„Денес се изврши големо и преславно чудо, зашто Христос од гробот го воскресна четиридневниот мртовец, откако го повика. И ние го славиме Него како преславен, по молитвите на праведниот Лазар, да ги спаси нашите души“ (стихира на Слава... на Хвалитни стихири на Утрена на Лазарева сабота).
На 31.03.2018 година, во Саботата од шестата седмица на Великиот пост - Лазарева сабота, во храмот „Св. Петка“ во Рокдејл, Сиднеј, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која ќиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Димче Ѓорѓиески и Ѓорѓи Лапоски, протоерејот Александар Ивановски, свештеникот Владо Недески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше отслужен парастос за сите порано упокоени ктитори и приложници на овој свет храм, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Running sport media | Nike Air Max 270
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Нашиот Господ Исус Христос, додека ја извршуваше спасителната мисија на земјата, воедно и го подготвуваше народот за примање на спасителното учење, односно Неговата наука. Он му правеше многу добродетели на човечкиот род: ги лекуваше болните од секакви болести, на слепите им го враќаше видот, на парализираните - одот, а им помагаше и на другите страдалници. Така, Он го воскреснува умрениот син на Јаировата вдовица, а денеска, пак, се случува уште едно невидено чудо во историјата.
Господ Христос, подготвувајќи се за пат кон Витанија, им вели на Своите апостоли дека Лазар, Неговиот пријател, заспал и дека треба да одат, за да го разбудат. Апостолите не ги разбрале овие алегорични зборови од Господа, па кажале: „ако заспал, ќе се разбуди" (Јн. 11, 12). Но, Христос не мисли на обичен сон, туку сонот го поистоветува со упокојување. Кога ќе пристигне во Витанија, каде што живеел Лазар, неговите сестри, Марта и Марија, кога слушнале дека доаѓа Христос, излегле да Го пресретнат. Марта, пресретнувајќи Го Христа, Му вели: „Господи, ако беше Ти овде, брат ми немаше да умре" (Јн. 11, 21). Христос ѝ одговара: „Твојот брат ќе воскресне"(Јн. 11, 23). Марта му вели дека знае дека ќе воскресне, но на сеопштото воскресение. Ја повикува и сестра ѝ Марија, а, таа, пак, исто така од жалост ги повторува зборовите на Марта. Но, Христос не ја испитува нејзината вера. Христос знае дека таа е цврсто уверена и убедена во Неговата наука. Затоа и им вели: Да појдеме на гробот Лазаров. Кога пристигнува на гробот, наредува да се оттргне гробниот камен со кој бил затворен гробот на Лазара. Марта реагирала, укажувајќи дека е веќе четврти ден откако е погребан и телото веќе е во процес на распаѓање и создава непријатен мирис. Но, Христос застанува пред гробот и извикува со силен глас: "Лазаре грјади вон (Лазаре излези надвор)!" (Јн. 11, 43). Лазар веднаш се разбудил, а Христос наредил да ги одвиткаат повоите со кои бил завиткан Лазар според јудејскиот обичај.
Ова чудо брзо се прочуло по цела Палестина, а особено во Ерусалим, кој се наоѓа во непосредна близина. Со воскресението на Лазара, Господ Исус Христос сака да нѐ поучи и да ни каже дека човекот е создаден од Бога за вечност, а истовремено дека смртта не е Божја креација, туку таа се појавува како последица на гревот. Исто така, Христос покажува дека Тој има власт над смртта, како и над гревот, па секој кој ќе поверува и биде крстен во името на света Троица ќе има вечен живот.
Од светите Евангелија кои го опишуваат животот и делувањето на Господа Христа, а особено тригодишната месијанска и проповедничка дејност, никаде нема забележано дека Он се шегувал, се смеел или дека покажувал други особености како сите ние обични луѓе. Но, забележано е дека три пати ги покажува Своите човечки емоции, односно дека просолзел. Првото просолзување ќе биде забележано токму за смртта на Лазара, Неговиот голем пријател. Преку ова просолзување, Христос не плачел само за Лазара, туку плачел за родот човечки, кој поради своите слабости, непослушности и слободоумности спечалува смрт, наместо живот вечен. Воскресението на Лазара ни укажува дека ако имаме вера во Бога и живееме според редот и поредокот што светата Црква го воспоставила за своите верници, ќе можеме да спечалиме вечен живот.
Иако смртта како неминовност, поради престапот на нашите родители во рајот, ќе настапи, сепак душата како бесмртна ќе наследи вечност. Таа, пак, вечност може да биде различна. Секој христијанин има можност да избере два различни патишта. Едниот е тесен, стрмен, трнлив и тежок, бидејќи тој бара од нас да се бориме во овој свет со сите наши слабости, со сите пороци и страсти кои постојат кај секој човек, бидејќи поседуваме падната природа. Доколку во временскиот период што ни е даден од Бога да го живееме тука на земјата, ние го победиме злото и гревот, тогаш тој трнлив пат ќе нѐ однесе во вечен и блажен живот. Другиот, пак, пат е широк, без препреки, нема ограничување, нема борба со нашите слабости и страсти, туку сѐ е дозволено во овој свет. Тој пат неминовно води во вечен и мачен живот каде што „има плач и крцкање со заб и вечен оган" (Мт. 13, 50).
Прославувајќи го денес воскресението на четвородневниот Лазар, да се поучиме од неговиот чесен живот, од неговата предаденост кон зборовите и науката на Христа, па и ние во нашиот живот да се трудиме со искрена вера, срце и душа да ги восприемаме зборовите на Господа Христа, кои нѐ повикуваат да го земеме својот крст и да Го следиме Христа, бидејќи Неговиот јарем е благ и Тој ќе ни даде вечен и блажен живот.
По молитвите на свети Лазар, Бог нека ги услиши нашите молби и прозби и нека ја приклони Неговата милост кон нас, за да можеме достоинствено да го одиме патот којшто води во Царството Божјо, сега и во сета вечност. Амин.
31.03.2018 година
Лазарева сабота
храм „Св. Петка"
Рокдејл, Сиднеј







