„Кога со посниот подвиг ги заузда сите телесни нагони, ја покажа храброста и цврстината на твојата душа; сакајќи да го видиш крстот Господен, самата себе се распна за светот, сечесна. Оттука и желбата твоја да живееш живот ангелски, себлажена. Моли Го Христа Бога да им дарува прошка на гревовите на оние што со љубов го слават твојот свет спомен“ (кондак на преп. Марија Египетска во Неделата од петта седмица на Великиот пост.).
На 25.03.2018 година, во Петтата недела од Великиот пост, во храмот „Успение на Пресвета Богородица Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Ѓорѓи Блажевски и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Buy Sneakers | Air Jordan Release Dates Calendar
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Во денешното Евангелско четиво, прочитано на светата Литургија, нашиот Спасител Господ Исус Христос, на Неговите ученици им кажува дека Му претстои страдање. Му претстои осуда, распнување, но и воскресение во третиот ден. Неговите ученици не покажуваат никаков интерес, уште помалку некакво си сожалување за Неговото страдање. Наместо сожалување, браќата Јаков и Јован Заведееви, се обраќаат кон својот Учител и од Него бараат да ги постави, едниот од десната, а другиот од левата страна, кога ќе отиде „во Неговата слава" (Мк. 10, 37).
Овие двајца ученици покажуваат еден егоизам и желба за владеење над другите луѓе. Интересно е што Господ Исус Христос, нивното барање и нивните желби не ги осудува, туку, им покажува дека Он нема власт да ги постави лево или десно од Себе, туку, ги поучува велејќи им: „Кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга" (Мк. 10, 43).
Во човековата природа поставена е задачата, односно стремежот за развивање и совршенство. Често пати луѓето, своето достоинство и постигнувањето, го определуваат со нивната положба. Со положбата којашто ќе ја остварат во овој свет, односно, во средината каде што престојуваат. Затоа, барањето да заземат повисока позиција, ја диктира самата природа на луѓето. Но, во животот, тој стремеж, често пати го води човекот во погибел. Човекот кој ќе се оддаде само на славољубието и честољубието, ги употребува сите сопствени сили да застане високо над другите луѓе. Се бори да се доближи до својот претпоставен, односно до неговата десна или лева страна, но не до Господа, туку, до неговиот земен претпоставен. На почеток се труди да биде само влијателен, или да остварува влијанија врз него, а со време и да го заземе неговото место.
За восхитување е тоа што Господ Исус Христос не ги осудува своите ученици, коишто побарале да бидат повисоко во царството небесно. Он не ги прашува, зошто го бараат тоа, кога Он им зборува за Неговото страдање. Он не вели дека тие мислат погрешно и дека тоа што го бараат е грев, туку, ги поучува што значи тоа човек да има висока положба. Неговата задача е да им служи на другите луѓе, односно, да прави добродетели на сите луѓе околу себе.
Желбата и стремежот за власт и положба може да биде гревовна и, буквално, погубна за човековата душа. Желбата ќе биде погубна ако се бара само за своја лична цел, без разлика дали било тоа во материјална, социјална или политичка цел. Затоа, секој кој бара да господари над други луѓе е грев. Слободните луѓе се должни својата волја да ја потчинуваат, не на други луѓе, туку на Бога. Постои тајна во човековата власт, која ние, до крај, не можеме целосно да ја разбереме. Но, во таа тајна има морално и Божјо мерење. Власта се преобразува во спасение кога таа се насочува кон служење на другите луѓе. Колку еден човек се издигнува по скалилата на својата служба, односно, власта, толку повеќе потребно е внатрешно смирение и употреба на својата положба за доброто на останатите луѓе. Тоа може да биде од политичка, економска и од друга природа. На пример, секој богат човек има некоја власт. Доколку таа власт и тоа богатство, ги ползува за да покаже своја сила, моќ и нечовечност, тој ја губи својата душа. Но, доколку, пак, го користи своето богатство и власт за да прави добри дела и да им помага на луѓето, тој, тогаш, Му служи и на Бога и на луѓето. Со други зборови, самото богатство само по себе не е зло, или, пак, грев, туку, начинот на кој со него се управува и за каква цел истото се ползува.
Власта не е важна само во материјалниот свет. Власта, исто така е присутна и во духовниот свет, односно, кај архиереи и свештеници. Тие имаат духовна власт над своите поверени духовни чеда и доколку истата ја употребуваат, поточно, злоупотребуваат, градејќи од себе идоли и светии, тие не само што си штетат себеси, туку, им штетат и на своите духовни чеда. Со тоа покажуваат славољубие, честољубие, а во краен случај тоа преминува и во болест, односно преминува во прелест.
Да се обратиме со искрен молитва кон нашиот Спасител Господ Исус Христос. Да ни даде сила и разум правилно да постапуваме со власта што ни е дадена и истата да ни биде за корист на нашите души и на поверените ни духовни чеда и верници. Амин!
Петта недела од Великиот пост – Недела на св. Марија Египетска
25. 03. 2018 година
Храм „Успение на Пресвета Богородица – Каменско" – Охрид





