панонија да го продолжи мисионерското дело, но, од страна на кнезот Коцел, ќе биде вратен во Рим за да биде ракоположен во епископ. Како епископ се враќа и ќе ја продолжи епохалната мисионерска дејност во денешна Словачка. Но, непријателите од латински обред, постојано го обвинувале и во Рим и во Цариград и со најразлични сплетки му го загорчувале животот. Така, на стари години бил ставен во затвор и од таму бил ослободен по интервенцијата на папата Јован VIII. Св. Методиј, како епископ, се упокојува во Господа на 06. април, 885 година.


Севкупниот труд на светите браќа Методиј и Кирил бил да го просветлат и осветлат словенскиот народ со Евангелското слово на Господа Бога. Евангелие значи добра вест. Евангелието ни зборува за најважната работа на човековото постоење, а тоа е спасението и вечниот живот на родот човечки. Како што Преблагиот Бог е гладен и жеден за нашето спасение, така и ние, треба да бидеме гладни и жедни за нашето спасение. Како што гладниот бара леб а жедниот вода, така и ние треба да го сакаме и да го бараме спасение. Кога гледаме колкава грижа покажува Милостивиот Бог, а сѐ со цел, да нѐ обрати кон покајание и да нѐ спаси, колку, пак, ние, сме должни да покажеме труд и грижа за нашето спасение. Во овој свет потребни ни се и храна и облека, но, спасението е најважното нешто. Спасението на родот човечки е прескапо платено. Тоа е платено со крвта Христова. Платено, за повторно да нѐ однесе од земјата кон небото. Неслучајно во св. Евангелие се вели: „Каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости?" (Мт. 16, 26).


Па и ние денеска, да се обратиме со искрена молитва кон св. Методиј. Да ни ја зацврсти верата. Да ни ја утврди надежта и зголеми љубовта. Па, и ние, со нашите постапки, да се трудиме за спасението на нашите души и да го наследиме царството небесно, преку молитвите и застапништвото на св. Методиј и останатите сесловенски учители и просветители. Амин.

 

Христос воскресе! За многу години.

 

Упокоение на св. Методиј Солунски
18. 04. 2018 година
Храм „Св. Наум Охридски" – Аделаид, Австралија

 

vecernaadel2018 1vecernaadel2018 2vecernaadel2018 3vecernaadel2018 4vecernaadel2018 5vecernaadel2018 6

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5